Регион

Станишиќ ја обвини ЈНА за воените злосторства во Хрватска

Одбраната на поранешниот шеф на Службата за државна безбедност на Србија, Јовица Станишиќ, пред Хашкиот трибунал тврдеше дека за злосторствата во Српската автономна област (САО) Краина во Хрватска, извршени во 1991 година, е одговорна Југословенската народна армија (ЈНА).

Радоша Милутиновиќ, Белград

Одбраната на Јовица Станишиќ, кому заедно со неговиот помошник, Франко Симатовиќ Френки, повторно му се суди за воени злосторства во Босна и Херцеговина и во Хрватска, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, во четвртокот докажуваше дека за злосторствата извршени во САО Краина во 1991 година, е одговорна ЈНА.

Сведокот на обвинителството, Радослав Максиќ, поранешен полковник на ЈНА, изјави дека се согласува со тврдењата дека ЈНА е одговорна за злосторствата, само доколку се земе предвид дека волонтерите и милицијата на САО Краина, под команда на Милан Мартиќ, биле под команда на ЈНА за време на борбите.

Максиќ го започна своето сведочење вчера, кога изјави дека во САО Краина се случиле злосторства над Хрватите и дека таму ги видел обвинетите Станишиќ и Симатовиќ.

Бранителот на Станишиќ, Вејн Џордаш, го испрашуваше Максиќ, кој изјави оти не знае што правеле Станишиќ и Симатовиќ во САО Краина.

Џордаш, во текот на вкрстеното испрашување, посочи дека ЈНА е одговорна за сите незаконск дела, доколку милицијата и доброволците, како потчинети на ЈНА, вршеле злосторства.

„Во согласност со принципите на команда, командата на ЈНА е одговорна”, одговори Максиќ.

На прашањето кој бил одговорен, да ги спречи злосторствата и да ги казни сторителите, Максиќ одговори дека тоа била командата на ЈНА, освен доколку сторителите биле цивили.

Сведокот потврди дека доброволци од Србија биле припоени кон единиците на ЈНА, вклучувајќи ги и „партиските” доброволци на Шешељ и на Вук Драшковиќ.

Претходно ЈНА ги обучуваше и вооружуваше во Бубањ Поток, во близина на Белград, изјави сведокот.

Џордаш го повика сведокот да потврди дека Станишиќ и Симатовиќ во САО Краина вршеле легитимни разузнавачки работи.

„Станишиќ и Симатовиќ како личности не ме интересираат – други ми кажаа кои се и што се, а останатото не ме интересира”, одговори Максиќ.

Својата изјава дадена на обвинителството дека Станишиќ бил таму за да му помогне на Мартиќ во организирањето на милицијата, сведокот ја оцени како “негова претпоставка, а не факт”.

„А зошто би бил таму. Ако е шеф на СДБ Србија, не дошол таму за да лови риба, туку да помогне во организација на милицијата“, рече Максиќ.

Бранителот го потсети сведокот дека според обвинението, Станишиќ, преку Симатовиќ, во Корјеница „управувал со центарот за обука” на волонтерите од Србија.

„Тоа е надвор од секаква логика, началник на СДБ да управува со камп за обука – тоа е исто како кога министерка би била готвачка”, рече Максиќ.

Според обвинението, Станишиќ и Симатовиќ биле учесници во здружен злосторнички потфат, чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и на муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на Босна и Херцеговина, кои потоа би биле припоени кон обединета српска држава.

Тие се обвинети за прогон врз расна, верска и политичка основа, за убиства, депортација и присилен трансфер на цивили од хрватска и од бошњачка националност.

Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената пресуда со која тие беа ослободени, Станишиќ и Симатовиќ изјавија дека не се виновни за злосторствата за кои се обвинети.

Советот, на 15 декември, процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.

Судењето на Станишиќ и Симатовиќ ќе продолжи во вторник.