Анализи

Воздржаност и скепса за раздвижувањата во ВМРО ДПМНЕ

Мери Јордановска и Синиша Јаков Марушиќ 

Појавата на двете неформални групи од ВМРО-ДПМНЕ кои се спротивставуваат на начинот на владеењето на владејачката гарнитура, во првичните оценки се проследени со сомнеж дека можат реално да предизвикаат превирања во партијата. Особено поради железната дисциплина и методите на уцена на сопственото членство за кои се вели дека се присутни во редовите на владејачката партија, како и немањето доволно авторитет меѓу базата на носителите на иницијативата. 

Димитров и Лазаревиќ на средба во Амстердам, Холандија, минатиот викенд

Двете групи кои во последниов период се активираа на македонската политичка сцена во обид да му стават „ново и чисто руво, со неизвалкана крв“ на ВМРО-ДПМНЕ, пред јавноста настапуваат со голема сигурност дека владејачката партија може повторно да ја врати довербата во јавноста, но не со актуелното политичко раководство.

„Нашата главна заложба е да се врати здравата демократска дискусија внатре во партијата, но и во земјата, и трезвено да се идентификуваат причините за моменталниот ќорсокак“ вели Перо Димшоски кој со Никола Димитров и Владимир Лазаревиќ заеднички повикаа на враќање на довербата во ВМРО, инсистирајќи на политичка и лична одговорност, враќање на политичкиот дијалог и целосно искоренување на криминалот.

„Ние не правиме пуч во партијата туку се обидуваме да ги спасиме и партијата и државата. Се надевам дека дел од функционерите во владејачката партија ќе се освестат и ќе се спротивстават на контролата и доминацијата што ја наметнале Груевски и Мијалков. Во спротивно, ќе ги сметаме за соучесници во криминалот“, вели Јове Кекеновски, еден од најгласните дисиденти во ВМРО ДПМНЕ и дел од неформалниот Форум на слободоумни патриоти што го сочинуваат членовите на партијата.

Но, и покрај ентузијазмот на дисидентите, нивното јавно истапување и критиката која има за цел да ја спречи колективната вина за криминал на ВМРО ДПМНЕ, за набљудувачите тоа сѐ уште не е доволно со сигурност да се оцени колкав е нивниот капацитетот за сериозни поместувања во партијата којашто секогаш, а особено последниве години под раководство на Груевски, остава впечаток на монолитна структура во која владее голема дисциплина.

Воздржаност за успехот на неформалните групи

Засега не можат да се детектираат сериозни пукнатини во ткивото на партијата. Успехот на овие поединечни групи е условен со прашањето дали тие имаат како свој сојузник „некој крупен играч од извршниот комитет во ВМРО-ДПМНЕ, вели Димитровски

Засега не можат да се детектираат сериозни пукнатини во ткивото на партијата. Успехот на овие поединечни групи е условен со прашањето дали тие имаат како свој сојузник „некој крупен играч од извршниот комитет во ВМРО-ДПМНЕ, вели Димитровски

Самиот факт дека некој отворено и јавно го критикува начинот на осумгодишното владеење на Груевски и членовите на неговиот најтесен круг на доверба, за аналитичарите е потврда на одреден степен на демократизација и гласност на пословично отсутната критика. Но, тоа не е доволно за да се смета дека политичките бомби на СДСМ и јавната критика на луѓето кои се декларираат како припадници на идејата на ВМРО ДПМНЕ, ја разнишале структурата на партијата.

„Ова требаше да се случи порано“ вели Анастас Вангели, докторант на Високата школа за општествени истражувања при Полската академија на науки и активист на левичарското движење „Солидарност“.

„Да не беше толку алармантна ситуацијата ќе речев ‘премалку и предоцна’. Но, имајќи ја предвид целокупната состојба, секако дека за поздравување е освестувањето на поединци од ВМРО-ДПМНЕ“ вели тој.

И професорот по правни науки, Осман Кадриу, смета дека појавата на различни движења, иницијативи и неформални групи во ситуација кога Македонија поминува низ политичка криза е повеќе од добредојдена.

„Тоа е значајна поента во плурализмот. Тоа значи дека се планира некаков излез од кризата“, вели Кадриу.

Новинарот и уредник на неделникот „Фокус“, Зоран Димитровски, кој ја следи партијата од самото основање, вели дека засега не можат да се детектираат сериозни пукнатини во ткивото на партијата. Според него, успехот на овие поединечни групи е условен со прашањето дали тие имаат како свој сојузник „некој крупен играч од извршниот комитет во ВМРО-ДПМНЕ“.

Димитровски вели дека, иако Кекеновски има влијание врз еден дел од членството, тоа не може реално да предизвика поместувања, доколку не биде ефектуирано на конгресот на партијата, што е најавен за мај.

„Таму треба да има поддршка за да побара смена и одговорност“ вели Димитровски и проценува дека „во моментов Груевски и Мијалков ги имаат сите механизми во раце за да ги уценат членовите“, алудирајќи на таканаречениот механизам на „потпишани меници“ за кои се зборува дека сите пратеници и избрани функционери ги депонирале во партијата. Во случај на нивната непослушност или дисидентство, таквите меници кои содржат согласност на потписникот на партијата да ѝ препише дел од имот или конкретна сума, за која се вели дека воопшто не е мала, ќе бидат ефектуирани.

Проблемот со држењето на пратениците и функционерите во заложништво со мениците, сѐ уште е тема за која малку се зборува, а оние кои, сепак, зборуваат, тоа го прават исклучиво анонимно.

„Како што пратениците се држат со меници на имот, така и членовите на комитетот се уценети, па оттаму тешко е да се очекува дека е можен драматичен пресврт, не само во партијата туку и на политичката сцена, затоа што Македонија сѐ уште се соочува со ситуација на владеење со страв од Груевски и фамилијата“, смета Димитровски.

Ова на некој начин го потврдува и самиот Кекеновски кој вели дека, иако поддршката што доаѓа од членови на ВМРО-ДПМНЕ, по објавувањето на политичките бомби на Заев е сè поголема, релативно мал е бројот на оние кои и јавно ќе ја демонстрираат.

Се надевам дека дел од функционерите во владејачката партија ќе се освестат и ќе се спротивстават на контролата и доминацијата што ја наметнале Груевски и Мијалков, смета Кекеновски

Се надевам дека дел од функционерите во владејачката партија ќе се освестат и ќе се спротивстават на контролата и доминацијата што ја наметнале Груевски и Мијалков, смета Кекеновски

„Сепак, таму сè е централизирано и затоа на голем број членови страв им е да се изјаснат јавно дека ни изразуваат поддршка“, вели Кекеновски.Посебен проблем е и прашањето за авторитетот на поранешните соработници на Груевски меѓу конзервативното членство на ВМРО ДПМНЕ. Никола Димитров е поранешен заменик-министер за надворешни работи и поранешен амбасадор на Македонија во САД и во Холандија, Лазаревиќ е поранешен заменик-министер за здравство и бивш советник на премиерот, а Димшоски – поранешен заменик-министер за земјоделие и бивш државен секретар за евроинтеграции.

Прашањето за авторитетот произлегува од фактот дека носителите на оваа инцијатива „не пораснале во партијата“ и не се гледаат како автентични членови. Дополнително, интелектуалниот бекграунд и контактите со странство, кај обичните членови лесно можат да предизвикаат резерва и недоверба. Особено со оглед на главниот наратив на владејачката структура дека „бомбите на Заев се дело на странски агентури за разнебитување на државата“, што генерално ја подгрева недовербата кон секој кој има контакти со странство, а притоа е критичен кон Груевски.

Критичкото јадро сѐ уште не е унисоно

Овие две нови „движења“ кои особено се активираа по објавувањето на политичките бомби од страна на СДСМ, се во постојана комуникација и не се исклучува можноста за нивно соединување, со оглед на тоа што имаат исти цели, но засега дејствуваат паралелно.

„Комуницираме со Кекеновски, а координација е претежок збор, сè уште. Имаме исти заложби со него“, вели Димшоски и додава дека нивната декларација „позитивно е прифатена во македонската дијаспора, но и кај релевантни меѓународни фактори кои на ова гледаат како на развој на демократска внатрепартиска расправа која ја сметаат за добредојдена“.

Кекеновски исто така вели дека има контакти со таканаречената „нова вмровска тројка“, дека Форумот на слободумни патриоти што тој го предводи е отворен за сите оние кои не се задоволни со владеењето на досегашното раководство во партијата.