Регион

Стопирано првото судење во Белград за злосторствата во Сребреница

Апелацискиот суд во Белград, го отфрли обвинението против осумината членови на Специјалната полициска бригада на Република Српска, РС, обвинети за учество во масакрот во Сребреница, со образложение дека тоа не било поднесено од овластен обвинител.

Пишува: Филип Рудиќ, Белград

Судењето се одвиваше во Специјалниот суд во Белград. Фото: БИРН

Судењето на осумината членови на Специјалната бригада на Министерството за внатрешни работи на РС, обвинети за вмешаност во масакрот на Бошњаците во селото Кравице, во близина на Сребреница, во 1995 година, беше стопирано, откако Апелацискиот суд во Белград го отфрли обвинението против нив.

Судот соопшти дека обвинението е отфрлено, поради тоа што не било поднесено од овластен обвинител, со оглед дека во тоа време, позицијата обвинител за воени злосторства, била непотполнета, јави новинската агенција Бета.

Обвиненијата беа поднесени на 21 јануари 2016 година, кога претходниот обвинител за воени злосторства, Владимир Вукчевиќ, веќе беше во пензија, а на негово место не беше избран нов.

Новата обвинителка за воени злосторства, Снежана Станојковиќ, беше назначена дури во мај оваа година. Таа сега треба да поднесе ново обвинение, кое судот мора да го потврди, пред да биде закажано ново судење.

Судењето на осумината поранешни припадници на специјалната бригада на МВР РС, започна во февруари оваа година. Тие се товареа дека учествувале во организирање и стрелање на повеќе од 1.300 бошњачки цивили на фармата во селото Кравице, крај Сребреница, во јули 1995 година.

Недељко Милидраговиќ, Алекса Голијанин, Миливоје Батиница, Александар Дачевиќ, Бора Милетиќ, Јован Петровиќ, Драгомир Паровиќ и Видосав Васиќ се обвинети за воени злосторства, односно за стрелање на Бошњаците, кои по падот на Сребреница, биле заробени од Војската на Република Српска, ВРС.

Убиствата во Кравица се меѓу неколкуте масакри што по падот на Сребреница во јули 1995 година, ги изврши ВРС. Во овие масакри беа убиени околу 8.000 бошњачки мажи и момчиња.

Досега идентификувани се повеќе од 1.300 цивили убиени во Кравица. Нивните тела беа пронајдени во неколку масовни гробници во Босна и Херцеговина.

Обвиненија за геноцид против Милидраговиќ и Голијанин, првично подигна босанското обвинителство, но тие не можеа да бидат уапсени, бидејќи по завршувањето на војната во БиХ, во 1995 година, заминаа да живеат во Србија.

Откако во 2013 година Србија и БиХ потпишаа протокол за соработка на предметите за воени злосторства, доказите од босанското обвинителство, беа префрлени во Белград.

Босанското обвинителството ги терети Милидраговиќ, поранешен командант на специјалната полициска единица на РС, која делувала при Центарот за обука Јахорина, и неговиот заменик, Голијанин, за учество во извршување на геноцид над Бошњаците од Сребреница, во периодот од 10 до 19 јули 1995 година.

Сепак, српското обвинителство соопшти дека не можело да ги докаже обвиненијата на босанските обвинители за геноцид и наместо тоа, ги обвини за воено злосторство.

Претставници на преживеаните од Сребреница изразија големо незадоволство од одлуката на судот.

Претседателот на Здружението на жртви и сведоци на геноцидот, Мурат Тахировиќ, за БИРН изјави дека оваа одлука е „фарса“ и показател на неподготвеноста на српските власти да ги гонат злосторствата поврзани со Сребреница.

„Не сум многу изненаден од ова. Чекавме неколку месеци случајот да почне, а потоа судот само гледаше како да ги одложи расправите“, додава тој.

Информира дека неговото здружение ќе му напише писмо на главниот обвинител на Хашкиот трибунал, Серж Брамерц, од кого ќе побара да изврши притисок врз Србија, да продолжи со случајот.