Интервјуа

Спасов: „Кембриџ аналитика“ работеше две кампањи на Балкaнот

„Соработката со Кембриџ аналитика дошла случајно, ги поврзал поранешен колега од факултет“ | Фото: БИРН

Тие што ја следат македонската политичка сцена, знаат кој е Никола Спасов. Како прв човек на агенцијата „Рејтинг“, во изборни кампањи често гостува на телевизија, презентира анкети и проценува која партија и кој кандидат ќе добијат најмногу гласови.

Неделава што измина немаше избори, меѓутоа Спасов повторно беше популарен, посебно на Твитер и на Фејсбук. И тоа само поради неговото „селфи“ со Александер Никс, веќе суспендираниот генерален директор на контроверзната „Кембриџ аналитика“.

Тоа е британската компанија, која е дел од еден од најголемите светски скандали, откако во медиумите, поранешен вработен ја обвини дека за кампањата на Доналд Трамп користела лични податоци на 50 милиони фејсбук-корисници, кои претходно биле користени надвор од овластувањата и од правилата на Фејсбук.

„Мислам дека истрагата многу бргу ќе заврши, претпоставувам за недела до две ќе се дознае вистината“, вели за БИРН Никола Спасов, кој од јануари 2017 година е единствениот претставник на „Кембриџ аналитика“ за Балканот.

„Селфито го сликав лани во Софија, бевме на состанок и на ручек со потенцијални клиенти таму и развиваме партнерска мрежа. Досега сум бил на повеќе состаноци со менаџментот на компанијата во неколку земји во регионот“.

Соработката дошла случајно, ги поврзал поранешен колега од факултет. Спасов сега контактира со потенцијалните клиенти од регионов и ги промовира услугите на компанијата.

Откако соработуваат, „Кембриџ аналитика“ работела на две изборни кампањи во регионот, меѓутоа поради природата на работата, тој не може да открие од каде се и кои се клиентите.

„Кембриџ аналитика нема работено во Македонија досега ниту на политички кампањи, ниту за комерцијални клиенти. Има работено на две кампањи во регионот, каде што јас лично сум бил ангажиран. Во тие кампањи апсолутно не биле користени никакви нелегални методи, напротив беа работени професионално и по врвни светски стандарди, преку користење напредни истражувачки и комуникациски алатки.“

„И Кембриџ аналитика е изманипулирана“

„Никој не ја обвинува компанијата дека конкретно таа направила упад во Фејсбук“ | Фото: БИРН

Приказната со „Кембриџ аналитика“, која експлодираше во светските медиуми во последниве десетина дена, има малку подолга историја.

Во моментов, работењето на компанијата се истражува во Велика Британија, каде што судот синоќа одобри налог за пристап до документите на „Кембриџ аналитика“, во истрага на комесарот за информации дали компанијата нелегално користела приватни податоци за корисници на Фејсбук за таргетирање при избори. Истовремено, во САД, Роберт Мулер ја истражува улогата на компанијата, во истрагата за поврзаноста на претседателот Доналд Трамп со Русија.

Спасов сака да потенцира дека сега никој не ја обвинува компанијата дека конкретно таа направила упад во Фејсбук и собрала лични податоци за 50 милиони корисници, каков што е општиот впечаток во јавноста.

„Кембриџ аналитика“, објаснува тој, само легално ги купила податоците од сосема друга фирма, „Џи-ес-ар“, како што прават и многу други компании во Америка, без да знае дека „Џи-ес-ар“ не го испочитувала претходниот договор со Фејсбук дека тие податоци смее да ги користи само за универзитетско истражување, но не и во маркетинг и во политички цели.

„Уште во 2016, откако „Кембриџ аналитика“ дознала за скандалот од медиумите, ја тужела „Џи-ес-ар“. Во рок од три месеци спорот завршил со спогодба и „Џи-ес-ар“ ѝ платила отштета на компанијата“.

Тука во приказната се вмешал Фејсбук и побарал двете компании да ги избришат податоците, што „Кембриџ аналитика“ го направила, уверува Спасов.

Она што е предмет на истрага, вели тој, се обвинувањата на поранешниот вработен, човекот кој сега се смета за „свиркач“, Кристофер Вајли дека „Кембриџ аналитика“, и покрај сѐ не ги избришала податоците и ги користела во кампањи.

„Истрагата треба да покаже дали ова е вистина или не.“

Меѓутоа, сега се поставува прашањето, зошто „Кембриџ аналитика“, сепак, го суспендирала генералниот директор Александер Никс за периодот додека трае истрагата.

„Никс не е суспендиран поради приказната околу овие податоци, туку тој е суспендиран за да може независно да се спроведе истрагата, но и поради изјавите во едно од видеата тајно снимени од британската телевизија Канал 4“, додава Спасов.

Во прилозите на британската ТВ Канал 4, Александер Никс и неговите соработници велат дека во комуникацијата со клиентите користат мејлови што исчезнуваат за неколку часа и наплаќаат преку трети компании за да не остават трага, нудат услуги од типот „некој да понуди мито и тоа да го пуштаат по интернет“, а во еден момент, токму Никс вели дека сето тоа и не мора да биде вистинито, туку важно е да е убедливо.

„Ниту компанијата официјално е обвинета од некого, ниту некој досега, со исклучок на она што Никс го кажал во приватен разговор, докажал дека правела злоупотреби од овој тип. Изјавата на Никс е дадена во „продажен пич“, во разговор со потенцијален клиент, каде што, меѓу другото, го тестира клиентот да знае дали подоцна би требало да се повлече од него. За ова тој веќе ѝ се извини на јавноста“, вели Спасов.

„Луѓето не се свесни дека ги оддаваат личните податоци“

„Голем дел од луѓето не го нагодуваат Фејсбук за да си ги заштитат личните податоци“ | Фото: БИРН

Податоците со кои работи „Кембриџ аналитика“ и начинот на кој ги користи за да ги таргетира фејсбук-корисниците е прилично сложен, вели Спасов.

„Тоа она што сите го зборуваат, а речиси никој не знае што е“.

Америка, вели тој, е земја во која можеш легално да купиш лични податоци од кого било и да ги користиш за сопствени маркетинг, продажни или за политички цели. И тоа не го прави само „Кембриџ аналитика“.

Компаниите како оваа, кога ќе ги купат базите, постојано ги надградуваат и прават анализи со кои дополнително се истражуваат политичките ставови или комерцијалните и културни навики на луѓето.

„Ваква прецизна анализа е 99 проценти невозможно да се изведе во моментов на друго место, како на пример во Европа, бидејќи законите не овозможуваат пристап до личните податоци“.

По истражувањето направено со помош на овие податоци се изработуваат пораки што луѓето ги добиваат на „њус-фидот“ на Фејсбук, како што добиваме сите ние, објаснува Спасов.

А на прашањето колку луѓето се свесни дека при користење Фејсбук и разно-разни картички на верност од супермаркетите ги оддаваат своите лични податоци, Спасов вели тоа е сосема друга тема, за која допрва треба да се отвори дебата.

„Апсолутно не се свесни. Тие услови се најчесто напишани со мали бројки како во банките, каде што ви велат дека ќе ви ги користат податоците за промотивни цели. А не е јасно што точно подразбираат под промотивни цели. Треба да се покрене дебата, која е неврзана со случајот на „Кембриџ аналитика“, за тоа како и во која мера компаниите може да собираат лични податоци и да ги користат. Голем дел од луѓето не го нагодуваат Фејсбук за да си ги заштитат личните податоци. И во основа тоа е голем проблем, откако сега може тие податоци да се користат на ова ниво“.