Регион

„Слобода, демократија, правда” со критики до косовската полиција

Филип Рудиќ, Белград

Фотографија од погребната поворка на Оливер Ивановиќ. Фото: Саша Ѓорѓевиќ/Бета

Ксенија Божовиќ, портпарол на партијата „Слобода, демократија, правда”, денеска ја критикуваше полицијата на Косово, бидејќи, како што реше, не открила ниту еден детал за убиството на лидерот на партијата, Оливер Ивановиќ, кое се случи минатиот месец.

„Вчера се навршија 20 дена од убиството на Оливер Ивановиќ. До денеска немаме никакви детали за истрагата, иако упорно ја повикуваме истражната единица во Митровица и полицискиот директор во Приштина“, рече Божовиќ за БИРН.

Ивановиќ беше убиен на 16 јануари во утринските часови, пред седиштето на неговата партија во Митровица. Почина откако беше пренесен во болница. ЕУ, Србија и Косово остро го осудија неговото убиство.

Србија и Косово ветија дека ќе разменуваат информации за истрагата, но во исто време тие меѓусебно се обвинуваат за недостиг на волја за соработка.

Косовскиот министер за правда, Абелард Тахири, во понеделникот изјави дека Белград сé уште не одговорил на четири барања за информации испратени од Приштина.

Тој додаде дека Косово испратило до Србија информација која што Белград ја барал, но дека српското Министерство за правда одбило да ја прими.

„Гледаме низ медиумите што се пишува и како се расправаат …а тоа уште повеќе нѐ боли”, рече Божовиќ.

Тaa нагласи дека истрагата за убиството, уште од самиот почеток, била „неуредна”, бидејќи полицијата на местото на убиството „пристигнала скоро 20 минути подоцна”, посочувајќи дека семејството на Ивановиќ и натаму се надева дека убиецот ќе биде идентификуван.

„Ќе му олесни на семејството, ако знае кој е убиецот”, додаде таа.

Ивановиќ се сметаше за умерен политичар кој се залага за соживотот меѓу српското малцинство и албанското мнозинство.

Му се судеше во обновен судски процес по обвинението дека дал наредбата за убиство на Албанци во Митровица во 1999 година. Изјави дека не е виновен.

Пред да биде убиен, Ивановиќ, во неколку наврати изјави дека прима закани.

Тој беше политички противник на партијата Српска листа, која има поддршка од Белград, а која денес е дел од косовската влада.