Регион

Започна судење на двајца припадници на ВРС за геноцид во Сребреница

Емина Диздаревиќ, Сараево

Миле Косориќ (десно) и Момчило Тешиќ (во средина) со адвокатот пред Судот на БиХ. Фото: БИРН

Миле Косориќ, поранешен командант на бригадата Власеница на ВРС, и Момчило Тешиќ, член на воената полиција на истата бригада, чие судење започна во вторник пред Судот на БиХ, се обвинети за геноцид извршен во Сребреница во 1995 година.

Според обвинението, во утринските часови на 12 јули 1995 година, членовите на бригадата Власеница, го деминирале патот во местото Лука, за по него да можат да поминуваат автобуси и камиони со цивилно население. Истиот ден тие на ова место поставиле и пункт.

Според обвинението, обвинетите, заедно со други припадници на бригадата, на пунктот, од 12 до 17 јули 1995 година, запирале возила и одземале пари и злато од Бошњаците.

Членовите на бригадата Власеница ги двоеле жените, ги земале и ги силувале, додека на мажите им ги врзувале рацете и ги воделе во основното училиште, каде што ги малтретирале, се вели во обвинението.

„Ноќта помеѓу 13 и 14 јули, 22 заробени мажи биле однесени во место Мршиќи, каде што бил стрелан 21 затвореник. Еден сепак успеал да преживее”, рече обвинителот, Предраг Томиќ.

Првиот сведок на обвинителството, што сведочеше во вторник, Шехида Абдулрахмановиќ, изјави дека во јули 1995 година, била транспортирана од Поточари, во близина на Сребреница, до местото Луке, во близина на Власеница, каде што видела како мажите ги водат во насока на „големата куќа”.

Абдулрахмановиќ се потсети дека на 13 јули 1995 година, со нејзината ќерка и со други цивили, од поранешната фабрика за акумулатори во Поточари, со камион тргнале во непозната насока.

„На патот беа паркирани автобуси, камиони и сè беше подготвено за нас. Не ни беше кажано каде одиме“, рече таа.

Кога се симнувала од камионот, рече Абдулрахмановиќ, го видела нејзиниот пријател Ризо Мустафиќ и синот на нејзиниот познаник, кој се презивал Ахмиќ.

„Војник ги туркаше со пушка и ги насочуваше кон големата куќа. Другите луѓе што ги водеа, не ги препознав, бидејќи беа свртени со грб … Оние што ги одведоа, повеќе не се вратија“, сведочеше Абдулрахмановиќ.

Во овој случај беа обвинети уште двајца поранешни припадници на ВРС, Борислав Стојишиќ и Рајко Дракулиќ, но постапката против нив е одвоена, бидејќи тие се наоѓаат во бегство.

Судењето продолжува на 10 јули.