Регион

Во Хрватска се отвора центар за документирање на судењата за воени злосторства

Во новиот центар за транзициска правда, кој се отвора во Пула, ќе бидат изложени документи, филмови и фотографии од предмети кои се суделе пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ.

Свен Милекиќ, Загреб

Фотографија направена во „Сенс – центарот за транзициска правда”, еден ден пред свеченото отворање. Фото: Фејсбук/Еуген Јаковчиќ

Во петокот вечер во Пула своите врати ќе ги отвори „Сенс – центарот за транзициска правда”, во кој јавно ќе бидат достапни фактите утврдени во текот на судските процес во МКТЈ во Хаг.

Мирко Кларин, основач на центарот и директор на агенцијата Сенс, која ги следеше судењата во Хашкиот трибунал, за БИРН вели дека во центарот ќе се најде архивата на медиумските извештаи за судските процеси во Хашкиот трибунал, што агенцијата ги има документирано, во период над 20 години.

„Направивме избор на работи што сакавме да ги сочуваме; работи за кои сметавме дека можеме даги искористиме во создавањето на интерактивни наративи, документарни и образовни филмови и така натаму“, вели Кларин.

„Суштината на овој центар е прикажување на злосторствата што се истражени, процесирани и за кои Трибуналот донел пресуда, како и фактите кои се утврдени надвор од разумно сомневање”, објаснува тој.

Кларин решил да го отвори овој центар во неговиот роден град, во Пула, каде што добил поддршка и од локалната власт. Вели дека неговиот приоритет е да покаже како трибуналот ги реконструирал настаните од југословенските војни.

„Помалку е важно дали некој за нешто бил прогласен за виновен или не, бидејќи дури и во сите ослободителни пресуди имате потврда дека некои работи наведени во обвинението, се случиле на одреден начин”, нагласува Кларин.

Истакнува дека фактите утврдени во МКТЈ ѝ се „малку познати на јавноста во регионот, која е заинтересирана за тоа дали некој е невин или е виновен, додека малку внимание им се дава на овие „ситни“ детали, како што се утврдените факти и сведоштвата на жртвите и на сведоците“.

Центарот официјално во петок вечер ќе го отвори Серж Брамерц, обвинител на МКТЈ и на наследникот на овој суд, Механизмот за меѓународни кривични трибунали.

На отворањето, освен Брамерц и Кларин, ќе се обратат и Хелен Валасек, експерт во областа на заштитата на културното наследство и Весна Тершелич, директор на „Документа – Центар за справување со минатото“.

Се очекува, меѓу присутните да бидат и претставници на државното обвинителство на Хрватска, на Босна и Херцеговина и на Србија.

Планирано е и отворање на изложбата „Споменици на нишан”, која говори за уништување на културното, историското и верското наследство во војните во 90-тите.

Во сабота, Брамерц ќе учествува и на конференција за уништување на културното наследство, повоената реконструкција и градењето на доверба, што ќе се одржи во новоотворениот центар.

Конференцијата е организирана од Сенс, Документа, Фондот за хуманитарно право од Белград, Историскиот музеј на Босна и Херцеговина од Сараево и мрежата на невладини организации активни на полето на зачувување на културното наследство „Европа ностра“, со седиште во Париз.

Брамерц во четвртокот се состана со хрватскиот министер за правда, Дражен Бошњаковиќ, и со главниот државен обвинител, Динко Цвитан, со кои разговараше во врска со судењата на воените злосторства во Хрватска и за соработката на Хрватска со МКТЈ, ММКТ и судствата во регионот.