Регион

Текстот за Јасеновац на Википедија на хрватски јазик повторно е изменет

Споменикот, Камен цвет, во Јасеновац. Фото: Фликр/Томислав Медак

Свен Милекиќ |БИРН| Загреб

Во август, во текстот објавен на Википедија на хрватски јазик, внесени се нови измени за концентрациониот логор во Јасеновац од Втората светска војна, со кои дополнително се оспорува историскиот консензус за злосторства извршени во овој логор.

Според Спомен-подрачјето Јасеновац, од фашистичкиот усташки режим, во логорот, помеѓу 1941 и 1945 година, настрадале повеќе од 83.000 Срби, Евреи, Роми и антифашисти.

Усташката влада на т.н. Независна Држава Хрватска (НДХ), беше на чело на државата од 1941 до 1945, под покровителство на нацистите.

БИРН веќе пишуваше за тоа како во Википедија логорот во Јасеновац се нарекува само „собирен” логор, додека во текстовите на другите јазици логорот се нарекува концентрационен или логор на смртта.

Сепак, текстот на хрватски јазик претрпе нови измени, со кои на местата на кои се спомнуваше „логор на смртта”, е ставено „работен логор”.

Претходно, некои хрватски администратори на Википедија застанaа во одбрана на употребата на терминот „собирен логор”, со образложение дека овој термин го користела усташката администрација на логорот.

Во претходниот текст се оспоруваше истражувањето за бројот на жртвите на Спомен-подрачјето Јасеновац, а во новиот, истакнато место му се дава на Игор Вукиќ, поранешен новинар и секретар на Друштвото за истражување на трократниот логор Јасеновац, здружение кое многу историчари го гледаат како ревизионистичко.

Ова здружение тврди дека усташите воделе работен логор за непријателите на фашистичкиот режим и истакнува оти тој станал концентрационен логор, кога во 1945 година, комунистите ја презеле власта во земјата.

Според здружението, комунистите во овој логор до 1948 година ги држеле припадниците на усташкото и домобранското движење, а потоа, по раскинувањето на врските со Советскиот Сојуз во 1948, па сѐ до 1951 година, наводните сталинисти.

За време на периодот на владеење на усташите, според здружението, во овој логор, биле убиени околу 1.500 лица, од различни причини – иако нема сериозни академски истражувања, кои би го поткрепиле ова тврдење.

Во новиот изменет текст, се цитира новата книга на Вукиќ, „Работниот логор Јасеновац”, која, во својата колумна објавена во „Вечерњи лист“, со наслов „Јасеновац исчистен од идеологизацијата, пристрасностa и комунистичкиot фалсификат”, ја фали Милан Ивкошиќ, што привлече негативни реакции од експерти за холокаустот.

Така, во текстот е објавен цитат од книгата на Вукиќ, во кој се вели дека „никој не е интерниран во логорот, поради својата национална или верска припадност, туку поради тоа што бил политички противник на Независна Држава Хрватска”.

Кога во 1941 година беше формирана, НДХ, по примерот на нацистичките, донесе свои расистички закони против Евреите, Ромите и Србите. Србите сочинуваа голем процент од населението на НДХ, во која беше вклучена и денешна Босна и Херцеговина.

Во текстот на Википедија, се цитира и словенечкиот истражувач, Роман Лељак, кој вели дека во документите од воените архиви во Белград, се споменуваат само 1.654 жртви. Сепак, Лељак не ужива почит меѓу познатите историчари.

Многу простор во текстот му се дава на наводното постоење на комунистички логор во Јасеновац, за што нема научни докази.

Освен овој текст за Јасеновац, на Википедија на хрватски јазик се објавени и други статии кои повеќето историчари сметаат дека се проблематични и неточни.

Така, во текстот за историјата на полскиот град Гдањск, стоеше дека Германија ја нападнала Полска во 1939 година, бидејќи Полјаците извршиле геноцид над Германците во оваа земја. Оваа реченица неодамна беше отстранета од текстот.

Фондацијата Wikimedia Foundation Inc, основач и сопственик на Википедија, не одговори на прашањата на БИРН за овој и за другите текстови објавени на Википедија на хрватски јазик.