Регион

Специјалниот суд на Косово ги акредитираше првите бранители и застапници

Сербезе Хаџиај, Приштина

Претседателот на Адвокатската комора на Косово, Осман Хаволи. Фото: Сербезе Хаџиај/БИРН

Новиот специјален суд на Косово, чиј официјален назив е Специјализирани совети и Специјализирано обвинителство, со седиште во Хаг, ги регистрираше првите 39 адвокати, кои во судските процеси ќе ги застапуваат обвинетите и жртвите. Меѓу нив има 11 косовски Албанци и 8 Срби.

Списокот вклучува и 20 меѓународни имиња, адвокати од САД, Велика Британија, Канада и Холандија.

Некои од нив веќе биле застапници на високи личности обвинети пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ, во Хаг.

Меѓу нив се и Петер Робинсон, застапник на поранешниот политички лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ и Лука Мишетиќ, кој го бранеше хрватскиот генерал, Анте Готовина.

Други, пак, имаат искуство во судските процеси за воени злосторства од висок профил во Косово – адвокатот, Тахир Рецај, го бранеше поранешниот командант на ОВК и актуелен пратеник, Фатмир Лимај, на судењето во Приштина.

Претседателот на Адвокатската комора на Косово, Осман Хаволи, ги предупреди своите колеги дека нивната работа, со новите Специјализирани совети, ќе биде „многу поразлична“ од нивното искуство со локалните судови.

„Им реков дека тие не се во Косово и дека треба да внимаваат на своето однесување, особено кога станува збор за јавните изјави што ќе ги даваат“, изјави Хавoли за БИРН.

Тој нагласи дека во процесот на акредитација, од Специјализираните совети биле побарани информации за апликантите. „Ги разгледаа профилите и минатото на секој адвокат“, објасни тој.

Се очекува, овој суд да им суди на високи функционери на Ослободителната војска на Косово, ОВК, за наводни злосторства извршени за време и по војната со српските сили во 1998 и 1999 година. Досега не е поднесено ниту едно обвинение.

Пред овој суд ќе бидат разгледани случаите што произлегуваат од извештајот на Специјалниот истражен тим на ЕУ, СИТФ, од 2014 година, во кој се наведува дека неименувани претставници на ОВК ќе се соочат со обвиненија за „кампања на прогон“ на Србите, Ромите и Албанците, за кои се верувало дека се соработници на режимот во Белград.

Наводните злосторства вклучуваат убиства, киднапирање, нелегално затворање и сексуално насилство.

Началничката на Службата за јавно информирање и комуникации на судот, Авис Бенеш, изјави дека адвокатите мора да ги почитуваат „строго договорените услови, кои вклучуваат доверливост“.

Во некои судски процеси за воени злосторства во Косово, сведоците, под притисок, ги повлекоа своите изјави, откако нивниот идентитет беше откриен. Во некои случаи, адвокатите беа тие што ги открија информациите за сведоците.

Но, Теки Бокши, еден од пријавените адвокати од Косово, кој има работено на неколку случаи на воени злосторства во Косово, вели дека е тешко во целост да се заштити идентитетот на сведоците.

„Фактот дека обвинетите имаат право да знаат кој ќе биде сведок и со своите адвокати да го подготват вкрстеното испрашување, покажува дека не е можно, во целост да се сочува во тајност, идентитетот на сведоците“, нагласи Бокши.

Во август 2015 година, косовските пратеници усвоија закон за правна и финансиска поддршка на лицата кои ќе се најдат пред Специјализираните совети. Според овој закон, Косово ги покрива трошоците на одбраната на обвинетите и на застапниците на жртвите и на нивните семејства.

Минатата година, за таа цел, Владата на Косово одвои 1.5 милиони евра.

Адвокатската комора на Косово најави дека наскоро ќе бидат утврдени надоместоците за адвокатите.

„Надоместоците за адвокатите нема да бидат толку високи колку што се мисли. Нема да има адвокат кој ќе стане милионер, како што беше тоа случај со МКТЈ“, истакна Хаволи.

Во МКТЈ, од јануари 2013 година, водечките адвокати добиваа помеѓу 78.80 и 108.30 евра на час, во зависност од нивното искуство.