Анализи

Српската влада и таблоидите водат кампања против БИРН

Последните напади над БИРН, што следеа по истражувањето кое стави под прашање тендер за испумпување на вода од српски рудник, разбуди сомнеж околу слободата на печатот и владините притисоци врз слободата на говор.

Медиумски професионалци, НВО активисти и правни експерти во минатонеделната ескалацијата на кампањата против БИРН гледаат обид за потиснување на каков било критицизам кон Владата на српскиот премиер Александар Вучиќ | Фото; BETAPHOTO/MILOS MISKOV/DS

Едногодишната медиумска кампања против БИРН кулминираше во четвртокот, 9. јануари, кога про-владиниот „Информер“ го клеветеше БИРН и Делегација на Европската Унија во Србија како мафија инволвирана во рекетирање.

Таблоидниот дневен весник објави дека БИРН, во име на ЕУ „ја нападна српската влада за криминал и корупција“, бидејќи – како што претпоставува таблоидот – владата ги одбила барањата на БИРН и ЕУ, тендерот за испумпување вода од рудникот „Тамнава“ да се додели на странска компанија.

Медиумски професионалци, НВО активисти и правни експерти во минатонеделната ескалацијата на кампањата против БИРН гледаат обид за потиснување на каков било критицизам кон владата на српскиот премиер Александар Вучиќ. Тие веруваат дека таквата кампања има за цел да ги предупреди другите медиуми, што може да очекуваат доколку се дрзнат да ја критикуваат државата.

Експертите и аналитичарите, исто така, тврдат дека Вучиќ не може да се справи какво и да е медиумското покривање на недостатоците на неговиот режим, кое може да му наштети на имиџот, на кој толку многу работи – перфектен и некорумпиран државник. Тие веруваат дека српскиот премиер, кој ја изгради својата популарност врз основа на борбата против корупцијата, во каков било случај не може да си дозволи нешто што може да му наштети на таквиот имиџ.

Таблоидниот провладин весник „Информер“ на насловната страница побара од новинарот на БИРН Слободан Георгиев да се извини за „срамните лаги и фалсификатот“

На 8. Јануари, БИРН објави истражување во кое се наведува дека српската енергетска компанија во државна сопственост ЕПС го доделила тендерот за отстранување на водата од рудникот „Тамнава“ на две компании без релевантно искуство и директорот на едната е обинет за избегнување даноци.

Ова предизвика целогодишната кампања против БИРН да експлодира на 9. Јануари, кога српскиот премиер ги нарече БИРН „лажговци“.

„Кажете им на тие лажговци дека повторно излажаа. Тоа е сè што имам да кажам“, рече премиерот.

„Важно е луѓето да знаат [кој ја објавил истрагата]“, додаде. „Тие ги добија парите од [Мајкл] Девенпорт [кој е на чело на Делегацијата на ЕУ во Белград] и ЕУ за да зборуваат против српската влада“, продолжи Вучиќ.

ЕУ подоцна ги отфрли тврдењата на премиерот дека Брисел го финансира БИРН за да шири невистини за неговата администрација, окарактеризирајќи ги како „неосновани“.

„ЕУ стои зад независното и храбро новинарство и слободата на говор во Европа и пошироко. Слободата на изразување е основен демократски принцип“, рече Маја Кочијаниќ, портпаролката на Европската комисија за соседски односи и преговори за проширување.

Вучиќ тогаш одговори со обинувања дека Кочијаниќ се обидува да го замолчи во име на ЕУ.

„Србија го поддржува независното и смело новинарство и слободата на говор во Европа и пошироко, и дека слободата на изразување е основен демократски принцип“, рече тој.

Само еден неделник со мал тираж во Србија го републикуваше истражувањето и неколку го линкуваа на своите веб страници, додека речиси сите направија извештаи за обинувањата на Вучиќ дека БИРН лаже.

Лекција за другите: Нема место за критика

„Кажете им на тие лажговци дека повторно излажаа. Тоа е сè што имам да кажам“, рече премиерот Александар Вучиќ на 9 јануари | Фото: BETAPHOTO/MILOS MISKOV/DS

Коментирајќи ги неодамнешните обвинувања на Вучиќ, Обрадовиќ исто така рече дека реториката која е употребена е неприфатлива за демократско општество, без разлика дали истражувањето на БИРН има грешки или не.„Пораката е јасна – доколку го критикувате режимот, владата и Вучиќ, тогаш сте предавник, лажго и странски платеник“, изјави за БИРН првиот човек на Независната новинарска унија на Србија, НУНС, Вукашин Обрадовиќ.

Нападите врз БИРН се синхронизирани акции од неколку центри со многу јасна порака за сите, не само за БИРН, кој се обидува да го одржи истражувачкото новинарство и критичкиот пристап во општеството“, додаде тој.

Последиците од реакциите на Вучиќ и мејнстрим медиумите, кои масовно ги игнорираа откритијата во истражувањето, но беа наклонети во негирањето на откритието на БИРН, имаат поширок импакт во општеството како целина, предупреди Обрадовиќ и силно ќе влијаат и врз српката публика и врз медиумите.

Тамара Скроза, член на српскиот Совет за медиуми и новинар во неделникот „Време“, ги прецепира нападите врз БИРН како „повик за стишување“.

„Целта е да се спречат новинарите да се ангажираат во новинарството, затоа што му згазнаа на прстите на некој кој мисли дека го немаат тоа право. Се плашам од тоа што може да му се случи на секој новинар во Србија“, рече таа.

Весна Ракиќ Воденелиќ, професорка по право на белградскиот „Унион универзитет“, рече дека нападот е уште еден „чин со кој Владата ги заплашува медиумите и гуши слободата на медиумите“.

„Тој ги перципира медиумите како природни непријатели“, рече Ракиќ Воденелиќ за српскиот премиер.

Провладиниот весник „Информер“ ги обвини новинарите на БИРН и ЦИНС дека го шпиунирале премиерот, поради што тој наводно го откажал летувањето

„БИРН би бил обврзан да го објави. Реакција не е испратена, но [истражувањето] се интерпретира според изјавите и кампањата на премиерот и некои медиуми против новинарите на БИРН, што е несоодветно и недостојно“, рече Ковачевиќ.Олја Ковачевиќ, ТВ водителка и уредник во српскиот јавен сервис РТС, рече дека доколку во истражувањето на БИРН има погрешни информации, тие што би биле загрозени од тоа би требало да пратат официјален демант или несогласување.

Таа додаде дека некои клучни прашања кои БИРН ги постави остануваат неодговорени.

„Сè уште е нејасно што е точно и што е погрешно во тој текст… како изгледал тендерот, зошто претставниците на компаниите [кои го добиле тендерот] не коментираат и најбитно, до кога рудникот ќе биде под вода. Кој го финансира БИРН не е најбитното прашање, особено бидејќи финансиите се транспарентни. Парите од ЕУ не можат да бидат прифатени кога финансира државни проекти, а да бидат лоши кога се финансирани медиумски проекти“, рече Ковачевиќ.

Илир Гаши од Фондацијата Славко Чурувија рече дека неодамнешните напади на БИРН не се изненадување, туку продолжение на слични кампањи од претходно. „Ваквите напади зборуваат самите за состојбата со слобода на медиумите во Србија денес“, вели Гаши.

Тој верува дека медиумите во Србија се веќе длабоко погодени, што се покажа за време на известувањето за истражувањето на БИРН. Гаши додава дека скоро ниту еден медиум не го реобјави текстот и дека никој не праша прашања кога премиерот го обвини БИРН за лажење, ниту некој дебатираше за откритијата на БИРН.

„На долг рок ова е многу посериозно прашање. Во еден момент оваа влада можеби нема да биде на власт, ниту премиерот, но ние ќе бидеме оставени со медиуми кои не поставуваат прашања“, рече Гаши.

Сликата за анти-корупциски борец е под закана

Александар Вучиќ, српскиот премиер и лидерот на владејачката Прогресивна партија, нашироко ја изгради својата популарност врз база на борбата против корупцијата која неговата влада ја започна откако дојде на власт во 2012 година.

По парламентарните избори во мај 2012 година, кога тие имаа поддршка од околу 24 отсто од гласачите, двојно ја зголемија популарноста и сега уживаат поддршка од околу 50 отсто од народот.

Саша Јанковиќ, Првобранител на Србија во изјава за БИРН:

Државата, вклучително нејзините највисоки функционери, се обврзани не само да се воздржат од загрозување на слободата на медиумите, туку да создадат услови за почитување и промоција на истата.

Овдешните владини претставници многу често тоа го прават декларативно, додека во некои конкретни случаи, како што е овој пример со БИРН, сведоци сме на однесување кое вродува со сосема спротивни ефекти.

Тоа, за жал, не е спорадичен случај, ниту пак обвинувањата дека некој обработува за странски интереси. Токму затоа, слободата на медиумите во Србија е во сериозни криза, а новинарите се со право засегнати, особено доколку се земат во предвид неодамнешните напади кон нив.

На обвинувањата кои се произнесени со факти мора да се одговори само со факти. Тоа е обврска, не прашање на добра воља, на сите вработени во државните служби, а сите останати треба да го прифатат тоа како темелна вредност, а не фарса.

Друга причина за острата реакција на Вучиќ на ова истражување може да биде тоа што „БИРН можеби го разниша гнездото на стршленот со тоа што пишуваат за изворот на енергија на Прогресивците“, изјави Јелена Милиќ, директор на Центарот за Евро-атлански студии во Белград, ЦЕАС.

„Тој [Вучиќ] презентираше слика на перфектен и чист [лидер]. Можно е БИРН да го отворил патот кон нарушување на неговиот јавен рејтинг“, изјави Милиќ.

Коментирајќи ја средбата на Вучиќ со шефот на фелегацијата на ЕУ во Белград Мајкл Давенпорт на 13 јануари, Милиќ вели дека е „опасно и неодговорно тоа што медиумите ова [нападите над БИРН] го нарекоа конфликт меѓу ЕУ и Вучиќ“.

„Ова не е конфликт меѓу ЕУ и Вучиќ. Тој [Вучиќ] беше оној што го предизвика конфликтот и со ЕУ и со слободата на говорот во Србија“, изјави Милиќ.

Недим Сејдиновиќ од Независната асоцијација на новинари од Војводина, изјави за БИРН дека сегашната ситуација многу наликува на онаа од 1990-те кога вождот Слободан Милошевиќ ја имаше моќта над сите медиуми во земјата.

Сепак, тој верува дека разлики меѓу Милошевиќ и Вучиќ сè уште постојат, бидејќи Милошевиќ толерирал неколку независни медиуми, што не е случај сега.

„Тој [Вучиќ] сака да ги контролира сите“, изјави Сејдиновиќ.

Другата причина за притисок од премиерот може да биде фактот што во моментов српската влада се соочува со сериозни проблеми и потреба нешто да го одвлече вниманието на јавноста од нив.

„Оваа жестока и неверојатна реакција ги поддржува тезите дека [владата] го губи трпението бидејќи овој режим нема решение за клучните социјални и политички прашања“, предупреди Сејдиновиќ.

Во текот на 2015 година владата на Вучиќ ќе биде присилена да презема непопуларни мерки, од правење на компромиси со косовското прашање, то бркање на илјадници луѓе од работа во јавниот сектор.

Хронологија:

• Во текстот објавен на 17 февруари, веб-страница „е-новине“ тврдеше дека Belgrade insight, неделното издание на БИРН на англиски јазик кое се објавува во Белград е пример за манипулација во медиумите и злокобна идеологија, тврдејќи дека е во блиска соработка со Демократската партија и со лидерот Драган Џилас.

Во текстот се тврдеше дека БИРН лажно се претставува како „истражувачка“ медиумска организација, додека всушност е „политичко-финансиска ќелија“ која „цица“ Европски фондови.

Регионалната директорка на БИРН, Гордана Игриќ, беше обвинета за личност која се обидела да ги одбрани убијците на починатиот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ и да ја поткопа полициската операција „Сабја“ во која дел од убијците на Ѓинѓиќ беа уапсени.

• На 7 август БИРН ги објави првичните договори меѓу Српската влада и „Етихад ервејз“ од Обединетите арапски емирати (ОАЕ). БИРН откри дека за 51 отсто од акциите во новоформираната компанија „Аир Србија“ земјата платила неколку пати повеќе од нејзиниот партнер во ОАЕ.

• На 14 август премиерот Александар Вучиќ ги објави јавно овие договори на прес-конференција, обвинувајќи ги новинарите дека ја немаат вистинската верзија на договорите ставајќи ги под знак прашалник нивните намери.

Премиерот негираше делови од првичните договори објавени од страна на БИРН и инсистираше дека тие не биле вклучени во финалните договори.

„Тие мора да добиле некои претходни верзии“, изјави тој. Вучиќ рече дека го прочитал објаснувањето во текстот на БИРН, во кое се вели дека тоа е дел од проект финансиран од ЕУ, но коментираше: „Јас навистина не сакам да верувам дека луѓето од ЕУ се вмешани во ова“.

Премиерот рече дека неделникот „Време“, кој го реобјави истражувањето на БИРН, бил во сопственост на Мирослав Мишковиќ кој чека судење за корупција и стана симбол на анти-коруптивната политика на Вучиќ.

• Про-владиниот весник „Информер“ објави текст во август тврдејќи дека ЕУ тајно ги финансирал БИРН и ЦИНС (Центарот за истражувачко новинарство на Србија), кои имале договори со Европската комисија вредни милиони евра.

• Повторно во август, „Информер“ објави дека новинарите од БИРН и ЦИНС, кои исто така работеа на истражувањето, го демнеле српскиот премиер Александар Вучиќ, предизвикувајќи да го откаже летниот одмор.

Цитирајќи неименуван владин извор, таблоидот тврдеше дека Вучиќ го откажал својот одмор на српското езеро Бор пред две недели откако дознал дека „сомнителни типови“ од БИРН и ЦИНС биле сместени во истиот хотел.

„Вучиќ го откажа летувањето поради „шпиуни“ во хотелот“, гласеше насловот.

• Во текстот насловен како „Големи пари во невладиниот сектор“ објавен на 4 септември, он-лајн порталот „е-новине“ ја етикетираше регионалната директорка на Балканската истражувачко репортерска мрежа Гордана Игриќ како најитриот претставник на граѓанското општество.

Тврдејќи дека Игриќ работела за разузнавачките служби во текот на 90-те, порталот тврди дека преку нејзините врски, таа успева да ја обезбеди нејзината мрежа.

Понатаму тврди дека сите пари на донаторите биле доделени за Игриќ на маса за кафе.

Според „е-новине“, секој грант од ЕУ кој е доделен на медиумски организации е претходно предодреден за БИРН.

• Есента, новинар на „Информер“ неколку пати ги контактираше БИРН поставувајќи прашања како и во кои износи се плаќани новинарите на БИРН, дали БИРН плаќа даноци и дали работи за Американската тајна служба ЦИА.

• Откако БИРН се обиде да ги истражи тврдењата на опозициски пратеник во Србија кој го обвини братот на Александар Вучиќ дека има компанија која е вклучена во илегални бизниси, БИРН беше цел на уште еден бран напади.

Новинарите на БИРН, покрај неколку други, сакаа да ги истражат тврдењата на Живковиќ и Вучиќ и да побараат документи за компанијата од Српскиот регистар на компании, АПР.

Неколку дена откако аферата Андреј Вучиќ беше објавена, АПР ги смени процедурите барајќи од сите оние кои сакаат да погледнат документација да пополнат писмено барање и да го потпишат.

Само неколку дена откако новинарите на БИРН го посетија АПР и ги оставија нивните имиња, „Информер“ објави текст на 31 октомври во кој беа напишани сите организации кои барале документи од АПР за компанијата која го користеше името на Адреј Вучиќ.

„Информер“ пишуваше дека БИРН и ЦИНС ги разгледувале документите бидејќи биле „оркестрирани“ директно од Мајкл Давенпорт, првиот човек на ЕУ делегацијата во Србија.

„Давенпорт и уредниците на Балканската истражувачка мрежа и СИНС – две организации финансирани од ЕУ – дискутираат како да го „откријат“ Вучиќ“, напиша Информер.

Во истиот текст, „Информер“ цитираше извор од кабинетот на Вучиќ кој наводно рекол дека „е под знак прашалник зошто новинарите барале информации веднаш по средба со Давенпорт“, кога случајот е одамна затворен.

Зоран Бабиќ, пратеник од владејачката Прогресивна партија, рекол за „Информер“ дека целта на оние кои „фабрикуваат афери е да ја дестабилизираат државата“.

• По оваа публикација, Александар Вучиќ беше гостин на ТВ емисијата „Чирилица“ на 3 ноември2014 година која се емитува на приватната „Happy TV“ која има национална лиценца.

Вучиќ не ги спомна БИРН и текстот во врска со неговиот брат, но се наврати на објавата за договорот за „ер Србија“.

„Кои истражувачки новинари? Ова беше направено од овие од Европската унија, овие платеници од Европската унија, кои потпишале дека добиваат пари … Тие ги пофалија оние кои добија 200.000 евра од ЕУ, се фалеа со тоа и пишуваа лага по лага“, рече Вучиќ.

• На 7 јануари, само еден ден откако БИРН објави истражување за српскиот рудник „Тамнава“, неделникот „Афера“ објави текст во кој тврдеше дека Западни земји формирале нивни медиумски организации со цел да ја контролираат Србија.

Весникот тврдеше дека БИРН, со други неименувани организации, е контролирана од САД и Велика Британија, додека средствата доаѓаат од Европската Комисија.

Според истиот медиум, едно од директните влијанија врз уредувачката политика на БИРН доаѓало од Мајкл Давенпорт, шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија.

„Афера“ понатаму обвини дека БИРН подготвува востание на пролет со цел да ја дестабилизира земјата на барање на нивните Западни газди.

Тие исто така тврдат дека од неименуван извор дознале дека „главната улога на БИРН е под превезот на истражувачко новинарство, да ги контролираат властите во поранешна Југославија и на тој начин директно да им помогнат на западните земји кои сакаат да имаат влијание и во Србија исто така“.

• На 8 јануари, БИРН објави истражување за тоа како државната компанија “Електропривреда Србије“ (ЕПС), доделила тендер за испумпување на водата од рудникот „Тамнава“ на конзорциум од две компании без релевантно искуство, а на еден од директорите му се суди за затајување на даноци.

• На 9 јануари Вучиќ ги окарактеризира новинарите на БИРН како „лажговци“.

„Битно е за луѓето да знаат [кој го објави истражувањето]… Тие ги добиваат парите од господинот Давенпорт [шеф на ЕУ делегацијата во Белград Мајкл Давенпорт] и од ЕУ за да пишуваат против Српската влада“, изјави Вучиќ на прес-конференција.

„Кажете им на тие лажговци дека повторно лажат. Тоа е сè што имам да кажам“, рече Вучиќ.

• На 10 јануари Вучиќ исто така, обвини дека БИРН лобирал за неименувани странски компании да добијат тендер за реновирање на најбитниот рудник во Србија.

„Оние кои ги добија вашите [ЕУ] грантови според стриктни процедури, се обидоа да ја присилат Владата на Србија да прифати понуда од една Западна компанија, која беше за 23 милиони евра поскапа од понудата на Српската компанија“, изјави тој.

• На 10 јануари Независната асоцијација на новинари на Србија НУНС објави соопштениево кое го обвинува премиерот Александар Вучиќ за притисок врз БИРН.

„Нарекувајќи ги новинарите на БИРН лажговци со обвиненија дека добиле ‘пари да зборуваат против владата’ е речник кој им припаѓа на минати времиња и е неприфатлив за демократско општество и за држава која, како што вели Вучиќ често, сака да стане дел од ЕУ“, соопштија од НУНС.

• На 10 јануари српската експертка за право Весна Ракиќ Водинелиќ го опиша премиерот Вучиќ како „небалансиран автократ“ во врска со обвиненијата против новинарите на БИРН.

Со наслов „Je suis BIRN“, Водинелиќ рече дека Вучиќ истиот ден успеал да даде сочувство на жртвите на терористичкиот напад во Париз и да ги обвини новинарите дома дека се платени лажговци.

Таа вели дека тој не разбрал, или не му било грижа “дека слободата на говор е слободата на луѓето да зборуваат и кон моќниците и против нив, а не обратно“, напиша таа на веб-страницата Pescanik.net.

„Ние немаме право да се китиме себе си со чесниот епитет ‘Je suis Charlie’ ако истрајно молчиме или до апсурд го релативизираме распаѓањето на самата форма (суштината веќе не се ни споменува) на парламентарна демократија во Србија“, додаде таа.

Српското министерство за енергетика соопшти дека истрагата на БИРН „не била во согласност со вистината“ во клучни сегменти. „Наддавачот кој ја понудил најниската цена и најкратките рокови, но исто така и комплетна документација со целосна банкарска гаранција за добро извршување на работата, беше избрана на тендерот“, соопштија од Министерството.

Министерот за труд Александар Вулин рече дека е изненаден од реакцијата на ЕУ на расправата меѓу Вучиќ и БИРН. „Никој нема право да му дава наредби на премиерот освен српскиот народ кој и му го дале правото на избори да се бори за нивните интереси и за интересите на земјата“, рече Вулин.

Министерот изјави дека тој не разбрал зошто истите правила не важеле за Србија како и за која било друга земја, мислејќи на правото земјата да се бори за интересите и економијата и да ги почитува нивните закони.

Светската банка објави дека тендерот за испумпување вода од рудникот „Тамнава“ е направен во согласност со регулативата и практиките. Весна Костиќ, портпарол на Светската банка во Србија рече дека СБ се согласила да ја заврши процедурата според српските закони, не според нивните правила за јавни набавки, поради извонредни услови, мислејќи на неодамнешните поплави.

„Испумпувањето на водата од рудникот ‘Тамнава’ е финансирано од Светската банка. Секаде и секогаш кога СБ финансира проекти од ваква вредност, мора да се одржи тендер“, изјави Костиќ.

„Јас сум многу непријатно изненадена дека некој кој се претставува како истражувачки новинар не успеал да ги добие овие податоци, иако тие беа достапни за јавноста од почетокот“, додаде таа.

• БИРН побара од централата на Светската банка во Вашингтон да ја дообјасни вмешаноста на институцијата во тендерот за „Тамнава“ и да даде потврда за легалноста на процедурата за добитниот конзорциум.

• Ројтерс објави текст за тоа како Српскиот премиер ја обвини ЕУ за поддршка на анти-владини медиуми. Прочитајте го целиот текст на Ројтерс.

• На 12 јануари Слободан Георгиев од БИРН Србија изрази надеж дека овој медиум не е конкретна цел на премиерот Вучиќ, велејќи дека скорешниот притисок ја одразува желбата на премиерот да ги држи сите медиуми под контрола.

Во интервју за Seebiz.eu Георгиев рече дека Вучиќ најверојатно посакувал построга контрола над медиумите отколку кој било премиер во историјата на земјата.

Според Георгиев, Вучиќ верува дека не е битно што тој прави, туку што луѓето веруваат дека прави. „Нема стар и нов Вучиќ. Веќе 20 години тој се обидува да дојде на влас и сега го гледаме во полн капацитет за прв пат“, рече Георгиев.

Според него, „Србија нема мејнстрим медиуми кои континуирано ги набљудуваат владините политики, со што се претворија во канал за прослава на животот и работата на Вучиќ. „Ако нема слободни медиуми кои треба да се борат заедно со нивните читатели и гледачи за слобода, тогаш не постои и слободна држава“, заклучи Георгиев.

Понатамошните напади и реакциите, како и пораките за поддршка можете да ги прочитате на фокус страницата BIRN Under Fire.