Регион

Воените ветерани на Балканот сè уште се борат за државни бенефиции

Висината на бенефициите што во 2018 година, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово и Србија, треба да им ги исплатат на воените ветерани, изнесува околу 686 милиони евра, но нивниот третман од страна на државата и натаму предизвикува политички спорови и протести на поранешните борци, во секоја од овие држави.

Младен Лакиќ, Ана Владисављевиќ, Сербезе Хаџиај, Филип Рудиќ | БИРН | Сараево, Загреб, Приштина, Белград

Неодамнешните протести на воените ветерани во Косово и во Босна и Херцеговина, покажаа дека прашањето за третманот на лицата кои се бореле во конфликтот во 90-тите години, од страна на државите на поранешна Југославија, и натаму е високо чувствително и често контроверзно прашање, но исто така, и дека бенефициите што поранешните борци ги добиваат од државата, остануваат во центарот на конфликтот меѓу ветераните и владите.

Воените ветерани од војните во 90-тите во Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово и во Србија, во 2018 година треба да добијат бенефиции во износ од 685,8 милиони евра, меѓутоа, иако во некои од овие земји здруженијата на ветерани имаат политичко влијание, многу поранешни борци и натаму водат битка за да ги остварат, како што велат, своите основни права.

Косовската влада од буџетот за 2018 година, кој изнесува само 1,8 милијарди евра, намени значителен износ од 77,8 милиони евра за пензии на поранешните борци, но проблемот е во тоа што во јавноста се појавија тврдења дека илјадници лица се лажно регистрирани како ветерани.

Во Хрватска, каде што здруженијата на бранители имаат одредено ниво на политичко влијание, државата, за 2018 година, издвои 174 милиони евра за нивните бенефиции. Сепак, тие и денес се борат за психосоцијална нега, која им е потребна за решавање на нивните проблеми со посттрауматскиото стресно нарушување (ПТСП).

За воените инвалиди Србија одвои околу 114 милиони евра од буџетот за 2018 година. Но, она за што поранешните борци замеруваат е фактот дека речиси 20 години по последната војна во 90-тите, државата сé уште нема усвоено закон, со кој се регулира нивниот официјален статус.

Властите во двата ентитета на Босна и Херцеговина, Република Српска (РС) и Федерацијата БиХ (ФБиХ), велат дека за бенефиции на ветераните и на членовите на нивните семејства, се издвојуваат 150 (во РС) и 170 (во ФБиХ) милиони евра годишно.

БиХ: Мали бенефиции и наводни измами

Демобилизираните борци од БиХ бараат повисоки бенефиции и регистар на поранешни борци. Фото: Фехим Демир/ЕПА

БиХ нема закон за поранешните борци на државно ниво. Нивниот статус е регулиран само на ниво на ентитетите.

Така, право на месечна пензија од 200 евра во РС, каде што просечната плата е малку повеќе од 400 евра, имаат околу 60.000 поранешни борци. Плус, тие добиваат годишна пензија од 1,35 евра за секој месец што го поминале во војска, за време на војната 1992-1995 година.

Федералното Министерство на борци и инвалиди, соопшти дека во овој ентитет бенефиции добиваат 95.000 лица – 48.000 воени инвалиди, 42.000 членови на семејства на загинати војници и 5.000 носители на највисоки воени одликувања.

Поранешните борци, припадници на Армијата на Босна и Херцеговина и на силите на босанските Хрвати, Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), во септември организираа протестите, барајќи повисоки бенефиции, идентификување на оние корисници кои имаат лажен статус на поранешен војник и воспоставување на единствен регистар на оние кои се бореле во војната во БиХ.

Тие бараат минимум месечна пензија од 326 босански марки (167 евра) за невработените ветерани и 2-3 босански марки (1-1,5 евра) за секој месец кој борците го поминале во војната.

Парламентот на ФБиХ требаше годинава да донесе закон со кој ќе се задоволат барањата на борците, но до денес тоа не е направено.

„Ние (демобилизираните борци) бараме само она што е фер – оние кои го фалсификуваа своето учество во војната, да не можат да користат бенефиции, додека оние кои ги дадоа своите најдобри години од својот живот за БиХ не добиваат ништо”, изјави за БИРН, Хамза Кркалиќ, еден од борците кои протестираа.

Демобилизираните борци во ФБиХ, ја критикуваа и политиката на ентитетот за финансирање на голем број на здруженија на ветерани, тврдејќи дека тоа им носи корист само на лицата кои се задолжени за здруженијата, и оти многу малку придонесува за подобрување на животниот стандард на поранешните борци.

Хрватска: Критика поради бенефиции за семејствата на бранителите

Протест на хвратските бранители во 2015. Фото: Антонио Бат/ЕПА

Во својот извештај за 2018 година, Европската комисија го критикуваше Законот за хрватските бранители на Татковинската војна, со кој се овозможи зголемување на пензиите и дополнителни социјални бенефиции за воените ветерани.

„Властите предложија идно проширување на привилегиите на ветераните и на нивните семејства, што резултираше со дополнително зголемување на пензискиот плафон. Постигнат е мал напредок за поддршка во реинтеграцијата на бранителите на пазарот на труд“, се вели во извештајот на ЕК.

Според законот, кој беше усвоен во 2017 година, хрватските бранители и децата на загинатите или невработени бранители, имаат предност во однос на другите кандидати при барањето на работа во јавниот сектор, што на домашен терен предизвика критики.

Сепак, Зорица Грегуриќ, претседател на Здружението на бранители доброволци на Вуковар од Загреб, една од 1.350 организации кои ги претставуваат интересите на бранителите во Хрватска, смета дека коментарите на Европската комисија се во врска со реформата на пензискиот систем во целина, а не само за дополнителните бенефиции за бранителите.

„Постои голема медиумска конфузија околу две реченици (од извештајот на ЕК) што не можат објективно да се сфатат како критика”, вели Грегуриќ за БИРН.

Политичкиот аналитичар, Жарко Пуховски, смета дека е разбирливо луѓето кои учествувале во борби да имаат посебен третман, медицинска и психосоцијална помош, но ја критикува политиката на владата за проширување на бенефициите на нивните деца.

„Зошто би се сметало дека детето кое го загубило таткото во војна, е во полоша ситуација од детето чиј татко починал во сообраќајна несреќа?”, вели Пуховски на БИРН.

Тој истакнува дека бранителите во Хрватска имаат политичко влијание, што им донело привилегии и им дало можност да вршат притисок врз власта.

Организациите на хрватските бранители, честопати се обидуваа да го искористат ова политичко влијание. Тие беа на чело на протестите кои се одржаа во 2013 година против поставувањето на табли на јавните институции во Вуковар, на хрватски и на српски јазик, со натпис кој ќе биде напишан и на латиница, и на кирилица. Протестот траеше 18 месеци и за тоа време бранителите беа во шатор што го подигнаа пред Министерството за бранители, барајќи оставка од министерот. Протестите завршија во април 2016 година.

Поранешните припадници на ХВО, исто така, беа во центарот на континуиран спор, врзано за користењето на усташкиот поздрав „За дом спремни”.

Косово: Протести поради обвинението за лажни ветерани

Ветеран на ОВК вее албанско знаме на протестите во 2015. Фото: Валдрин Џемај/EПA.

Поранешните високи припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), и денес се доминантна сила во Косово, бидејќи многу од нив, по војната 1998-1999, стана политичари, меѓу кои и актуелниот премиер, Хашим Тачи, и премиерот, Рамуш Харадинај.

Од Министерството за труд и социјална политика на Косово, кое е одговорно за доделување на пензиите, за БИРН изјавија дека на списокот за исплата за месец септември, имало 33.184 ветерани. Секој од нив добива околу 2.000 евра годишно.

Спорот започна во текот на летото, кога јавниот обвинител јавно изјави дека повеќе од 19.000 лица, се лажно регистрирани како ветерани, со цел да добијат статус „борец за слобода”, што ќе им овозможи добивање на пензија и други институционални придобивки.

Специјалниот обвинител, Елез Блакај, кој поведе истрага за случајот со лажните ветерани, во август изјави оти бил принуден да поднесе оставка и да замине во егзил во САД, бидејќи добивал закани.

Имено, Блакај две години водеше истрага, која беше иницирана откако Владата објави дека на списокот на ОВК ветерани, кои во 1998 и 1999 година се борел против српските сили, има регистрирано 46.230 лица.

Невладини организации и организации на воените ветерани од Приштина изрази загриженост дека оваа бројка е преувеличена.

Претходно, во неколку наврати, поранешните лидери на ОВК, јавно изјавија оти бројот на борци никогаш не бил поголем од 15.000.

Блакај истакна дека со верификацијата на лицата кои всушност никогаш не се бореле во војната, е нанесена „сериозна штета на државниот буџет и на вистинските борци”.

Кога Блакај поднесе оставка, неговото обвинение беше завршено. Тоа беше поднесено во септември, но од страна на друг обвинител, а содржеше дополнителни 2.000 имиња на наводни лажни борци.

Против 12 членови на владината Комисија за верификација на припадниците на ОВК, беше поднесе обвинение за злоупотреба на службената положба и овластувања. Меѓу обвинетите е и претседателот на Комисијата, Агим Чеку, поранешен командант на ОВК и поранешен министер на Косовските безбедносни сили.

Ова обвинение предизвика лутина кај здруженијата на ветерани на ОВК. Дел од нив излегоа на протести, барајќи од Владата да спроведе нов верификациски процес, а од обвинителството, да ги повлече обвиненијата.

Така, за време на протестите што косовските ветерани ги одржаа во септември, Авдил Мушколај, претставник на ветераните на ОВК од оперативната зона Дукаѓин, која беше под команда на сегашниот премиер Харадинај, предупреди дека доколку обвинителството не ги повлече обвиненијата, „следниот протест нема да биде мирен”.

Србија: Одбиена исплата на пензии на борците од војните во 90-тите

Српските воени ветерани во 2007 штрајкуваа со глас. Фото: Коча Сулејмановиќ/EПA.

За разлика од земјите што се соочуваат со проблемот на лажни ветерани, многу боречки организации во Србија велат дека во оваа земја, ниту вистинските борци не можат да бараат пензии.

Претседателот на српските воени ветерани, Миле Милошевиќ, истакнува дека државата го игнорира барањето на оваа организација, за усвојување на закон со кој ќе се регулира статусот на поранешните војници.

„Ние немаме право на пензии, ниту на нешто друго. Ние не постоиме за државата“, истакнува Милошевиќ за БИРН.

Во текот на 90-тите, српското раководство тврдеше дека Србија не учествува во војните во БиХ и во Хрватска.

Милошевиќ објаснува дека од Србија бенефиции добиваат само воените инвалиди и поранешните активни припадници на Југословенската народна армија (ЈНА), но не и резервистите и доброволците.

„Објаснувањето е дека нема закон за ветерани”, вели тој.

Милошевиќ додава оти е уште поважно што 350.000 српски учесници во војните во 90-тите, кои, според проценките на неговото здружение, сè уште се живи, немаат пристап до воено-медицинските установи, како што е Воено медицинската академија (ВМА) во Белград.

Освен што не го признава учеството на Србија во војните во БиХ и во Хрватска, власта во Белград, исто така, има специфичен проблем и со воените ветерани што се бореле во Косово.

По завршувањето на војната во Косово во 1999 година, Владата на ветераните им ја задржуваше исплатата на дневниците, сѐ до протестите на дел од ветераните во 2008 година, со кои тие бараа исплата на долговите.

Српската влада на крајот им исплати две милијарди динари (околу 25 милиони евра во 2008 година), на поранешните борци, но само на оние што протестираа, од седум општини од југот на земјата, што ги налути другите ветерани.

Илјадници ветерани ја тужеа Србија пред Европскиот суд за човекови права и во 2012 година, во првостепена постапка, го добија случајот. Меѓутоа, оваа пресуда, во 2014 година, во жалбена постапка беше поништена, со образложение на судот во Стразбур, дека тужителите не ги искористиле сите расположливи правни лекови во Србија.

Поранешните борци потоа ја тужеа државата за дискриминација пред српските судови.

Во многу случаи, судовите пресудија во корист на борците, но наложија исплата на мали износи на надомест, наместо да наложат државата да им ги исплати на поранешните борци заостанатите дневници.

Незадоволни од целосниот статус, некои воени ветерани во јуни одржаа протест во Собранието на Србија, при што претставник на владејачкото мнозинство изјави дека ветераните се искористени за политички цели.

„Владата на Србија ќе ги преземе сите со закон пропишани мерки, за да се подобри статусот на воените инвалиди и на членовите на нивните семејства, но ми се чини дека оние кои протестираат се предмет на сериозна политичка манипулација”, изјави во тоа време, Александар Мартиновиќ, шеф на пратеничката група на владејачката Српска напредна партија (СНП).

Од друга страна, не постојат официјални податоци за тоа колку Србија им должи на ветераните, поради различните проценка за бројот на учесници во војната во Косово и во конфликтот со НАТО. Секој ветеран може да има право само на сума до 2.300 евра.

Некои боречки здруженија сметаат дека има околу 100.000 ветерани, што за власта би било сума од околу 230 милиони евра. Но, проценката на Милошевиќ е оти во војната во Косово во 1999 година имало дури 250.000 учесници, што би значело дека српските власти ќе треба да решаваат проблем кој опфаќа многу поголема сума.