Регион

Во Приштина започна обновено судење на случајот „Медикус“

Пред Основниот суд во Приштина, започна обновено судење на три лица, кои со првостепена пресуда беа осудени за трговија со човечки органи во клиниката „Медикус“.

Дие Морина, Арита Герџалиу БИРН Приштина

Лутфи Дервиши и Сокол Хајдини во судницата на Основниот суд во Приштина во четвртокот. Фото: БИРН

Пред Основниот суд во Приштина, започна повторното судење на сопственикот на клиниката „Медикус“, Лутфи Дервиши, на неговиот син Арбан Дервиши и на главниот анестезиолог, Сокол Хајдини, обвинети за организиран криминал, во врска со трговија на луѓе, откако Врховниот суд ја поништи првостепената пресуда.

Пред судот не се појави Арбан Дервиши, менаџер на клиниката „Медикус“, кој се наоѓа во бегство.

„Ниту тој ме контактираше, ниту пак јас се потрудив да стапам во контакт со него … Не знам каде е“, изјави неговиот адвокат, Петрит Души.

Сепак, адвокатот информира оти семејството на Арбан Дервиши му рекло оти тој ќе се појави пред судот, но под еден услов.

„Арбан Дервиши ќе се врати само доколку судот му изрече мерка домашен притвор“, информира Души.

Судот го отфрли барањето и одлучи случајот на Арбан Дервиши да го издвои од останатите.

Согласно тоа, сучајот ќе продолжи само со неговиот татко, Лутфи Дервиши и Сокол Хајдини.

„Важно е да се знае дека ниту еден обвинет, не може да преговара со судот за вакви барања“, рече судијата претседавач, Франческа Фишер.

Апелацискиот суд во март 2016 година им ги потврди првостепените пресуди, со кои Лутфи Дервиши, и неговиот син беа осудени на осум, а Хајдини на пет години затвор.

Со одлуката беше констатирано дека на клиниката во 2008 година биле извршени „повеќе нелегални трансплантации на бубрези“.

Сиромашни лица од Турција, Русија, Молдавија и Казахстан, наводно, ги продавале своите бубрези за 15.000 евра.

Според обвинителот на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, нивните приматели, главно Изреалци, плаќале повеќе од 70.000 евра.

Сепак, по одлуката на Апелацискиот суд, Врховниот суд на Косово наложи повторно судење, заради процедурални неправилности.

Полицијата упадна во клиниката во 2008 година, откако на приштинскиот аеродром беше пронајден турски државјанин, кој беше сериозно болен, чии бубрези биле отстранети.

Клиниката истата година беше затворена, а нешто подоцна и продадена.

Објавено и на Балканска тразициска правда