Анализи

Убиството на Ивановиќ покажува дека Србија и Косово мора да соработуваат

Марија Ристиќ, Белград

За прв пат во овие десет години, по прогласувањето на независноста на Косово, обвинителите на Србија и на Косово, решија официјално да соработуваат, заеднички работејќи на истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ, кој беше убиен минатата недела во Митровица.

Овој потег, иако без преседан, не е за изненадување, со оглед дека и на двете страни им е важно да ги пронајдат одговорните за убиството, кое предизвика шок и страв меѓу Србите и Албанците.

Влогот за решавање на овој случај е голем и за Србија, и за Косово. Приштина мора да покаже дека го поддржува владеењето на правото, особено поради случувањата во последните неколку месеци, во кои дојде до тензии околу демаркацијата на границата со Црна Гора и до обид на пратениците на партиите од владејачката коалиција, да го спречат функционирањето на Специјализираните совети на Косово, со седиште во Хаг.

Косово, исто така, треба да покаже дека може да го спроведе законот и во северниот дел, каде што живее мнозинство српско население и каде што беше убиен Ивановиќ, бидејќи силните врски што овој дел ги има со Србија, значат дека на Приштина ѝ е тешко да ја наметне својата законска волја.

Србија, од друга страна, сака да ги разбие гласините и наводите дека убиството на Ивановиќ е политичко и дека трагите на доказите водат кон Белград. Таа, исто така, сака да покаже дека сѐ уште е одговорна за законот и редот во северно Косово, како што тоа го смета и главната партија на Србите од Косово, Српска листа, која ја има поддршката од Белград.

Европската унија, која е посредник во дијалогот за нормализирање на односите меѓу Приштина и Белград, треба да ја искористи оваа необична соработка во истрагата за убиството на Ивановиќ, со цел да се продолжи соработката меѓу правосудните органи на Србија и на Косово.

Ова е особено важно, бидејќи наскоро завршува мандатот на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС), преку која одат барањата за правна помош од Приштина до Белград и обратно.

Мисијата најверојатно ќе го напушти Косово оваа или следната година. Нејзините надлежности веќе се намалени, а случаите ги презеде косовското обвинителство.

Поради немањето соработка меѓу Приштина и Белград, може да се случи, извршителите на сериозни кривични дела, да ја избегнат правдата.

БИРН во 2015 година пишуваше за тоа како поради несоработката меѓу полицијата и судството на Косово и на Србија, осудените криминалци од Косово и од Србија, го избегнуваат издржувањето на затворската казна, за кривичните дела што ги сториле, само со преминување на границата.

Еден од најпознатите такви примери е случајот на Лема Џема, која беше осудена на три години затвор за корупција во Косово. Таа избега во Србија каде што се наоѓаше до моментот на застарување на случајот, а потоа се врати во нејзиниот роден град во Косово, како слободна личност.

Слично беше и во случајот со Предраг Вуличевиќ, државјанин на Србија, кого косовската полиција го уапси во март 2015 година во Северна Митровица, врз основа на потерница на Интерпол распишана од српските власти.

Вуличевиќ избега од Србија за да ја избегне тригодишната затворска казна на која беше осуден за шверц со наркотични средства и за други злосторства. Тој беше уапсен во Косово, но подоцна ослободен, бидејќи Србија не поднесе барање за екстрадиција, затоа што не соработува со косовската полиција.

Дури и на ЕУЛЕКС, во полн мандат, му беше тешко да спроведува истраги, да ги апси и процесира криминалците кои имаа врски и во Приштина, и во Белград.

Ситуацијата е особено тешко кога станува збор за гонење на воените злосторства; и покрај фактот што Косово и ЕУЛЕКС, преку УНМИК, издадоа повеќе од 50 потерници по српски граѓани, ниту еден од нив не беше ниту екстрадиран, ниту уапсен.

Иследниците на ЕУЛЕКС ги завршија истрагите во врска со масовните убиства во косовските села Сува Река и Меја, извршени во 1999 година, но не можеа да ги фатат наводните сторители, за кои се верува дека се во Србија, и покрај договорот за соработка кој ЕУЛЕКС го имаше со Белград.

Од 2016 година, покренувањето на нови случаи не е веќе во надлежност на ЕУЛЕКС. Значи, со оглед на тоа дека косовските обвинители ги водат новите случаи на воени злосторства, соработката со Србија е де факто блокирана.

Ова очигледно претставува голем проблем, бидејќи во 90 одсто од случаите што ги водат српското и косовското обвинителство, жртвите се наоѓаат во едната, а извршителите во другата држава.

Обвинителството за воени злосторства во Србија во последните три години не покренало ниту едно обвинение за воени злосторства извршени во Косово, додека обвинителството на Косово покрена случаи против поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кои беа единствените осомничени на кои можеше да им се суди.

Србија смета дека има универзална јурисдикција да спроведува истраги за сите злосторства извршени во поранешна Југославија, а Косово смета дека, бидејќи е независна држава, српските обвинители немаат овластување да спроведуваат истраги во рамките на неговите граници. Властите во Приштина соопштија дека Белград ги одбива нивните понуди за правна помош, бидејќи тие доаѓаат од држава што Србија не ја признава.

ЕУ му посвети големо внимание на ова прашање, бидејќи е сложено и политички чувствително. Дури и за спроведувањето на полесните задачи, како што е судската интеграција на северно Косово во судскиот систем на Приштина, на Брисел му беа потребни години. Официјалните претставници на ЕУ често укажуваат на регионалната соработка како клучен елемент во процесот на пристапување во ЕУ, но тоа не значи дека станува збор само за соработка за економски прашања.

Тоа, исто така, значи, дека многу посериозни случаи, како што се организираниот криминал и воените злосторства, мора да бидат дел од дијалогот меѓу Приштина и Белград во кој ЕУ посредува, бидејќи, како што покажува трагичната смрт на Оливер Ивановиќ, овие проблеми нема едноставно да исчезнат ако се игнорираат, туку порано или подоцна ќе се вратат за да прогонуваат.

Мислењата во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги рефлектираат ставовите на БИРН.