Вести

Светска банка предвидува помал економски раст

Наместо 3,3 % колку што беше првичната проекција на Светската банка за економскиот раст на Македонија во 2017 година, во најновиот Редовен економски извештај за земјите од Западен Балкан, што го објави денеска се проценува дека растот ќе забави на 2,8%.

Кон ова, според Банката придонесе  политичката несигурност која што негативно влијаела и врз растот во 2016 година, намалувајќи го од 3,8% во 2015 година на 2,4%.

Истовремено оваа меѓународна финансиска институција оценува дека условите за задолжување на Македонија се влошуваат.

„Со заострување на условите за финансирање, земјите од Западен Балкан се соочуваат со проблеми да изградат политики на кредибилност“,  соопштуваат од Банката илустрирајќи го  проблемот со неодамнешното намалување на изгледите за кредитниот рејтинг на Македонија и Црна Гора.

Извештајот се повикува и на намалувањето на изгледите за кредитниот рејтинг на Македонија од  кредитната агенција Фич објавен во февруари годинава.

Светска банка посочува дека Македонија е меѓу земјите кои што го намалиле јавното трошење, меѓутоа, тоа било главно направено со пролонгирање на некои инфраструктурни проекти.

„Во Македонија, пролонгирањата на проектите поради продолжениот изборен циклус, ги спушти капиталните инвестиции од државниот буџет на најниско ниво од 2006 година наваму“, пишува во извештајот на Светската банка.

Паралелно, се наведува дека се зголемиле тековните трошења од буџетот кои што се помалку продуктивни. За пензиите, кои што се зголемуваа последните неколку години, Светска банка посочува дека достигнаа до 9% од БДП во 2016 година.

„Реструктуирање на јавните трошења е основно за да се ограничат фискалните обврски и да се подобри коннкурентноста. Но повеќе внимание треба да се обрне на креирање на ефикасна и ефективна јавна администрација, зајакнување на управувањето и владеењето на правото, и подобрување на квалитетот на јавните услуги како што се образованието и здравството“.

Освен тоа, се наведува дека невработеноста продолжила да се намалува, но „тоа главно се должи на фискални мерки од државата на пазарот на труд и повеќе работни места во приватниот сектор, главно во градежниот сектор“.