Регион

Средба на благодарност со својот „непријател“ и спасител

Никола Баришиќ, бил припадник на српските сили, кои за време на војната 1992-1995, згазил на мина. Животот му го спасиле „непријателски“ војници и медицински персонал на „непријателот“. Во знак на благодарност, тој, на болницата во која што му го спасиле животот, ѝ донираше три илјади евра.

Пишува: Игор Спаиќ, Сараево

Мирсад Гранов (лево) и Никола Баришиќ. Фото: БИРН

Кога во 1995 година, Никола Баришиќ, поминал девет дена сам на планина, чекајќи ја својата смрт, не можел ниту да претпостави дека токму непријателот ќе му го спаси животот.

Тој, минатиот петок, допатува во Травник, за да ѝ донира на болницата во која му бил спасен животот 3.000 евра, но, исто така, и за повторно да го види лекарот што му ги ампутирал нозете и со тоа му го спасил животот.

Сепак, директорот на болницата, Мирсад Гранов, не е само негов спасител.

Заедно со членовите на неговиот тим со кој оперирал во војната, д-р Златан Живановиќ и д-р Зоран Бањац, д-р Гранов, кој ѝ останал доследен на Хипократовата заклетва, дури и за време на конфузијата и ужасот во војната во Босна и Херцеговина, го поздрави Баришиќ како стар пријател.

„Никогаш нема да ги заборавам овие луѓе и оваа болница“, рече Баришиќ при доделувањето на донацијата, која ќе биде искористена за набавка на медицинска опрема.

За Гранов, овие пари значат многу повеќе.

„Ова е немерливо“, вели тој, додавајќи дека донацијата на Баришиќ е исто како некои магнат да ѝ донирал на болницата неколку згради.

„Несреќата може да ги подели луѓето, но, исто така, и да ги поврзе“, вели Гранов, сеќавајќи се на времињата кога се бореле за животот на Баришиќ.

„Никола ги загуби двете нозе, но тој се сеќава на куќата во која помина повеќе од два месеци во нехумано време, но во хумана атмосфера“, додава Гранов.

Баришиќ, во 1995 година, бил припадник на силите на самопрогласената Република Српска Краина. Одбил да им се предаде на хрватските сили, кои со операцијата „Бура“ успеале да ја вратат оваа територија.

За да не падне во рацете на хрватската војска, тој избегал.

Решил, преку планинските терени на Босна и Херцеговина, пеш да тргне кон Србија.

Неговото долго патување започнало во август 1995 година. За да преживее, во напуштени бункери барал остатоци од храна, а по шумите берел шумски плодови и јаболка.

Но, кон крајот на октомври, на планината Комар, во близина на Травник, Баришиќ стапнал на мина.

Тогаш ја загубил ногата.

Девет дена лежел во една напуштена колиба на оваа планина, чекајќи ја, во агонија, својата смрт. Имал само вода за пиење.

По девет дена, додека го чекал својот крај, покрај колибата поминале војници на АБиХ, која, за него, исто така, била непријателска војска.

А БиХ и силите на босанските Срби, без милост се бореле за време на војната, особено во 1995 година, кога брутално се исцртувале карти на оваа држава, чија територијална поделба на крајот е дефинирана со Дејтонскиот мировен договор, потпишан во ноември истата година.

Неколку месеци пред падот на Краина, силите на босанските Срби извршија масакр во Сребреница, кој подоцна беше дефиниран како акт на геноцид над Бошњаците.

Но, Баришиќ, кој додека се криел станал коски и кожа, сакал што побрзо да завршат неговите страдања, па тој намерно им ставил до знаење на припадниците на босанската армија, дека е во колибата.

Но, тие не го убиле, туку го однеле во болницата во Травник, која ја водел познатиот лекар од Сараево, д-р Гранов, кој ги спасувал ранетите, без разлика дали тие се Срби, Хрвати или Бошњаци.

Следно на што се сеќава Баришиќ е дека се разбудил со ампутирана нога, што му го спасило животот.

На почетокот на ноември, му била ампутирана и другата нога, бидејќи таа замрзнала додека тој го чекал својот крај во колибата.

Гранов го надгледувал првичното заздравување на Баришиќ, како што го правел тоа и за останатите свои пациенти.

Баришиќ, во почетокот на 1996 година, по завршувањето на војната, заминал во Србија, но до денес тој му е благодарен на лекарот чие лице никогаш нема да го заборави.

Денес, Баришиќ живее во Батајница, крај Белград, и до неодамна, негова најголема желба била повторно да го види Гранов.

Неговата желба се исполнила кон крајот на април оваа година, кога Гранов дошол во Србија за да присуствува на конгрес.

Тие двајца стапиле во контакт, а весникот „Крајишке новине“ им оранизирал средба во еден локален ресторан во Нови Сад.

Гранов ја зел и својата сопруга и двајцата свои најдобри пријатели за да се запознаат со Баришиќ.

На средбата, тие ги размениле своите искуства од војната и решиле да „останат браќа до крајот на животот“.

Баришиќ потоа ја посети болницата во Травник, местото на своето „второ раѓање“, каде што под будното око на Гранов, се борел за својот живот.

„Војната и страдањата никогаш да не се повторат повеќе“, вели Баришиќ, резимирајќи ги своите емоции.

„Во војната, сите се губитници, а обичните луѓе не сакаат војна“.

Објавено и на Балканска транзициска правда