Истражувањa

„Скопје 2014“: Првин се раѓа споменикот, а потоа идејата за него!?

Најголем дел од личностите за кои биле подигани спомен-обележја, пост фестум се внесени во Програмата за споменици, откако веќе биле склучени договори за нивна изработка

Немаше некаков смислен систем за изместување на процедурите при изградбата на споменици. Сѐ беше резултат на една хаотична ситуација во која најчесто еден човек одлучуваше за изгледот на градското јадро. Вака, извори од ВМРО-ДПМНЕ, ги правдаат и објаснуваат утврдените девијации во мега-проектот „Скопје 2014“, според кои, најголем дел од личностите за кои биле подигани спомен-обележја, пост фестум се внесувани во Програмата за споменици, откако веќе биле склучени договори за нивна изработка.

„Не можете да донесете темелна Програма или таква која нема да подлежи на дополнувања, ако некој на два дена испорачува нови идеи за споменици, обележја, фонтани… Па уште повеќе ако потоа за дел од нив се премислува. Тоа е пиши – бриши ситуација, формално покриена со авторски потписи на архитекти, кои во 70 отсто случаи немаа никаква врска со ‘нивните’ идејни решенија. Само вцртуваа нечии желби од типот – ‘сакам да изгледа како комбинација од ова и ова’. Па се покажуваа како урнек столбови од објект во Париз, прозорци од зграда во Виена, орнаменти од музеј во Италија – и се прецртуваа“, објаснуваат соговорниците, опишувајќи ја малку познатата страна од раѓањето на „Скопје 2014“.

Според нив, „на масата“ ретко флуктуирале авторски идеи, а најмногу фотографии од неокласицистички објекти од повеќе европски престолнини.

„За жал, немаше ни архитекти, во смисла на искуство и релевантност. Некои млади деца седнати во кабинет прецртуваа од фотографии, копираа, комбинираа разни елементи, така како што ќе им се кажеше. Нешто како ‘ресавска школа’ во архитектурата. Препиши и терај. Тоа беше сѐ. Каква Програма може да ги испланира ваквите експерименти?“, велат соговорниците.

Првин договор – потоа Програма

Согласно членот 17 од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја, „животот“ на еден споменик почнува кога Советот на општината (или Собранието на РМ) ќе донесе Програма за одбележување на значајни настани и личности со спомен-обележја, која се носи за период од пет години.

Во која Програма се тие?
Со ревизорскиот извештај на општина Центар утврдено е дека постојат спомен обележја и други објекти за кои не постои соодветна информација дали и на кој начин биле предвидени во програмите. Како такви се посочени 18, меѓу кои Мостот на уметноста 1 и 2, лавовите на мостот „Гоце Делчев“, двете фонтани во Вардар, Ротондата (зградата на ЈП „Водовод“), Колонадата, плоштадите „Карпошово востание“ и „Пресвета Богородица“, Летниковецот… Сумата потрошена за изградба само на овие девет објекти надминува 61 милион евра.

Програмата се усвојува со мнозинство гласови од присутните членови, а Советот именува Одбор за подигање спомен-обележје. Согласно со членот 10, Одборот распишува јавен конкурс за изработка на идеен проект, се грижи за спроведување на конкурсната постапка и за изборот на проектот што ќе се реализира.

Вака утврдениот законски ред, во практиката на „Скопје 2014“ бил сведен на фарса. Тоа го потврди и извештајот на Комисијата формирана од градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, за да ја утврди фактичката состојба со градењето на спомениците во рамки на проектот „Скопје 2014“, а финансирани од општинскиот буџет.

„Најчесто целата постапка за подигање спомен-обележја била спроведувана пред воопшто да биде донесена Програма или дополнување на Програмата за одбележување значајни настани и истакнати личности со спомен-обележја. Најголем дел од личностите за кои биле подигани спомен-обележја биле воведувани во Програмата откако се склучени договорите за нивна изработка, односно програмите се носени пост фестум, со цел да се задоволи формата и законската обврска“, констатираа авторите на извештајот, д-р Слаѓана Тасева и Драган Малиновски.

Многу договори за подигање споменици и обележја ѝ претходеле на Програмата донесена на 5.02.2009, наместо таа да им претходи ним. Истиот тренд продолжил и во периодот од 5.11.2009 до 28.12.2012 година, кога биле донесени уште девет одлуки за нејзино дополнување.

Советници или ослепени Самоилови војници?

Во случајот на споменикот на Цар Самоил, по сите овие процедури - последна доаѓа онаа што според законот требало да биде прва / Фото: БИРН

Во случајот на споменикот на Цар Самоил, по сите овие процедури – последна доаѓа онаа што според законот требало да биде прва / Фото: БИРН

Примери има многу, а ревизорската комисија како прилично илустративна ја посочува постапката за споменикот на цар Самоил. Иницијативата од Министерство за култура (бр. 41-3060/1) датира од 4 март 2008 година. Одлуката од Советот на општина Центар (бр. 07-648/4) стигнува десет дена подоцна, на 14 март. Извештајот од Одборот до Советот на општина Центар е доставен на 9 јуни.

На 27 јуни следи заклучок на Советот за прифаќање на извештајот. Решението за потреба од Јавна набавка за изработка на скулптура на Цар Самоил во мермер (бр. 08-1542/4) е донесено на 29 септември, иако два месеци претходно на 8 јули авторот доставува пресметка за цената на чинење за изработка на мермерната скулптура и релјефи, во висина од 105 илјади евра и истиот ден го потпишува договорот на таа сума за изработка на идеен проект и изработка на модели скулптури и релјефи.

По сите овие процедури – последна доаѓа онаа што според законот требало да биде прва. Цар Самоил на 5 февруари 2009 година влегува во Програмата за обележување значајни настани и истакнати личности објавена во Службен гласник на општина Центар број 4, односно десет месеци откако во Министерството за култура е „родена“ иницијативата за неговиот споменик.

Многу вакви обратни редоследи поминале во Советот на општина Центар, небаре им биле подметнати на ослепени Самоилови војници, а не на советници обврзани да ги почитуваат и спроведуваат законските процедури. Јован Тагасовски, советник од редовите на СДСМ и во претходниот мандат, ваквиот епилог го објаснува со фактот дека тие немале увид во работата на Комисијата.

„Во почетокот на нашиот мандат, Советот формираше нова Комисија во која не членуваше ниту еден претставник од СДСМ. Не сакавме да бидеме во Комисија која на незаконит начин ги предлагаше имињата на личностите, без никакво појаснување и образложение за нивните заслуги“, објаснува Тагасовски.

Со тоа, советниците од СДСМ фактички останале без увид дали и што било предвидено со Програма, а што се покривало пост фестум со нејзино донесување и постојано дополнување.

„Предлог-програмата прво поминуваше низ Комисија за изградба на споменици, формирана од страна на Советот на општината. Во таа комисија не членуваа преставници од СДСМ. Тие што членуваа беа добро наградувани за својата работа, за што во почетокот на нашиот мандат ја запознавме јавноста. Како советници ја критикувавме и нејзината работа и висината на земените паушали“, вели Тагасовски.

Со оглед на тогашниот распоред на силите, СДСМ со 11 советници, а ВМРО – ДПМНЕ со 12, не било тешко сите одлуки на мнозинството да поминат во Советот.

За приоритетноста на Програмата немало ни кој да праша.

Под лупа на финансиската полиција

Поради ова, но и серија други утврдени незаконитости утврдени преку ревизијата на постојната документација – местење тендери и незаконски јавни набавки, на 30 ноември 2013 година градоначалникот на општина Центар во Обвинителството поднесе кривична пријава. Оттогаш до денес поминаа две години во молк.

На прашањето на БИРН, дали Јавното обвинителство постапува и до каде е постапката по кривичната пријава доставена од општината Центар по комисискиот наод за проектот „Скопје 2014“, оттаму стигна кус одговор.

„По прибирање на докази и релевантен материјал во предметот за кој прашувате, надлежен јавен обвинител го испрати предметот во Управата за финансиска полиција за да се изврши потребна дополнителна анализа на доказите и материјалите. По расветлување на предметот, ќе следи јавно обвинителска одлука за натамошното постапување“, соопшти Обвинителство.

Извори од Обвинителството велат дека ова објаснување „трае подолго време“, но не се сигурни дали тоа е претворено во своевидно алиби или нештата одат бавно поради релативно малиот кадровски тим во финсиска полиција, на кој му треба време за да одговори на барањата.

Вања Михајлова, поранешен член на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) е зачудена од пасивноста на надлежните и укажува кои сѐ институции досега морале да реагираат и да преземат постапки.

„Донесувањето Програми за одбележување значајни настани и истакнати личности со спомен обележја, пост фестум, е спротивно на јасните законски одредби и за тоа треба да се сноси одговорност во правна држава. Поради сериозноста на повредите на законските процедури, обемот на финансиски средства вклучени во проектот „Скопје 2014“ и сомневањата за злоупотреба и корупција, сите надлежни органи, а пред сѐ, Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, Државното правобранителство и други, имаа и сѐ уште имаат законска обврска да ги преземат сите мерки од нивната надлежност за утврдување одговорност за ваквите груби прекршувања на регулативата. Зачудуваат молкот и пасивноста на сите овие органи да постапат по наодите од ревизорскиот извештај на општина Центар, но и по оценките од Извештаите на ЕК кои се однесуваат токму на овој контроверзен проект“, вели Михајлова.

Но, нејзините колеги од сегашниот состав на ДКСК веројатно не мислат така. Одговорното лице задолжено за односи со јавноста ниту одговара на телефонот посочен за контакт, ниту одговара на прашањата испратени до Комисијата по електронски пат.

И поранешниот претседател на ДКСК, Ѓорѓи Сламков, одбива да одговори на прашањето дали во неговиот мандат е отворена постапка за овој случај, со образложение дека „не сака да се меша во работата на сегашното раководство на Комисијата“. На забелешката дека прашањето се однесува исклучиво за учинокот во неговиот мандат, еднострано го прекина телефонскиот разговор.

Но, Сламков не е единствениот кој не сака да се меша во работи кои биле или се негова надлежност. Недостапни за објаснување на постапките се и поранешните градоначалници на Центар, кои со Законот за локална самоуправа имаат надлежност да вршат контрола на законитоста на прописите што ги носи Советот на општината (член 50, став 1 точка 2 од Законот), како и за контрола на законитоста на прописите на Советот пред нивното објавување.

Во членот 51 е утврдена должноста на градоначалникот во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето на секој пропис на Советот за кој смета дека не е во согласност со Уставот и законите.

Во однос на постапки поврзани со зачетоците на „Скопје 2014“ (кои датираат уште од ноември 2006 година), контрола на законитоста не направиле ни градоначалничката на Центар, Виолета Аларова, ни нејзиниот наследник Владимир Тодоровиќ, во чиј мандат проектот „Скопје 2014“ доживеа кулминација.