Актуелно

Три години од „бомба“ до завршни зборови за „Тенк“

„Сè, сè, сè комплет, регистриран, таблички сè е завршено… експресно завршивме знаеш сега да не… многу многу да не го шетаме овде низ МВР има еден куп комуњаришта ќе почнат да оговараат, да зборат, некој ќе го слика, ќе го гледа… фантазија е, коа ќе имаш простор, договори се со чо’екот не си видел такво нешто… и овие од ‘Мерцедес’ викаат ваква кола не сме продале у Југоисточна Европа. Црна боја е, абе види он од надвор не сега не е нешто, супер топ изгледа, ‘мерцедес’ најнов како може да изгледа… ама внатре коа ќе видиш шо све има… и самиот сараунд систем и она клими на секое седиште, масажери, чуда, телевизори…“

Со оваа, 31 бомба на тогашната опозициска СДСМ, првпат се отвори случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот „мерцедес“ по барање на тогашниот премиер Никола Груевски. Во аудио снимките можеше да се слушне како тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска фасцинирано му зборува на тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков за новото возило „мерцедес“ кое ќе го плати МВР, околу 580.000 евра, но дека ќе го користи Груевски.

„До локалните ние нема да објавуваме дека го презимаме возилото туку ќе глумиме дека е на МВР и вие ќе си го користите коа ќе ви доаѓа некој познат ова она, ќе го користите, а ние ќе го користиме само коа ќе одам на пат или кога имам дестинации кај што не ме чекаат новинари“, ѝ вели Груевски на Јанкулоска во објавените разговори.

Во јануари минатата година Специјалното јавно обвинителство ја отвори истрагата со кодно име „Тенк“. Осомничени беа три лица, Гордана Јанкулоска, Никола Груевски и помошник-министерот во МВР, Ѓоко Поповски.

„Постои основано сомнение дека за да ја исполнат желбата на тогашниот премиер за набавка на специјален тип патничко моторно возило, првоосомничената го поттикнала второосомничениот да ја искористи својата службена положба и овластувања и при вршење јавни набавки, незаконски да повласти, односно да фаворизира определен економскиот оператор и да се набави возило од тој тип“, стоеше во соопштението од СЈО минатата година.

Ова беше дополнето со тврдењето дека во услови на намалена економска и куповна моќ на Министерството, било постапено спротивно на Законот за јавните набавки и била фаворизирана една фирма со тоа што во тендерската документација биле наведени повеќе технички спецификации кои упатуваат на конкретно производство и трговски марки, односно на конкретен тип на автомобил.

Заврши привилегираноста на Груевски за доцнењето

Спорниот мерцедес се уште не е продаден | Фото: МВР

Една година по почетокот на истрагата, во јануари 2018 година, почна и судењето за „Тенк“, откако Апелацискиот суд одлучи дека прислушуваните разговори за набавката на „мерцедесот“ можат да се користат како доказ во судењето.

Овојпат, Јанкулоска и Груевски веќе беа во опозиција, а јавноста со голем интерес го очекуваше почетокот на судскиот процес, каде што поранешниот премиер повторно задоцни, во негов стил.

Иако доцнеше само 8 минути, времето на привилегираност на Груевски беше поминато, па судијката Добрила Кацарска го опомена да доаѓа на време. Првото рочиште се следеше со голем интерес – расправата се снимаше и визуелно и тонски, а судењето го следеа ОБСЕ, многу новинари и претставници од невладиниот сектор.

Максималната казна со која се соочува Груевски е една година затвор, а Поповски пет години.

Во обвинението стоеше дека Груевски побарал од Јанкулоска да го фаворизира добавувачот М.А. ДООЕЛ Скопје и да набави „мерцедес“ од 500.000 евра без ДДВ. Тој ѝ кажал какви сè перформанси сака да има возилото кое наводно ќе го користи МВР, а во кое впрочем ќе се возат тој и семејството каде што ќе нема јавност, по што Јанкулоска му ја исполнила наредбата, со кршење на Законот за јавни набавки.

Јанкулоска, според обвинението, го овластила Поповски да го спроведе тендерот за луксузниот „мерцедес“, со фаворизирање на добавувачот М.А. ДООЕЛ Скопје. Тоа Поповски го сторил со наведување на спецификации за возилото како: ерматик, спидтроник, при-сејв, термотроник, команд, дистроник плус, гард, најтвју асист. Притоа во тендерот не навел дека може да се пријават и други понудувачи со еквивалентни перформанси на наведените.

По таквиот, според обвинението, наместен тендер, се појавила само фирмата М.А. ДООЕЛ Скопје. Во јуни 2012 година бил склучен договорот меѓу МВР и овој добавувач, а за кусо време бил купен „мерцедесот“ за речиси 600 илјади евра.

Обвинетите не признаа вина, судот бил партиски

Груевски, Јанкулоска и Поповски не признаа вина за случајот, а во текот на судењето Груевски често даваше изјави дека судот не ја води постапката фер и дека станува збор за политички процес. Тој знаеше и во судницата да искоментира дека „судот е партиски“, по што беше предупредуван од судијката.

„Мерцедесот“ сè уште не е на продажба

СДСМ кога дојде на власт пред јавноста го покажа „мерцедесот“ за кој премиерот Заев рече дека е изгребан од мачки.

„Набавната цена на ‘мерецедесот’ е 580.00 евра, ако го продадеме, нема да му земеме повеќе од 440.000 евра. Најверојатно ќе го користиме само за високи, меѓународни делегации. Тој е оставен во гаража, уништен, изгребан од мачки“, рече Заев на гостувањето во МТВ.

Пред три месеци, а по бурните реакции во јавноста, Владата одлучи сепак да го продаде возилото, преку електронскиот систем за јавно наддавање со кој управува и оперира Министерството за финансии.

Почетната проценета вредност на овој автомобил, согласно со проценката на Бирото за судски вештачења, изнесува 14.372.208 денари (230.000 евра).

Еден месец подоцна, Владата повторно се предомисли и ја стопираше постапката за продажбата на „мерцедесот“. Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, рече дека оваа одлука била донесена за да не се избегне одговорност во судскиот процес кој се води, а возилото е материјален доказ.

„Донесовме одлука да ја ставиме во мирување продажбата на ‘мерцедесот’ со цел да осигураме дека никој нема да ја искористи постапка за да избегне одговорност во судскиот процес каде што ова возило е материјален доказ“, рече Бошњаковски.

Едно од судењата траеше повеќе од 10 часа, а имаше и ситуации кога судијката Кацарска ги опоменуваше Груевски и Јанкулоска да не ги користат мобилните телефони во судницата, откако во неколку наврати беа видени како пишуваат пораки.

На едно од рочиштата во знак на поддршка се појави цела делегација од ВМРО-ДПМНЕ, а најверојатно тоа му даваше и сила на Груевски јавно да го критикува случајот, дека се води по принципот „кадија те тужи, кадија те суди“.

„СДСМ те тужи, СДСМ ти суди и тоа е чувството што го носиме од ова судење. Повторно денеска како што забележавте се боревме за да ги добиеме основните права, нешто што според закон е наше право и што ни следува“, рече Груевски.

Груевски знаеше и преку поговорки да го објаснува текот на судењето пред новинарските екипи.

„Судот за СЈО е мајка, за нас маќеа.“

И покрај многуте сведоци кои беа сослушани, голем интерес во јавноста предизвика сведочењето на Дејан Митревски – Урко, долгогодишен личен телохранител на Груевски.

Тој застана во одбрана на Груевски, велејќи дека старото службено возило со кое го возеле Груевски имал ветробранско стакло од коешто нему му се расипал видот, а поради тоа чувствувал и главоболки.

„Сведокот рече дека лично тој се јавил кај производителот на возилата и од нив добил одговор дека таквите ветробрански стакла биле надвор од употреба. Сведокот потврди дека возилото пријавувало дефекти, а во една ситуација, во Велес, удриле во столпче. Митревски кажа дека перманентно го предупредувал Груевски за потенцијалните опасности и ризици, но дека тој одбивал да се набави ново возило“, пренесоа новинарите кои го следеа судењето.

Како сведок беше сослушан и поранешниот директор на СОЗР, Васе Доневски, личниот возач на поранешниот премиер, Ацо Јаневски, Љупчо Цековски кој бил член на обезбедувањето на Никола Груевски и многу други… Членовите од обезбедувањето пред судот тврдеа дека неопходна била набавка на ново возило, поради честите дефекти што ги имало старото.

Адвокатите на Груевски и Јанкулоска во текот на судењето ги оспоруваа и двете вештачења за набавката на „мерцедесот“, што биле направени по барање на СЈО. Ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, пред судот рече дека се сомнева во вештачењата на СЈО во предметот „Тенк“ зашто управител на фирмата која ги вршела вештачењата е Димитар Бузлески, а вештак е Тале Герамтчиоски кои вршеле високи политички функции во СДСМ, партија која е директен политички опонент на ВМРО-ДПМНЕ. На ова, обвинителите на СЈО одговорија дека не сакаат да коментираат партиски определби, бидејќи станува збор за личен избор.

Кон крајот на судењето, минатиот месец, судот одлучи дека на поранешната министерка Јанкулоска за случајот ќе ѝ се суди во одвоена постапка, откако таа донесе лекарска потврда дека има ризична бременост.

Денеска во Кривичниот суд ќе бидат дадени завршните зборови за случајот. Се очекува судијката Кацарска во наредниве денови да ја објави пресудата за случајот „Тенк“. Максималната казна со која се соочува Груевски е една година затвор, а Поповски пет години.