Актуелно

Стразбур: Судијата Јордан Митриновски е незаконски разрешен

Македонија изгуби уште еден случај пред судот за човекови права во Стразбур, кој ја прифати тужбата на Јордан Митриновски, поранешен претседател на Апелацискиот суд во Скопје и констатира дека бил разрешен во постапка која не обезбедила фер и правично судење. На одлука на Стразбур чекаат уште пет судии разрешени слично како Митриноски.

Јордан Митриноски беше разрешен затоа што како претседател на Кривичен совет во Апелацискиот суд во Скопје, со судиите Исмаил Лимани и Милка Стефкова донел одлука со која се прифаќа жалбата на Бајруш Сејдиу и притворот му се заменува со домашен кој дополнително се поткрепува со гаранција

Јордан Митриноски беше разрешен затоа што како претседател на Кривичен совет во Апелацискиот суд во Скопје, со судиите Исмаил Лимани и Милка Стефкова донел одлука со која се прифаќа жалбата на Бајруш Сејдиу и притворот му се заменува со домашен кој дополнително се поткрепува со гаранција

Судот во Стразбур денеска објави дека „едногласно ја прогласува жалбата за допуштена и констатира дека Судскиот совет не е независен и непристрасен суд и дека жалителот Јордан Митриновски немал фер судење“.

Пресудата била донесена на затворено заседание на судот на 7 април оваа година, а јавно беше објавена денеска, на страницата на судот.

Судот, наоѓајќи дека екс претседателот на скопска апелација е разрешен во процедура која не обезбедила фер постапка, констатира повреда на член 6 од Конвенцијата и му досудува 4 илјади евра нематеријална штета и 1.230 евра трошоци во постапката.

„Судот смета дека жалителот мора да претрпел вознемиреност и нервоза на сметка на констатирани повреди. Затоа, одлучувајќи на правична основа, согласно членот 41 од Конвенцијата, Судот му доделува на жалителот 4.000 евра во однос на нематеријална штета, плус која било такса која би можела да биде наплатена“ – пишува во пресудата што ја објави денеска судот во Стразбур.

Државата треба да му ги исплати овие пари во наредните три месеци, во спротивно ќе плаќа пенали и камати.

Јордан Митриноски беше разрешен затоа што како претседател на Кривичен совет во Апелацискиот суд во Скопје, со судиите Исмаил Лимани и Милка Стефкова донел одлука со која се прифаќа жалбата на Бајруш Сејдиу и притворот му се заменува со домашен кој дополнително се поткрепува со гаранција.

По барање на Јавниот обвинител, Врховниот суд во Совет со кој претседавал Јово Вангеловски, претседател на судот, донел одлука со која го укинал решението за преиначување на мерката од притвор од истражен затвор во домашен притвор и побарал разрешување на Јордан Митриновски.

Токму постапката која ја иницирал Јово Вангеловски, кој во исто време како член на Судскиот совет и го застапувал обвинението против Митриновски и гласал за неговото разрешување е повредата која ја лоцира судот во Стразбур и наоѓа дека на тој начин не било обезбедено фер и правично судење пред непристрасен суд.

Дополнителна повреда е и таа, што на одлуката за разрешување Јордан Митриновски морал да се жали пред Жалбен совет во Врховниот суд каде што претседател на судот е Јово Вангеловски, иницијатор за неговото разрешување.

„Судот смета дека системот во кој судијата Јово Вангеловски, како член на Судскиот совет кој ја иницирал постапката, а потоа учествувал во одлуката за разрешување на Митриноски, фрла сомнеж врз целата неговата непристрасност при одлучувањето за вредноста на предметот на жалителот“ – стои во пресудата на Стразбур, кој ова тврдење го изнел и во пресуди против Турција, Словачка и Македонија.

Затоа, судот смета дека ја утврдил улогата на судијата Јово Вангеловски во разрешувањето на Митриноски која не го поминала тестот на субјективна и објективна непристрасност.

„Јас сум задоволен што правдата излезе на виделина. Таа е како шило, кога-тогаш вистината ќе се дознае. Судот во Стразбур во пресудата ги нотира сите повреди на кои ние укажувавме во текот на постапката, но овде, членовите на Судскиот совет и на Жалбениот совет не прифатија ништо и тераа по свое“ изјави за БИРН, Јордан Митриноски.

По добивање на пресудата Митриноски најавува дека ќе поднесе тужба и во земјава, бидејќи пресудите на меѓународниот суд се основа за повторување на постапките пред домашните судови.

Во исто време, се надева дека неговата пресуда ќе го отвори пакетот со разрешени судии, чии апликации чекаат во Стразбур.

„Ние сме 6 судии кои сме разрешени од 2010 до 2012 година и чии апликации судот во Стразбур ги имаше споено и бараше одговор од Владата за наводите на кои ние укажавме. Според моето мислење, бидејќи станува збор за исти основи и начин на кој беа разрешени колегите судии, судот во Стразбур би требало да донесе исти пресуди и за нив“, вели Митриноски за БИРН.

Апликациите кои чекаат на одлучување се за разрешувањето на апелациската судијка Виолета Дума, на тетовскиот истражен судија Мирослав Трифуновски, на охридските судии Иво Поповски и Гоце Јакшоски и на скопската судијка Снежана Геровска Попчевска која одлучуваше за случајот „Бачило“.

Сите разрешени во своите апликации тврдат дека се жртви на политиката. Постапките за нивно разрешување ги иницирал тогашниот министер за правда Михајло Маневски или други членови на Судскиот совет, кои во исто време биле и обвинители и судии и гласале за нивно разрешување.

Во конкретниот случај, Јордан Митриноски како доказ пред судот во Стразбур доставил и видео, од говорот на премиерот Никола Груевски, кој од партиски собир најавил дека ќе бидат разрешени судиите кои одлучувале за притворот на Бајруш Сејдиу.

Вториот судија во случајот Сејдиу, Исмаил Лимани, сам поднесе оставка пред да го разрешат, а третиот член на Советот, судијката Милка Стефкова, која даде изјава дека таа не гласала за таквата одлука, беше унапредена во судија на Врховниот суд на Македонија.

Судот во Стразбур не ги прифатил аргументите на македонската Влада дека постапката се водела транспарентно и независно.

Македонската судијка во Стразбур Мирјана Лазарова Трајковска побарала да биде изземена од одлучување во предметите за разрешување на македонските судии. Претседателот на одделот го прифатил барањето за изземање на Лазарова-Трајковска и на нејзино место била назначена судијката Ксенија Турковиќ, како ад-хок судија.