Регион

Судење на поранешен припадник на ВРС за силување во Вишеград

Адмир Муслимовиќ, Сараево

Мостот на Дрина во Вишеград. Фото: Викимедиа

Судењето на Вук Ратковиќ, поранешен припадник на вишеградската бригада на ВРС, започна во понеделникот пред Судот на Босна и Херцеговина.

Ратковиќ е обвинет дека во периодот, јуни 1992 – јануари 1993 година, во неколку наврати мачел, малтретирал, силувал и тепал жена од српска националност.

„Обвинетиот во три наврати, принудил на сексуален однос, женско лице од српска националност, бидејќи таа била во брак со Бошњак“, рече, додека го читаше обвинението, Един Муратбеговиќ, обвинител во државното обвинителство.

Оштетената во овој предмет ќе биде заштитен сведок. Според наводите од обвинението, за време на воените дејства меѓу ВРС и Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ), нејзиниот сопруг и синовите заминале од Вишеград, додека таа, со малолетната ќерка, останала во овој град.

„Во средината на јуни, обвинетиот вооружен дошол пред нејзината зграда, насилно ја однел во станот, ја соблекол, ја тепал, а потоа ја силувал, велејќи ѝ дека е жена на Турчин. Ја силувал двапати во нејзиниот стан, кога во него немало никој“, рече Муратбеговиќ.

Третото силување, според обвинителот, се случило во средината на јануари 1993 година, кога нејзината малолетна ќерка и ќерката на нејзиниот брат, биле во станот.

„Кога ја силувал, обвинетиот на оштетената ѝ рекол дека мора да го почитува како нов маж и дека таа е негова сопственост. Тој ѝ рекол дека повеќе нема да раѓа турски, туку негови, српски деца“, рече обвинителот Муратбеговиќ.

Во обвинението се наведува дека обвинетиот ја терал малолетната ќерка на оштетената да каже каде е татко ѝ и да пее српски песни, за убиства на Бошњаците крај реката Дрина.

Судењето треба да продолжи на 5 март.