Вести

УБК прислушувала и по „бомбите“

lence-ristoska-sjo-target

Осомничени се десетина припадници на УБК дека незаконски прислушувале преку опремата во управата

Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) незаконски прислушувала најмалку 5.817 лица меѓу кои имало и новинари, бизнисмени и политичари од опозицијата и од власта во периодот меѓу 2008 и 2015.

Некои од нив биле следени сè до 10. март 2015, цел месец по објавувањето на првата „бомба“и откако веќе беа во притвор тројцата осомничени за прислушување во случајот „Пуч“. Прислушувањето било активно и откако еден од осомничените во „Пуч“, Звонко Костовски беше правосилно осуден токму за следење на комуникациите.

Ова го открива новата истрага на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) наречена „Таргет“, што се базира на податоци добиени од два мобилни оператори, која ја објави денеска обвинителката Фатиме Фетаи. Осомничени се десетина припадници на УБК дека незаконски прислушувале преку опремата во управата.

Од објавеното може да се заклучи дека прво и второ осомничениот се најодговорните лица во УБК во изминативе десет години, а, според СЈО, наредбите доаѓале од прво осомничениот кој веќе не е дел од оваа институција.

СЈО на прес-конференцијата  како илустрација на прислушувањето објави дека меѓу таргетираните се новинарите Борјан Јовановски, кој бил прислушуван од 2010 до март 2015, Горан Михајловски од 2013 до март 2015, како и Мери Јордановска која е следена во периодот од февруари 2014, исто така до март 2015.

Интересно е дека УБК почнала да ја следи Мери Јордановска точно десет дена откако таа заедно со група новинари го објави истражувањето за сопствеништвото на медиумите во Македонија, во кое за прв пат се слушна за фирмата „Финзи“, каде директоруваше сега веќе починатиот Коста Крпач, инаку сведок на СЈО во истрагата „Трезор“.

Покрај новинарите, следен бил и долгогодишниот директор на „Комерцијална банка“, Хари Костов и тоа точно две години, потоа поранешната министерка Гордана Јанкулоска исто така две години, Миле Јанакиески, нешто повеќе од две години и тоа на трите телефонски броја.

Прислушувањето продолжило и откако осомничените во случајот „Пуч“, биле во Идризово, а еден од нив дури бил и осуден

Исто толку време бил слушан и Али Ахмети, додека Мендух Тачи бил еден од најдолго следените, повеќе од три и пол години. За сега СЈО нема докази дека експремиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков биле цел на прислушувањето, иако нивни разговори има во објавените снимки.

Во периодот до 2008 до 2015 прислушувани се најмалку 4.286 лица за кои УБК воопшто немала законска дозвола да ги следи, додека управата во истиот период незаконски прислушувала и нешто повеќе од 1.500 лица за кои во одреден период имала амин од судот, меѓутоа ги следела и пред и по обезбедувањето на дозволата.

Како што е случајот и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој бил прислушуван околу три години, меѓутоа во тој период не бил постојано под посебни истражни мерки. Следени биле и Зоран Верушески и неговата сопруга Соња, како и Бранко Палифров, сите дел од случајот „Пуч“.

sjo-target-janeva-fatime-kamera

„Таргет“ биле речиси 6.000 лица

Дури 401 телефонски број бил следен до март 2015.  Ова обвинителство во моментов сѐ уште го истражува незаконското следење на интернет-комуникациите како Фејсбук, мејл, Вибер и слични, а има сознанија дека се вршело прислушување на телефените и во 2016 година.

За незаконско следење УБК користела три опреми, сѐ  до уништувањето на двете од нив со дробилица , дејствие кое е опфатено со истрагата „Тврдина“. Како што тогаш објаснија од СЈО, последната, онаа најстарата сè уште е во УБК и таа била користена најкратко, десетина месеци.

Обвинителката Фетаи објасни дека едно лице што забележало дека незаконски се прислушува, зело дел од транскриптите и од аудио-записите и ги дало на друго лице, кое, пак, го предало на лидер на политичката партија кој им ги дал материјалите на СЈО.

Очигледно дека станува збор за четворицата осомничени во „Пуч“, иако од СЈО не објаснија дали некој од нив некако е вклучен во истрагата за случајот „Таргет“.

За потребите на оваа истрага СЈО сè уште ги чека информациите од третиот  мобилен оператор во земјава што се уште не ги доставил податоците.