Вести

Владата потврди дека ќе го раскине договорот за Казандол

Се очекува конечната одлука за Казандол да се донесе за една недела | Фото: Сардич МЦ

Владата има правна основа да го раскине Договорот за концесија за минерални суровини за рудникот Казандол, изјави денеска на прес конференција портпаролот Миле Бошњаковски.

Тој истакна дека концесионерот ги пробил роковите за изградба на рудникот и со тоа не се исполнети услови од договорот за концесија. Работна група во Владата во период од неколку месеци утврдила повеќе недоследности како основа за стопирање на изградбата на овој рудник.

Како пример, Бошњаковски наведе дека не е изградена постројката за производство на катоден бакар како што било договорено, во рок од две години од доделувањето на Договорот за концесија во февруари 2015 година.

Тој потврди дека  Владата на синоќешната седница ја разгледала и усвоила информацијата за степен на изграденост на рударскиот комплекс Казандол и го задолжила Министерството за економија во рок од седум дена да информира за условите за раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, бакар, злато и сребро Казандол и за одземање на дозволата за експлоатација на минерални суровини доделена на 20 јули 2015 година.

Претходно и министерот за земјоделство Љупчо Николовски, во телевизиско интервју најави дека Владата ќе пристапи кон раскинување на договорот за рудникот Казандол.

Инаку, БИРН на крајот на јануари објави истражување дека Договорот за концесија за експлоатација на бакар за рудникот Казандол е прекршен и со тоа се создадени услови за негово раскинување.

Во меѓувреме, Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција отвори и предистражна постапка за овој случај, за наводно противправно доделување на концесијата за експлоатација во овој рудник.