Истражувањa

Враќање на црвените: Падот и подемот на Карл Маркс

Запознајте ги академиците, чија посветеност кон марксизмот ги чинела работни места во деведесеттите и мислителите кои го враќаат Маркс на политичката агенда во Европа денес

Дамир Пилиќ | Сплит, Загреб, Атина и Лондон

„Јазот што остана со заминувањето на овој силен дух ќе се почувствува во најскоро време..“

(Фридрих Енгелс на погребот на Маркс, гробиштата Хајгејт, Лондон, 17 март 1883 година)

Звонко Шундов, доктор по филозофија, ја добил последната плата пред 24 години. Сепак, 63-годишникот инсистира да плати за двете кафиња. Годините кој ги поминал веројатно како најобразованиот бездомник во Хрватска не го скршиле.

„Реалноста е стапица за секој мислител”, вели тој.

Во 1991 година, Шундов бил отпуштен од Електротехничкиот факултет во Загреб. Тој ги има добиено судските парници против неговото разрешување во Загреб и Стразбур, но никогаш не се вратил во училница, бидејќи неговото работно место повеќе не постои. Тој предавал марксизам.

Во социјалистичка Југославија, марксизмот бил задолжителен предмет во сите средни училишта. Потоа се случил падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година и падот на комунизмот, кога, во својот познат есеј „Крајот на историјата“, американскиот политички научник Френсис Фукујама ја прогласил вечната победа на либералната демократија и капитализмот.

Стотици наставници и професори по марксизам останале без работа. За време на големата промена, тие биле презирани како курири на тоталитаризмот за кој немало место во едно демократско општество.

Но, сега политичкиот пејзаж во Европа се менува: левичарските движења добиваат на сила, поради светската економска криза. На почетокот на 2015 година, Европа ја доби својата прва влада на радикални левичари од „Крајот на историјата“, со победата на грчката Сириза, политичко движење коешто произлезе од Комунистичката партија.

Во Шпанија, Подемос, движење блиско до Сириза, дојде од никаде и стана трета сила во националната политика. Партијата Ди Линке во Германија минатата година ја презеде властаво државата Тирингија со демократски социјалистичка платформа, чиј главен кандидат ја водеше кампањата со голема црвена биста на Карл Маркс.

Во Велика Британија, новиот лидер на Лабуристичката партија Џереми Корбин вели дека Маркс е „фасцинантен лик… од кого можеме многу да научиме”.

Се чини дека марксистичките вредности, кои за Шундов и другите значеле губење на работните места, се враќаат на европската сцена. Дури и Фукујама зборува за проблемите на нееднаквост и доминацијата на финансиите во капиталистичкиот систем.

Имајќи ја предвид оваа позадина, сакав да истражувам што се случило со оние професори по марксизам кои ги загубиле своите работни места и како тие и денешните европски марксисти гледаат на очигледното заживување на социјализмот.

Дали Сириза е продолжение на нивните прекинати соништа? Дали грчкиот премиер и лидер на Сириза, Алексис Ципрас е нивниот демократски Ленин на 21-от век? Што може да се извлече сега од брадата на Маркс за да се изгради иднината на Европа?

„Времето на марксизмот допрва треба да дојде”, тврди Шундов, додека пиеме кафе во едно загрепско кафуле во мај оваа година. Потоа продолжува да цитира една друга социјалистичка икона: „Роза Луксембург рече ’социјализам или варварство’, а денес имаме варварство. Сириза и Подемос се човечки чин на побуна.

Освен марксизмот, капитализмот нема сериозен непријател. Капиталистите знаат… : ако некој може да ги уништи, тоа се марксистите. Тоа е причината зошто Сириза се соочува со многу проблеми во преговорите [со ЕУ]”.

Звонко Шундов со судските документи за неговото отпуштање од Електротехничкиот факултет во Загреб. Фото: Дамир Пилиќ

Звонко Шундов со судските документи за неговото отпуштање од Електротехничкиот факултет во Загреб. Фото: Дамир Пилиќ

Откако бил отпуштен, признава Шундов, тој се борел да застане на нозе. Неговите студенти го поздравувале на улица, но колегите, сега поранешни пријатели, го избегнувале. Професорот, исто така, се развел. Неговата поранешна сопруга го избркала од нивниот стан по шорцеви и влечки.

„Спиев на клупа на железничката станица, а во текот на зимата, во напуштени вагони заедно со скитниците. Живеев нормален живот, а сега наеднаш бев надвор на улица. И книгите ми беа во станот. И јас останав без никој свој”.

Но, Шундов имал свои филозофски придружници. Тој го цитира Хераклит дека еден човек вреди како десет илјади, ако е извонреден.

„А јас имав два”, објаснува тој. „Хегел и Маркс”.

Конечно, во 1996 година, боговите на добрата судбина му се насмевнале на истоштениот марксист. Ја сретнал својата идна жена во канцеларијата на еден адвокат. Тој го тужел својот стар работодавец, а таа имала оставински предмет. Клучен фактор: адвокатот доцнел.

„Таа ме покани во кафуле на чај, а јас немав ниту денар во џебот. Таа, исто така, зеде сендвичи и ми понуди еден. Немав јадено ништо три, четири дена, но ми беше срам да го земам, бидејќи не можев да платам ниту за чај. Таа ме натера да земам сендвич. И живееме заедно веќе 20 години. Таа ме спаси”.

Шундов наскоро ќе објави книга за Хегел. Тоа ќе биде четврта книга што ја има напишано откако почнал да живее со жената која го поканила на чај.

Марксистичко „жариште“

Мира Љубиќ Лоргер, која има докторат по социологија, е уште еден марксистички академик за кој падот на комунизмот имал драматични лични последици. До 1990 година таа работела во Истражувачкиот центар за социјални науки во Сплит, универзитетски институт кој во очите на новата анти-комунистичката власт во Хрватска претставувал жариште на марксизмот.

Центарот бил обвинет за верски прогон и брзо бил затворен, иако работел заедно со свештениците, вели Лоргер.

„Иронично, мојот проект беше со наслов ’Дијалог меѓу христијаните и левицата’. Беше запрен на половина пат, бидејќи ме оставија без средства. Толку од дијалогот меѓу христијаните и левицата”, вели таа.

Мира Љубиќ Лоргер во својот стан во Сплит. Фото: Дамир Пилиќ

Мира Љубиќ Лоргер во својот стан во Сплит. Фото: Дамир Пилиќ

За да преживее, таа мораше да се сврти кон едно старо хоби: астрологијата. Загрепскиот неделник „Национал“ ја повикал да пишува хороскопи за нив.

„Мојот син ми велеше: ’Би сакал еднаш да имаме и месо’. Бидејќи во тоа време јадевме само тесто и тестенини”.

Маркс во помалку од минута
1818 – Роден е во прускиот град Триер;
1844 – Се сретнал со Фридрих Енгелс во Париз;
1848 – Маркс и Енгелс го пишуваат и објавуваат Комунистичкиот манифест, наведувајќи ја нивната теорија дека „историјата на сите досега постоечки општества е историја на класната борба”;
1867 – Маркс го објави првиот том на Капиталот, критичка анализа на капиталистичката економија;
1883 – Почина во Лондон и е погребан на гробиштата Хајгејт

Таа побарала од „Национал“ да пишува под псевдоним, но тие сакале доктор по социологија за нивните хороскопи да имаат кредибилитет.

„Им се јавив на сите мои пријатели и ги замолив да не купуваат Национал. Ми беше срам”, ми раскажува во нејзиниот стан во Сплит. „Беше или тоа или смрт од глад како почитуван дисидент. И не можев да се одлучам за второто, заради моите две деца”.

Сега кога е во пензија, таа внимателно ги следи случувањата во Грција. Таа верува дека победата на Сириза е најважниот социјален и политички настан во Европа во последните 20 години.

„Сириза најверојатно ќе пропадне, но фактот што левичарските влади почнаа да победуваат во Европа е знак на една нова ера. Ова го гледам како моја, приватна победа, како да сум добила трето дете”.

Во 1990 година филозофот Душко Чизмиќ Маровиќ работел во марксистичкиот центар во Сплит, политички и научен институт поддржан од Комунистичката партија, што постоел во поголемите градови на социјалистичка Југославија. По затворањето на центарот, како поранешен новинар и уредник на студентските весници, тој сакал да живее од своето пишување.

Но, се сеќава тој, избувна војната меѓу Хрватска и Србија и тој сфатил дека неговото пишување е „премногу нежно” за политичката клима.

„Така, станав рибар”, вели тој.

Маровиќ позајмил пари, зел хипотека на станот на неговата сопруга и купил брод за риболов. Но, капиталистичката авантура не успеала и во 1996 година тој го загубил станот бидејќи не можел да го отплаќа долгот. Исто така, ја загубил сопругата која се разболела од рак.

„Го изгубив станот, бродот за риболов и мојата работа. Останав со две деца, морав да изнајмувам стан. Ги фрлав сметките. Сам ја приклучив струјата, за да не плаќам. Живеев од непостоечки пари”, се сеќава Маровиќ, кој се вратил на новинарството кога левичарската либерална коалиција ги заменила националистите во владата во 2000 година Сега е уредник на универзитетот месечник „Универзитас“.

Доктор на филозофија станува бездомник, доктор по социологија пишува хороскопи, а новинар станува рибар: ова се судбините на хрватските марксисти по „Крајот на историјата“.

Комунистичка „измама“

За разлика од нивните колеги во училиштата и истражувачките институти, универзитетските професори по марксизам во Хрватска поминале нешто подобро. Овие биле филозофи и социолози, кои можеа, исто така, да предаваат други предмети.

Лино Вељак предавал марксизам и онтологија на Универзитетот во Загреб до 1990 година, а потоа само онтологија. Тој се сеќава кога некои колеги „ги смениле боите” и усвоиле нова националистичката агенда. „Повеќето тврдокорни марксисти станале анти-комунисти”, вели тој. „А умерените марксисти продолжија да бидат умерени марксисти”.

Најпознатиот хрватски преобратеник од марксизам во национализам е 78-годишниот Здравко Томац, сега интелектуална икона на хрватската десница, во чии книги преовладува анти-комунизмот.

Но Томац некогаш работел со Едвард Кардељ, креаторот на југословенскиот модел на „социјалистичкото самоуправување”, според кое работниците управувале со државните претпријатија, и најблизок соработник на долгогодишниот југословенски лидер Јосип Броз Тито.

дравко Томац во хотелско кафуле во центарот на Загреб. Фото: Дамир Пилиќ

дравко Томац во хотелско кафуле во центарот на Загреб. Фото: Дамир Пилиќ

Томац ми призна дека Маркс му бил „откритие” во младоста, особено идејата дека светот не треба само да се протолкува, туку треба да се обидеме и да го промениме.

„Токму затоа решив да пишувам книги за самоуправување”, вели тој. „Имав можност да работам со Кардељ, да слушам визии за еден нов свет”.

Томац сега смета дека најголемата заблуда на марксизмот е дека насилното рушење на капитализмот може да доведе до подобро општество.

„Постои, исто така, уште една неточна претпоставка дека колективното е поважно од индивидуалното, дека Партијата одредува што е добро, а што е лошо”, тврди тој. „Со ова се укинува не само слободата на изразување, туку и слобода на мисла”.

Томац додава дека тој ја видел „моќта на комунистичката идеја”, и разбира зошто, според неговите зборови, многу чесни луѓе ја прифатиле „оваа измама”.

„Бидејќи комунизмот има некои хумани идеи, идеи со кои секоја демократска личност може да се поврзе. Тезата дека, наместо финансиски капитал, оние кои генерираат приходи, исто така, треба да бидат задолжени за управување е заведувачка. Знам многу луѓе кои веруваат дека ова идеја била вредна за да го жртвуваат својот живот”.

Духот на Сталин

Во секое интервју, духот на Сталин лебдеше над диктафонот. Сите мои марксистички соговорници ја почувствуваа потребата да се дистанцираат од него. Тие ја гледаат Сириза, како прв чекор кон демократски социјализам во Европа, кој ќе биде различен од тоталитарната верзија на 20-от век.

„Заедно со Латинска Америка, Европа би можела да биде ’второто крило’ во меѓународниот процес кој ќе ја оспори доминацијата на слободниот пазар и капитализмот,” изјавува Вељак.

Моите соговорници заклучија дека заживувањето на Карл Маркс се случи бидејќи европските социјалдемократи се свртеле кон десно, оставајќи простор на левата страна. Кога избувна меѓународната економска криза, новата марксистичка генерација го окупираа овој простор.

Еден дел од оваа генерација се собра во Загреб во мај: членот на политичкиот секретаријат на Сириза, Јанис Бурнус, истакнатиот член на Подемос, Антонио Санчез, и шефот на словенечката парламентарната група Обединета левица, Лука Месец. Сите тројца учествуваа на панел дебатата под наслов „Новата интернационала”. Месец и Санчез, и двајцата на 27-годишна возраст, биле бебиња во 1989 година. Само 35-годишниот Бурнус се сеќава на „Крајот на историјата“.

„Се сеќавам јасно на уривањето на Берлинскиот ѕид, симнувањето на знамето на СССР од Кремљ и големиот распад на Грчката комунистичка партија (ККЕ)”, ми кажува по дебатата, додавајќи дека неговите родители биле членови на ККЕ.

Овие млади луѓе не учеле марксизам на училиште, а сепак сите отворено го признаваат силното влијание на марксизмот врз нивното размислување.

„Да, ние го користиме марксистичкиот апарат за анализа на капитализмот и за осмислување алтернативи”, потврдува Месец.

„Сириза ги поврзува марксистичките движења со центарот”, додава Бурнус.

„Марксизмот е придружник на Подемос, во комбинација со искуствата на латино-американската левица”, вели Санчез.

Еден истакнат поддржувач на Подемос е Тереза Форкадес, 49-годишна калуѓерка која има докторати по јавно здравство и теологијата и живее во Сент Бенет де Монсерат, манастир во близина на Барселона.

Кога зборува за левицата, таа ја користи заменката „ние”. Таа ја наследила левичарската ориентација од нејзините родители, жестоки противници на фашистичката диктатура на Франко.

„Отсекогаш сум бил левичар, а нова работа во мојот живот е религијата, што ја открив, на возраст од 15 години”, вели Форкадес за време на посетата на Хрватска во мај.

Иако таа инсистира на тоа дека таа не е марксист, бидејќи „марксизмот промовира атеизам”, Форкадес го цени Маркс.

„Кога ќе го прочитате ’Комунистичкиот манифест’, се гледа верата во напредокот на човештвото”, нагласува таа. „Капитализмот не беше донесен од страна на Бога, туку од луѓето и Бог не може да биде одговорен за историјата, туку луѓето. Се согласувам со Маркс за ова”, вели Форкадес. Ние не го создадовме светот, додава таа, но нам ни останува да го комплетираме светот.

„Иднината не е напишана“

Сириза дели со неа барем дел од нејзината визија. Во Атина, во седиштето на партијата на плоштадот Елефтеријас, преовладуваат млади луѓе. Освен веселото кафуле на првиот кат, канцелариите се скромни, речиси аскетски.

„Да, јас сум марксист”, ми раскажува 40-годишниот член на политичкиот секретаријат на Сириза, Андреас Карицис, во една од ретките простории без компјутери. Има само моторџиски шлем на празната полица.

„Како партија на левицата, ние цврсто веруваме дека логиката на профит и капитализмот ја уништуваат планетата и создаваат широко распространета сиромаштија”, вели Карицис. „Но, ние не веруваме дека можеме да се префрлиме на социјализмот директно од капитализмот, како што верува Комунистичката партија. Да, ние сакаме општество различно од капиталистичкото, но веруваме дека тоа треба да се гради од долу нагоре, а не со политичка одлука од врвот”.

Улица во областа Егзархија во Атина. Фото: Дамир Пилиќ

Улица во областа Егзархија во Атина. Фото: Дамир Пилиќ

Обид за такво општество веќе постои во Атина. Областа Егзархија понекогаш се нарекува срцето на европскиот отпор спрема капитализмот. Ова е дом на анархисти, тврдокорното крило на грчката левица. Полицијата ретко оди таму, бидејќи ги дочекуваат со молотови коктели. Тука нема капиталистички брендови, а ѕидовите се покриени со антикапиталистички графити. „Иднината не е пишана” гласи еден слоган.

„Не може да платите со картички тука, ние прифаќаме готовина”, ми раскажува 26-годишниот готвач Александар Пападопулос во неговиот ресторан. „Така е во целата област. Ова е нашата форма на отпор кон капитализмот”.

Бетонскиот парк во центарот на областа Егзархија е украсен со транспаренти против капитализмот. Млади луѓе разговараат за општеството и политиката, додека кучињата се шетаат наоколу. Многу мажи имаат бради. Модерна, урбана верзија на Платоновата Академија: поагресивна отколку архетипот, но без робови. Имигрантите се добредојдени тука.

Готвачот Александер Пападопулос во својот ресторан во Егзархија. Фото: Дамир Пилиќ

Готвачот Александер Пападопулос во својот ресторан во Егзархија. Фото: Дамир Пилиќ

„Егзархија е организирана на таков начин што сите сме еднакви: јас, ти, Ципрас,” вели Пападопулос. „Можеби невозможно е целото општество да се организира на овој начин, но тоа е можно во Егзархија”.

Поминувам две вечери во јуни на протестите на плоштадот Синтагма во центарот на Атина: во средата, демонстрантите се во корист на Сириза, во четвртокот, против. Во средата има повеќе млади луѓе. Тие не знаат дека Сириза ќе капитулира пред Европската унија неколку недели подоцна заради мерките за штедење.

Во петокот, во Лондон, го гледам истиот слоган што го видов два дена порано на плоштадот Синтагма – „Крај на штедењето – Сега”. Овој пат, на постер за протест, следниот ден на пладне, пред Банката на Англија во Сити.

Следниот ден, десетици илјади луѓе протестираат во финансиската област. „Дојдовме за да се спаси државата од тоа да биде држава на социјална помош”, ми кажува учителката Енџи. „Јавното образование и здравство се за никаде. Ако ние не се бунтуваме, нема да остане ништо”.

Опкружен со многу антикапиталистички банери, не сум сигурен дали сум на плоштадот Синтагма, во бетонскиот парк во Егзархија или во епицентарот на глобалниот капитализам: постојат огорчени луѓе и, во позадина, духот на Карл Маркс.

Но, Лондон е градот на Маркс: „таткото на научниот социјализам” ги поминал последните 34 години од својот живот тука. Ова е местото каде бил отпечатен Комунистичкиот манифест во 1848 година, во просториите на комунистичката организација на улицата „Ливерпул“бр. 46. Ова е местото каде беше напишан „Капиталот“. Духовен центар на оригиналниот марксизам не е Москва, туку Лондон.

Ленин за лаптоп

Во вечерните часови, додека се шетаме низ хедонистички Сохо, хрватскиот социолог Тони Пруг ми кажува дека живеењето во Лондон го направило марксист.

„Пораснав во Југославија во време на комунизмот, но политиката никогаш не ме интересирала”, вели 43-годишниот Пруг. „Тогаш дојдов во Лондон [1996] и работев на рецепцијата на хотелот Александра во Падингтон една година, по 10 часа дневно за три фунти на час. Имаше две Бугарки кои работеа со мене по 14 часа на ден за две фунти на час: плачеа и праќаа пари дома. Тоа беше дното, кога го купив лаптопот и почнав да ги читам Маркс и Ленин. Ако не станете марксист по такво искуство, тогаш нешто не е во ред со вас”.

Потоа, Пруг работел како компјутерски програмер 10 години, на тој начин плаќајќи ги своите студии по социологија. Тој докторирал на Универзитетот Квин Мери во Лондон со тезата под наслов „Рамноправното производство и дистрибуцијата на стоки и богатство“. Целта на рамноправното производство не е профит, објаснува тој, туку праведна распределба.

Тој вели дека ова е најважниот придонес на Маркс и го наведува примерот со општествените станови во поранешна Југославија.

„Ако имате уште едно дете, ќе добиете уште една соба. И се разбира бесплатно јавно здравство и образование. А, сепак, оние од Запад сметаат дека државата е злобна. Капитализмот нема никакви научни теории за становите во општествена сопственост, бидејќи никаде не станува збор за профит”.

Социологот Тони Пруг во Сохо, Лондон во јуни 2015. Фото: Дамир Пилиќ

Социологот Тони Пруг во Сохо, Лондон во јуни 2015. Фото: Дамир Пилиќ

Според Пруг, „сржта на делото на Маркс”, никогаш не била толку релевантна, но имало премногу импровизација и погрешно толкување на Маркс во минатото.

„Сепак, марксизмот постепено влегува во европските парламенти. Веќе е внатре, преку Сириза”, забележува тој. „Ова е доказ дека е можно да им се обратите на луѓето на марксистичка начин, дури и во 21-от век”.

Дали Сириза може да ги претвори марксистичките идеи во реалност, останува да видиме. По краткиот прв мандат во кој доминираше неуспешниот обид да се спротивстави на ЕУ во врска со мерките за штедење, тие повторно беа реизбрани во септември.

Ја заокружуваме приказната за воскреснувањето на Карл Маркс на гробиштата Хајгејт во северен Лондон. Маркс е најпопуларниот „жител” тука: неговата слика е на официјалниот плакат на гробиштата. Многу посетители застануваат крај неговиот споменик, често да си направат „селфи“.

Впишан на врвот на една сива гранитна плоча на која стои голема биста на Маркс е последниот крик од Комунистичкиот манифест: „Работници од сите земји – Обединете се”. На дното на плочата, читам: „Филозофите само го толкуваа светот на разни начини – меѓутоа целта е тој да се промени”.

Реченица која сите Југословени, мораа да ја знаат за да положат марксизам на училиште. Мисла која има маѓепсано милиони во нивната младост, дури и марксистот кој стана националист Здравко Томац, а инспирира и други луѓе до ден денешен. Вклучувајќи и едно момче на гробот кое носи маичка од Че Гевара, со левата рака во црвен гипс украсен со срп и чекан.

„Син ми ме убеди да дојдам овде, тој стана марксист”, се смее мајката на момчето, Џули Гудман-Чрч. „Тие учеа за Студената војна на училиште и требаа да истражуваат што се случувало претходно. А потоа еден ден дојде и ми рече: „Мамо, Карл Маркс е супер човек!“

Момчето се вика Бен, има 14 години. Еден од најмладите европски марксисти. Дали тој има прочитано некоја од книгите на Маркс?

Бен Гудман-Чрч на гробот на Маркс на гробиштата Хајгејт. Фото: Дамир Пилиќ

Бен Гудман-Чрч на гробот на Маркс на гробиштата Хајгејт. Фото: Дамир Пилиќ

„Комунистичкиот манифест”, вели тој со гордост.

Бен е роден во 21-от век, Маркс почина во 19-от. Се чини дека Фридрих Енгелс не погрешил кога го завршил погребниот говор за неговиот најдобар пријател со зборовите: „Неговото име ќе опстојува низ вековите, а исто и неговата работа”.

На крајот од оваа турнеја низ „марксистичка Европа“, додека на Хајгејт гробиштата се збогував со човекот чии мисли морав да ги научам напамет на училиште, се сеќавам на она што филозофот кој живее во Македонија, Ферид Мухиќ, ми го кажа на почетокот на моето истражување.

Мухиќ е горд марксист, но ми рече:

„Луѓето не се суштества со голема идеали, а марксистите не можат да го разберат тоа. Епикур има кажано: “.

Неколку пријатели во градината, бокал вино и малку козјо сирење – тоа е смислата на животот”. Мислам дека Епикур имал повеќе право од Маркс. Тоа е трагедијата на марксистичката умови”.

Оваа сторија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од ЕРСТЕ Фондацијата и Фондациите Отворено општество, во соработка со Балканската истражувачка репортерска мрежа