Регион

Србија ќе бара екстрадиција на лице осомничено за воени злосторства

Филип Рудиќ, Белград

Министерката за правда на Србија, Нела Кубуровиќ. Фото: Ескиндер Дебебе/Бета

Министерството за правда на Србија, за БИРН соопшти дека од соседна Црна Гора ќе побара екстрадиција на Предраг Вуковиќ, поранешен член на ВЈ, осомничен за учество во масакр над 46 косовски Албанци, извршен во 1999 година.

Вуковиќ, познат по прекарот Маџа, се наоѓаше во бегство од 2014 година. Уапсен е на 20 јули во Бар, поради нелегален риболов. На полицијата ѝ дал лажно име, но, по спроведената проверка, полицијата го утврдила неговиот вистински идентитет.

“Министерството за правда … ќе поднесе барање за екстрадиција во рамките на роковите утврдени со договорот меѓу Република Србија и Црна Гора за екстрадиција”, се вели во одговорот на Министерството за правда на Србија.

Во овој договор се наведува дека лицето по кое се трага, ќе биде ослободено од притвор, ако во рок од 18 дена од денот на апсењето на тоа лице, не се поднесе барање за негова екстрадиција.

Вуковиќ е обвинет за учество во нападот на косовското село Љубениќ, извршен на 1 април 1999 година, за време на 11-неделното бомбардирање на НАТО, за ставање крај на бруталната офанзива на силите на Слободан Милошевиќ против бунтовничката Ослободителна војска на Косово (ОВК).

Во нападот на селото Љубениќ, 46 лица загинаа, а 11 беа повредени. Телата на 34 жртви од Љубениќ подоцна беа пронајдени во масовна гробница во Батајница, во близина на Белград. Четири жртви сè уште се водат за исчезнати.

Во врска со овој масакр, српското обвинителство за воени злосторства во 2014 година подигна обвинение против тројца поранешни припадници на ВЈ – Владан Крстовиќ, Лазар Павловиќ и Милан Ивановиќ – и издаде налог за апсење на Вуковиќ и на Ненад Лекиќ.

За овие настани во Љубениќ, во тек е судска постапка пред Вишиот суд во Белград. Ова судење се смета за едно од најобемните судења поврзани со воените злосторства на Косово што досега се одвивале пред српските судови.

Српското обвинителство подигна обвиненија против 11 поранешни припадници на 177 интервенциски одред на ВЈ, за воени злосторства во косовските села Ќушка, Пављан, Захач и Љубениќ, извршени во пролетта 1999 година.

Обвинетите првично, во февруари 2014 година, беа осудени на вкупно 106 години затвор, за убиство на најмалку 118 цивили, косовски Албанци.

Но, Апелацискиот суд во 2015 ги поништи пресудите и случајот го врати на повторно судење.

Злосторствата во гореспоменатите четири косовски села, се обелоденети во документарниот филм на БИРН, „Неидентификувани”, во кој се открива командната структура на полициските и воените единици вклучени во насилствата.

Овие злосторствата првично, во 1999 година, ги документирала организацијата Хјуман рајтс воч, која идентификувала некои од директните сторители, кои во 2011 година беа обвинети во Србија.

Србија го бара Вуковиќ и за други злосторства, вклучувајќи грабеж и поседување на дрога.