Ракопис

Смртта упаѓа во мешан брак

Едночинки: Животот е фарса

ЛИКОВИ:

МАЖОТ (45), левичар без работа
ЖЕНАТА (45), блондика, активист во унијата на жени на десничарската партија
ДЕВОЈКАТА (15), нивната ќерка, незаинтересирана тинејџерка
СМРТТА (тешко е да се одреди возраста)

Апартман. Дневна соба. МАЖОТ, облечен во тренерки, седи во фотеља и чека. Се отвора вратата од апартманот. Влегува ЖЕНАТА во сукња, кошула и сако. Со нејзе е уште една жена, облечена така како што би требало да биде облечена СМРТТА.

 

ЖЕНАТА: Еве не, стигнавме.
СМРТТА: Здраво.

(Мажот само гледа со подзината уста.)

СМРТТА: Дали може да си ги измијам рацете?
ЖЕНАТА: Секако, секако, купатилото е втората врата десно.

(Смртта влегува во купатилото)

МАЖОТ: Која е женава?
ЖЕНАТА: Ти кажав, се запознавме во возот. Веднаш ми стана пријателка.
МАЖОТ: Пријателка?!
ЖЕНАТА: Да.
МАЖОТ: Хахахахаха. Ова е некоја шега, така? Мене најдовте да ме зафркавате? Си немате попаметна работа…
ЖЕНАТА: Се запознавме пред малку во возот. На слегување од возот ми се скрши штиклата, госпоѓата ја зеде в раце и на некој волшебен начин ја поправи. Потоа пиевме кафе и ја поканив кај нас дома.
МАЖОТ: И тебе не ти е ништо чудно кај неа? Изгледа како да доаѓа од маскенбал.
ЖЕНАТА: Чудно е, да. Во денешно време добрите луѓе, оние кои им помагаат на други во неволја се чудо. Вчера удрија дедо на пешачки. Луѓето поминуваа покрај него, претпоставувајќи дека е мртов…
МАЖОТ: Да?! А ти што правеше?
ЖЕНАТА: Гледав од прозорецот, на работа бев, што можев… Не вреди да ти објаснувам…
СМРТТА: (Излегува од купатилото) Извинете ако ви пречам.
МАЖОТ: Не, не, повелете. Богдан.
СМРТТА: Смрт.

(Се ракуваат)

МАЖОТ: Молам?
СМРТТА: Задоволството е мое.

ЖЕНАТА: Кафе сме пиени, но може по едно мартини?
СМРТТА: Да, да, се разбира дека може. Иако не пијам додека работам, сега ќе направам исклучок.
МАЖОТ: А што работите?

(Смртта погледнува дали жената е излезена од собата)

СМРТТА: Не знаете што работи една Смрт?

(Жената влегува со чаша мартини)

МАЖОТ: Жено, мислам дека немаш мраз во чашата.
ЖЕНАТА: А јас мислам, односно сигурна сум дека не чув дека мојата пријателка рече дека сака мраз. Зарем не, драга?
СМРТТА: Да, секако, во право си, не реков. Но, твојот сопруг има добра антиципација, морам да признаам… Добро би ми дошле неколку коцки мраз и чаша студена вода.

(Жената пак се враќа во кујната)

МАЖОТ: Ајде кажувај по кого си дојдена?
СМРТТА: Молам?
МАЖОТ: По неа или по мене?
СМРТТА: Немам се уште решено.
ГЛАСОТ НА ЖЕНАТА ОД КУЈНАТА: Пак се направил мраз во фрижидерот затоа што ја оставаш вратата отворена!
МАЖОТ: Како тоа немаш решено?
СМРТТА: Опааа! Прејдовме на „ти“ веќе. Секогаш ли волку бргу се зближувате со пријателките на жена ви?
МАЖОТ: Не, не, извинете, госпоѓо…
СМРТА: Смрт.
МАЖОТ: Да, да, Смрт. Но, хахахахаха, јас не ви верувам. Сево ова ми изгледа како несолена шега.
ЖЕНАТА (влегува): Еве, повелете. Боги, не дека ни пречиш, но може ли барем… Уф, да, се сетив. Поради тоа со штиклата, не стигнав да купам ништо од списокот. (Вади лист со список за пазарење) Еве, повели, можеш ли те молам да скокнеш до продавница?
МАЖОТ: Хм… Да, да, некако и како да ми треба воздух…
ЖЕНАТА: Супер!

(Мажот излегува)

ЖЕНАТА: Па?
СМРТТА: Па, не знам баш…
ЖЕНАТА: Како не знаеш?
СМРТТА: Ќе ми треба уште малку време да размислам.
ЖЕНАТА: (Разочарано) Добро. (По кратка пауза) Не ти се допаѓа?
СМРТТА: Не дека не ми се допаѓа, но… Не станува збор за тоа.
ЖЕНАТА: Туку за што?
СМРТТА: Види, остави ме да размислувам, однесувај се природно, прашањава не ми помагаат.
ЖЕНАТА: Да, да, океј… Да се однесувам природно… Да се однесувам природно? Но, тоа е невозможно. Зарем некој се однесувал природно во твое присуство?
СМРТТА: Па, да.
ЖЕНАТА: Не знам, не е баш и некоја секојдневна ситуација, па да се однесувам природно.
СМРТТА: Знам. Но, обиди се.
ЖЕНАТА: Океј. Дали ти треба уште нешто?
СМРТТА: Колку време ќе му треба додека да се врати од продавница?
ЖЕНАТА: Па, неколку минути. Продавницата е во соседната зграда, одзади…
СМРТТА: Добро. Би сакала малку да медитирам. (го џапнува мартинито на екс)
ЖЕНАТА: Да медитираш?
СМРТТА: Да.
ЖЕНАТА: А јас што да правам?
СМРТТА: Што би правела кога јас не би била овде?
ЖЕНАТА: Би дремнала малку.
СМРТТА: Па дремни.
ЖЕНАТА: Да дремнам?
СМРТТА: Да.
ЖЕНАТА: Но, ти си овде. Да дремнам во ваква ситуација?
СМРТТА: Да. Се си е океј. Однесувај се природно. Ништо не можеш да промениш?
ЖЕНАТА: Сигурно ли не можам?
СМРТТА: Мхм.
ЖЕНАТА: Добро. Ако нешто ти треба, слободно послужи се.
СМРТТА: Може уште едно мартини, ако не е проблем. Обично не пијам кога работам, но денеска се чувствувам баш онака, скроз океј.
ЖЕНАТА: Добро.
СМРТТА: Со мраз те молам. Овојпат не е тука Боги да те потсети, па морам јас, хаха.
ЖЕНАТА: Дали оваа забелешка значи дека фаќаш негова страна?
СМРТТА: Не, не, немој така да ги гледаш нештата, се оптоваруваш без потреба. Тоа е само мојата лоша смисла за хумор, која… Која и не е толку лоша, но мојот проблем е што таму каде што јас се појавувам, никому не му е до смеење.
ЖЕНАТА: Па, да… Природно… (Излегува, се враќа со мартини) Повели.
СМРТТА: Фала.
ЖЕНАТА: Да одам сега да дремнам?
СМРТТА: Да одиш.
ЖЕНАТА: Но, некако ми се отспа…
СМРТТА: Прави нешто друго.
ЖЕНАТА: Што?
СМРТТА: Добро, жено, ќе ме оставиш ли да измедитирам ко чоек!
ЖЕНАТА: Да, да, извини, еве веднаш ќе испарам од собава… Додека да трепнеш…

(Жената излегува од собата)

СМРТТА: Мммммммммммммммм…. Ммммммммммммм…

(Влегува Мажот. Кружи околу неа, таа не го забележува)
МАЖОТ: Извинете…
СМРТТА: Ммммммммммммммм….
МАЖОТ: Извинете…
СМРТТА: Уф! Извинете вие. Јас се замедитирав малку… Дали купивте се што требаше?
МАЖОТ: Па, тоа што беше на списокот… Немаше од средството за миење садови што обично…
СМРТТА: Супер клинер ХХЛ?
МАЖОТ: Молам?
СМРТТА: Супер клинер ХХЛ?
МАЖОТ: Да. Како знаевте?
СМРТТА: Погодував. Имате во супермаркетот отспротива.
МАЖОТ: Нема белким да ме вратите за едно средство… А каде е Соња?
СМРТТА: Која Соња?
МАЖОТ: Како која? Жена ми?
СМРТТА: А Соња. Не знаев дека се вика така. Сигурен ли сте дека се вика така? Зарем не се вика Тања? (Го вади мобилниот. Врти некаде) Ало! Може ли уште еднаш името… Како? Па, во пораката не пишува Соња, туку Тања… Може ли уште еднаш да ми го издиктирате матичниот број? Не е тој! Така фино, не е тој! Ќе се жалам кај шефот, ова е петти пат овој месец да ми испраќате погрешни податоци… Не вие чујте ме добро. Не може поради вашата неспособна бирократура да одат непланирани луѓе, јасно! Ако ова се повтори уште еднаш, давам отказ! Јасно? Драго ми е ако се разбравме. Новите податоци ќе ви ги испратам по порака. (Спушта) Неспособни идиоти! Не се издржува веќе! Не ти ја почитуваат работата! Не, вистина не знам што правам се уште на истото работно место, за тие смешни пари… СМРТТА: Може ли нешто да ве замолам?
МАЖОТ: Да, кажете…
СМРТТА: Може ли да ја добијам вашата лична карта?
МАЖОТ: Молам?
СМРТТА: Вашата лична карта.
МАЖОТ: Зошто?
СМРТТА: Како зошто? Никогаш ли досега не ви побарале лична карта? За што би можела друго да служи лична карта освен за ваша идентификација? Немојте сега и вие да ми долевате масло на огнот, зашто сум многу нервозна, верувајте, многу нервозна… Зошто стоите тука и се ѕверите во мене? Дајте ми ја личната карта.
МАЖОТ: Да, се разб… Уф, мислам дека ја загубив.
СМРТТА: Како?
МАЖОТ: Мислам дека ја загубив.
СМРТТА: Како тоа сте ја загубиле?
МАЖОТ: Така… Не знам… Едноставно ја снема.
СМРТТА: Сигурен ли сте?
МАЖОТ: Да… Сто посто…
СМРТТА: Добро. Дајте ми што било, возачка дозвола, пасош, што било?
МАЖОТ: Аха… Немам…
СМРТТА: Како немате?
МАЖОТ: Па, така… се ми беше во истата чанта, знаете од оние педерушите имав и…
СМРТТА: И?
МАЖОТ: И исчезна. Сосе документите.
СМРТТА: Исчезна?
МАЖОТ: Да. А да ви ја донесам од жена ми?

(Во тој момент влегува жената. Се проѕева како да дремнала)

ЖЕНАТА: Еј, здраво. Извинете, јас сум легнала и…
СМРТТА: Дремнавте ли?
ЖЕНАТА: Уф, да. Супер се одморив.
СМРТТА: Одлично.
МАЖОТ: Лаже! Таа никогаш не се одмора попладне.
СМРТТА: Дали ќе бидете љубезна да ми дадете ваша…
ЖЕНАТА: Момент! (Оди во претсобјето. Носи педеруша) Мислам дека ова го баравте.
СМРТТА: Дали е тоа вашата педеруша?
МАЖОТ: Не… Да.. Леле, ја утепав од барање, а таа во претсобјето.

(Жената и ја подава на Смртта)

МАЖОТ: Не ти е срам! Си прислушкувала!
ЖЕНАТА: Мене да ми е срам. А тебе не ти е срам што лажеш дека си ја загубил и што ме местиш цело време…
СМРТА: Престанете! Од вашата галама не можам да работам. А и не е само до галамата, стомаков ужасно ме боли… Уф… (Се превиткува)
МАЖОТ: Што и стави?

(Жената молчи виновно)

МАЖОТ: Дали ја отру?
ЖЕНАТА: Не.
МАЖОТ: Немој да ми кажеш дека и стави од мојот лек против запек?
ЖЕНАТА: Да.

Смртта во нашето маало

Смртта во нашето маало / Фотографија на Џорџ Ходан

(Смртта се подисправува)

МАЖОТ: Дали си добро?
СМРТТА: Мислам дека ќе морам пак да ви го посетам тоалетот. Не е проблем нели?
МАЖОТ: Не, не нема проблем. Немој да се чувствуваш непријатно.
СМРТТА: Мислам дека морам без одлагање да одам во ве-це.
МАЖОТ: Добро.
СМРТТА: Нема да отидете никаде така?

(Вртат со главите)

СМРТТА: Зашто навистина не би можела повторно да барам нови луѓе. Вие некако ми се засвиѓавте. Ми легнавте при срце.
МАЖОТ: Мислам дека треба да одите во ве-це.
СМРТТА: Но, сепак, мора да се осигурам.
МАЖОТ: Што?
СМРТТА: Дајте ми ги клучевите од станот.
ЖЕНАТА: На вратата се.

(Смртта оди и заклучува, ги вади клучевите)

СМРТТА: Клучевите одат со мене во веце. Сигурно ли нема да се обидете преку терасата?
МАЖОТ: На седумнаесетти кат сме, госпоѓо…. Смрт.
СМРТТА: Да, така би отишле двајцата, а дојдена сум само по еден од вас.

(Влегува во ве-це. Се слуша пуштање од казанчето. По извесно време ја вади главата)

СМРТТА: Овде нема хартија.
МАЖОТ: Знам, имав и тоалетна хартија во списокот за пазарење.
СМРТТА: Додајте ми ја ве молам.
МАЖОТ: Заборавив да купам.
СМРТТА: Рековте дека сте заборавиле средство за миење садови.
МАЖОТ: И хартија. Може да одам да купам?
СМРТТА: Не, нема потреба. Ќе се послужам со пешкиров.
МАЖОТ: Но, тој ми е за лице.
СМРТТА: Не е препорачливо веќе да го користите за лице.

(Пак пушта вода и се враќа од тоалетот)

СМРТТА: Ок, сега сум многу подобро. Време е да завршиме со оваа работа.
ЖЕНАТА: Да, ајде веќе еднаш, напнатоста ме убива.
МАЖОТ: Ете, госпоѓо, напнатоста ја почна работата, вие само треба да ја завршите.
ЖЕНАТА: Педер еден, отсекогаш си посакувал да умрам!
МАЖОТ: Јас?! А кој ги оштети сопирачките на автомобилот?
ЖЕНАТА: Глупости, тоа не беше намерно, се обидов да ја поправам.
МАЖОТ: Се обиде да ја поправиш?!
ЖЕНАТА: Добро, тоа беше затоа што те фатив со онаа кобила во кревет.
МАЖОТ: Тоа не беше кобила, туку Мери. Секретарка.
ЖЕНАТА: Што и да е. Плус морав некако да ти вратам што стави солна киселина во мартинито.
СМРТТА: Мартинито?! Истово ова? Ќе ме отруете, идиоти!
МАЖОТ: Јас сум ставил киселина во Мартинито?! Не е точно, тоа беше чистачката.
ЖЕНАТА: Се разбира дека беше чистачката. Таа учтиво те праша каде да ја префрли солната киселина и ти и го донесе шишето, откако претходно го испразни во умивалникот.
СМРТТА: Престанете! Ако не престанете, ќе морам повторно да медитирам!
МАЖОТ: Оди!
ЖЕНАТА: Слободно!
СМРТТА: Чекајте, се уште се двоумам кого од вас да земам.

(Жената ја грабнува пдерушата и од неа вади пиштол)

ЖЕНАТА: Јас не се двоумам.
МАЖОТ: Остави го пиштолот на татко ми. (Откако Жената не го спушта) Добро, и така е празен…

(Жената испалува неколку метци во Мажот)

СМРТТА: Го уби.
ЖЕНАТА: Си заслужи.
СМРТТА: Но, јас немав се уште решено.
ЖЕНАТА: Јас имав. Мора да си поодлучна кога веќе се занимаваш со таква работа.
СМРТТА: Што ќе правиш сега?
ЖЕНАТА: Ќе се пријавам во полиција.
СМРТТА: Не ти е ли попаметно да се обидеш да побегнеш?
ЖЕНАТА: Можеби.
СМРТТА: Не. Не. Не доаѓа предвид, не го барај клучот од мене, не можам да го прекршувам работниот кодекс.
ЖЕНАТА: Тогаш ќе морам да се прекачам преку терасата.
СМРТТА: Тоа е добра идеја.
ЖЕНАТА: Но, ако паднам.
СМРТТА: Сопругот ќе биде среќен ако дојдеш со нас.
ЖЕНАТА: Нели рече дека си дојдена по еден од нас?
СМРТТА: Да. Но, шефовите никогаш не се лутат ако го натфрлам зацртаното.
ЖЕНАТА: Значи има шанси да паднам.
СМРТТА: Никогаш не се знае.
ЖЕНАТА: Сепак, ќе се обидам. Немам намера ова ѓубре да го лежам во затвор.
СМРТТА: И јас така би одиграла.

(Жената излегува од балконската врата. За кратко се слуша врисок, кој се губи некаде надолу. Смртта длабоко издишува, а потоа врти на мобилниот телефон)

СМРТТА: Ало. Да, готово е. Двајца. Како немате место? Не ме интересира, направете место. Моја работа е да ви носам луѓе, понатаму не ме интересира ништо. Да, благодарам. И уште еднаш сакам да нагласам дека од службата ми беа доставени погрешни податоци. Соња. Не, не требаше Соња, туку Тања. Идиоти!

(Смртта го исклучува телефонот. Ја отклучува влезната врата. На нејзин шок во тој момент вратата се отвора и влегува девојка)

СМРТТА: Која си ти?
ДЕВОЈКАТА: Јас тука живеам, а која си ти.
СМРТТА: Тетка Смрт.
ДЕВОЈКАТА: Кој?
СМРТТА: Тетка Смрт.
ДЕВОЈКАТА: Што бараш кај нас дома.
СМРТТА: Имав работа нешто. Кои вас?
ДЕВОЈКАТА: Како кои нас. Тука живеам со мајка ми и татко ми.
СМРТТА: Аха. Добро. Ми беше драго.
ДЕВОЈКАТА: И мене. Тања.
СМРТТА: Како?
ДЕВОЈКАТА: Молам?
СМРТТА: Името?
ДЕВОЈКАТА: Тања.
СМРТТА: Дали го знаеш твојот матичен на памет?
ДЕВОЈКАТА: Не.
СМРТТА: Ок. Ништо тогаш. Се гледаме во некоја друга прилика.
ДЕВОЈКАТА: Пријатно.
СМРТТА: Пријатно

Рубриката Ракопис е скромен обид на Призма да им понуди на своите читатели можност за литературно бегство од баналностите на македонската реалност. Секоја сабота наизменично ви нудиме раскази и драми, мал артифициелен арт остров во океанот секојдневни проблеми.