Вести

Заев: Готово е, Груевски

Преодна влада, независна истрага за доказите за прислушувањето, фер и демократски избори и департизација на институциите, побара лидерот на СДСМ Зоран Заев, на објавувањето на осмата „политичка бомба“. Петнаесет минути по почетокот на настанот МВР поднесе кривична пријава против Заев за барање поткуп од 200.000 евра.

Заев побара оставки од Владата, јавниот обвинител и раководството на МРТ, како и формирање преодна Влада со мандат за спроведување фер избори | Фото: Горан Ризаов

Заев побара оставки од Владата | Фото: Горан Ризаов

Оставки од целата од Влада, од јавниот обвинител Марко Зврлевски и од раководниот тим на Македонската радио телевизија. Формирање преодна влада со мандат за спроведување фер и демократски избори, целосно раздвојување на институциите од државата и јасна и транспарентна истрага за скандалот со прислушувањето со вклученост на меѓународната заедница.

Ова се барањата што вечерва од Универзалната сала во Скопје ги упати лидерот на СДСМ Зоран Заев, порачувајќи му на премиерот Никола Груевски: „Готово е!“

„Овие докази и документи што ги поседуваме се во сопственост на Република Македонија. Од првата до последната буква и од првиот до последниот изговорен збор во секој од објавените разговори, сè е вистина. Груевски и Мијалков го урнисале уставното уредување во Македонија, создале пара-држава во која тие се и полиција и обвинителство и судство. Одовде назад нема. Оваа Влада веќе нема легитимитет“, рече лидерот на СДСМ пред публиката од околу 2.000 луѓе во Универзалната сала.

Тој рече дека сите докази и аргументи ќе бидат предадени на новиот јавен обвинител.

„На македонскиот Алберто Нисман и на новите судии, македонските Фалконе и Борселино, знаете, оние коишто расчистија со криминалот во Италија“, рече лидерот на СДСМ.

Универзалната сала преполна

Во Универзалната сала можеа да се видат и голем број претставници од амбасади, а претставниците на ЕУи од ОБСЕ чекаа да почне трибината со тефтери во раце, подготвени да запишуваат што ќе биде кажано на најновите аудио снимки | Фото: Горан Ризаов

Во Универзалната сала можеа да се видат и голем број претставници од амбасади | Фото: Горан Ризаов

Уште час и половина пред да почне трибината на СДСМ, на објавувањето на осмата по ред „политичка бомба“, пред Универзалната сала веќе беше преполно. Илјадници членови и симпатизери на опозициската партија, граѓани и претставници на невладини организации чекаа ред за да влезат на трибината на СДСМ. Два видео бимови беа поставени на влезот од Универзалната сала, а пред салата се продаваа и пуканки, како да станува збор за промоција на филм.

Во Универзалната сала можеа да се видат и голем број претставници од амбасади, а претставниците на Европската Унија и ОБСЕ чекаа да почне трибината со тефтери во раце, подготвени да запишуваат што ќе биде кажано на најновите аудио снимки. За новинарите беа одвоени посебни ложи во Универзалната сала од каде што можеа да ја следат трибината, а посебни лица со кои носеа акредитации со назив „организација“ се грижеа за редот во салата.

Влегувањето на Заев во салата, кој дојде со многубројно обезбедување, беше пречекано со скандирања и аплаузи од присутните. Над 40.000 луѓе ја следеа трибината на каналот на СДСМ на „Јутјуб“, а стотици луѓе стоеја надвор за да ги слушнат аудио снимките за наводни местенки и притисоци при спроведувањето на изборите што ги презентираше СДСМ, како и говорите на раководните лица од партијата.

Водиме битка за пад на диктатурата

Ја водиме оваа битка за Македонија да почне слободно да говори и на улица, и по телефон“, рече Шекеринска | Фото: Г. Ризаов

Ја водиме оваа битка за Македонија, рече Шекеринска | Фото: Г. Ризаов

Меѓу секој блок од аудио снимки имаше обраќање од претставници на СДСМ, кои наликуваа на говори на предизборен митинг полн со ветувања.

Радмила Шекеринска, потпретседателката на партијата пред присутните вети дека доколку СДСМ дојде на власт, буџетот нема да го користи за поткуп на медиуми, ќе го смени Законот за следење на комуникациите и побара поддршка за преземање одговорност со цел да се променат работите.

„ Вистината ни даде обврска да гледаме напред. Сите што сме биле жртви на овој режим, сите што сме ја платиле цената на оваа корумпирана власт која се крие зад Бога и зад семејството кога ќе ги прекрши принципите. За нив е само моќ. Да се уништат цели смејства, бизниси, моќ да се казнува, да се храни суетата и банкарските конта. Ја водиме оваа битка за сето тоа престане, за власта повторно да стане одговорност. Не бараме поддршка, само една власт да се смени со друга, туку за да преземеме одговорност и работите да ги промениме, министерствата да не бидат партиски штабови, а државниот буџет да не биде партиска каса. Ја водиме оваа битка за Македонија да почне слободно да говори и на улица, и по телефон“, рече Шекеринска.

Кандидатот за претседател од СДСМ на последните претседателски избори, Стево Пендаровски, ги повика сите незадоволни граѓани на општонароден фронт.

„Крајот на режимот доаѓа. Ако порано мислевме дека непријателот е надвор, сега знаеме дека најголемиот противник на македонската слобода е таканаречената Влада во Скопје. Безбедносниот систем ни е растурен, а во земјава постои диктатура и слободумен народ кој сака да ги симне од власт“, рече Пендаровски.

Кривична пријава за Заев за примање поткуп

Според полицијата, Заев во периодот од ноември 2013 година до денес како градоначалник на Струмица, барал поткуп од струмичанец кој сакал да приватизира земјиште | Фото: Г. Ризаов

Според полицијата, Заев барал поткуп од струмичанец кој сакал да приватизира земјиште | Фото: Г. Ризаов

Петнаесетина минути откако почна трибината, од МВР стигна известување дека против Заев е поднесена кривична пријава бидејќи наводно побарал поткуп од 200.000 евра. Според полицијата, Заев во периодот од ноември 2013 година до денес како градоначалник на Струмица, барал поткуп од струмичанец кој сакал да приватизира земјиште.

„Пријавениот (н.з. Заев) знаејќи дека оштетениот за ова земјиште има право на користење, му понудил да издејствува кај службените и одговорните лица да се завршат сите подготовки за отпочнување и завршување на процедурите за откуп на земјиштето, по што како градоначалникот би донел конечни решенија за откуп на земјиштата, доколку му биде даден бараниот подарок од два евра за еден метар квадратен“, се вели во соопштението на МВР.

Заев пред присутните во Универзалната сала вечерва го оддаде името на лицето кое, како што рече, една година се обидувало да го намести за примање поткуп. Според него, станува збор за струмичкиот бизнисмен, Иво Сачивалиев, кој под влијание на Груевски и Мијалков сакал да го принуди да земе поткуп, но тој не потпаднал на провокациите.

„Намерата беше да го направат истото како со брат Љубе, да местат бизнисмен како ми дава пари. Една година се изнамачија, а сега беше замолен еден бизнисмен да интензивира со работата, парите некако да ги даде. Вчера го пријавивме и го архивиравме предметот, а денеска сабајле му се јавив на бизнисменот и му реков ‘Како не ти е срам?! Една година ме местиш“, рече Заев.

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ сака да предизвика конфликти

„Зоран Заев и неговата врхушка во СДСМ денес покажаа дека сакаат да ја држат целата држава во уцена со креирани, монтирани, сечени, лепени и прелепувани, кратени и менувани разговори по телефон без никаква автентичност“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ

Заев и СДСМ денес покажаа дека сакаат да ја држат целата држава во уцена, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ

По завршувањето на трибината на СДСМ, преку соопштение се произнесе владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата тврдат дека разговорите по телефон што ги објавила опозицијата се лепени, монтирани, сечени и без никаква автентичност.

„Зоран Заев и неговата врхушка во СДСМ денес покажаа дека сакаат да ја држат целата држава во уцена со креирани, монтирани, сечени, лепени и прелепувани, кратени и менувани разговори по телефон без никаква автентичност“, се вели во соопштението.

Од владејачката партија сметаат дека опозицијата се служи со „сценарио кое има за цел да ја дестабилизира Македонија, да предизвика кавги и конфликти и помеѓу Македонците и помеѓу сите други граѓани“.

Зоран Заев, пак, од Универзална сала, предупреди дека СДСМ и неговите партнери нема да дозволат дестабилизација.

„Сакам да му порачам на Груевски и на неговите соработници да не помислат да прават раздор меѓу луѓето, немири, да се закануваат, да ја дестабилизираат државата. Дестабилизација на Македонија нема да дозволиме. Готово е, Груевски!“ рече Заев и за периодот што следува најави објавување на уште аудио снимки и „политички бомби“.