Регион

За одбраната на Симатовиќ, Младиќ е одговорен за злосторствата во Хрватска

Одбраната на поранешниот функционер на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Франко Симатовиќ, сугерираше дека за злосторствата над Хрватите во селото Шкабрња, извршени во 1991 година, е одговорна Југословенската народна армија (ЈНА), предводена од тогашниот полковник, Ратко Младиќ.

Радоша Милутиновиќ, Белград

Франко Симатовиќ во судница. Фото: ММКТ

Одбраната на поранешниот функционер на СДБ на Србија, Франко Симатовиќ Френки, на кого пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, повторно му се суди заедно со неговиот шеф, Јовица Станишиќ, во средата посочи дека за злосторствата во 1991 година, е одговорен Ратко Младиќ.

Во текот на вкрстеното испрашување, бранителот на Симатовиќ, Владимир Петровиќ, цитираше забелешка на Младиќ, поранешен командант на Книнскиот корпус на ЈНА, кој во својот бележник го внел датумот на денот пред нападот на Шкабрња, 17 ноември 1991 година.

Како една од задачите, Младиќ во бележникот напишал: „Да протресе оклопниот баталјон кон Шкабрња, да го збрише тоа“.

„Квалитетно да се исчисти реонот Надин-Шкабрња“, била директивата што Младиќ им ја дал на своите сили.

Бранителот на Симатовиќ, му сугерираше на сведокот, Марко Миљаниќ, поранешен командант на одбраната на селото Шкабрња, дека „овие наредби, за жал, завршија трагично во вашето село, Шкабрња“.

„Веројатно, не сум сигурен, но веројатно“, рече Миљаниќ.

Во претходната изјава дадена вчера, Миљаниќ истакна дека српските сили во Шкабрња, за време на нападот на ЈНА на селото, на 18 и 19 ноември, биле убиени 75 Хрвати, „главно цивили“.

Според обвинението, силите кои ги извршиле злосторствата во Шкабрња, биле под контрола на СДБ Србија, односно на нејзиниот шеф, Станишиќ, и оперативецот на терен, Симатовиќ.

Станишиќ и Симатовиќ се обвинети за прогон, убиства, депортација и присилен трансфер на хрватски и муслимански цивили за време на војните во Хрватска и во БиХ.

Злосторствата за кои се обвинети Станишиќ и Симатовиќ биле извршени, според обвинителите, во рамките на здружен злосторнички потфат, на чие чело бил тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ, а чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и на муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на БиХ, со цел да се постигне српска доминација.

Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, тие се изјаснија за невини по обвинението.

Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.

Судењето продолжува во четврток.

Станишиќ не присуствува на судењето во Хаг, бидејќи со одлука на судскиот совет, е пуштен на привремена слобода до 27 септември.

Станишиќ, според наодите на лекарите во Хаг и во Белград, страда од хронична болест на дигестивниот систем и од депресија.