Регион

Жените силувани во војната во БиХ, жалат за изгубеното мајчинство

Повеќе од 1.000 жени во Босна и Херцеговина, кои преживеале сексуално насилство во конфликтот во 90-тите години, не можат да станат мајки, поради тешката психичка траума и здравствените последици од силувањето.

Жена силувана во војната во БиХ, говори за емисијата на БИРН, „ТВ правда“ (TV Justice) / Фото: БИРН

Жена силувана во војната во БиХ, говори за емисијата на БИРН, „ТВ правда“ (TV Justice) / Фото: БИРН

Пишува: Еламери Шкргиќ Микулиќ

„Вистината е, ми ја убија младоста. Вистината е, останав без куќа, брак. Да, ми го одзедоа и детето. Вистина е дека никогаш не сум била, не можам и не сум мајка“, вели за БИРН, жена во своите 50-ти години.

Се согласи да ни раскаже како припадниците на Војската на Република Српска во Брчко во 1992 година, на почетокот на конфликтот, ја притвориле и ја силувале, но не замоли да не го откриваме нејзиното име.

„Јас бев најмладата жена таму. Имаше уште две, постари. А потоа одеднаш тој човек, Рус, ме повлече за раката и ми рече: „Оди горе“. И јас отидов. Како се случи тоа, навистина немам поим … Крварев обилно“, ни раскажува таа.

„Бев потечена, подуена, крвава од ударите по лицето. Особено поради женските проблеми. Беше грозно. Ме одведе горе на катот и ми нареди да се соблечам. Убаво му кажав дека сум болна. Не сакаше да ме слуша. Се обидов да се оттргнам“, вели таа.

Тој извадил нож од чизмата, вели таа, а потоа ѝ си приближил и ѝ ја исекол облеката. „Кога тој заврши, викна други војници“, објаснува таа.

Оваа жена е една од 20.000 до 50.000 силувани жени, колку што проценува ООН дека имало во војната во БиХ, и една од 1.000 кои како последица на силувањето не можат да имаат деца.

Медицински експерти, психолози и гинеколози, за БИРН велат дека менталните и физички последици од овие силувања, понекогаш се толку тешки, што дури и две децении по војната, некои од овие нападнати жени сè уште страдаат од последиците, а државата нема никаква програма за поддршка на овие жртви.

Физички и психички трауми

Сенад Мехмедбашиќ, професор доктор по гинекологија, за БИРН вели дека видел примери на ужасни инфекции предизвикани од силувањата, кои оставиле трајни последици кај плодноста на жените.

Тој се сеќава на случај со тинејџерка од 15 или 16 години, на почетокот на војната.

„Д-р Среќко Симиќ и јас ја опериравме и најдовме многу гној во неа. Вообичаено, во таква состојба, се отстрануваат матката и јајниците“, вели Мехмедбашиќ, истакнувајќи дека на оваа девојка успеале да ѝ ги зачуваат репродуктивните органи.

Сепак, големите инфекции, каква што имала оваа девојка, често доведуваат до блокада на јајцеводите, што резултира со неплодност.

Жените кои се силувани, често трпат, како што објаснува Мехмедбашиќ, и „психолошки блокади“, во смисла на тоа дека не сакаат да имаат врска со маж, чувствуваат страв од односи и страдаат од хормонален дисбаланс.

Уште една жена, жртва на силување, за БИРН раскажува како во мај 1992 година, во босанскиот град Бијељина, ја привеле и постојано ја силувале војници.

„Шестмина ме силуваа тој ден. Во вечерните часови ме силуваа уште двајца или тројца. Потоа дојде војската. Пееја. Имаше и една чистачка. Дали беше чистачка или докторка, незнам. Кога ќе завршеа работа со нас, тогаш неа ја силуваа“, ни вели нашата соговорничка.

„Така беше секој ден … Ме тепаа … Ме казнија со нејадење и непиење 29 часа… пиев вода од казанчето во тоалетот. Еднаш десетмина ме силуваа, за да одмаздат некој свој, што загинал“, раскажува таа.

Нејзината агонија траела околу два месеци. На крајот со размена на затвореници била префрлена на слободна територија. Наместо утеха, ја дочекале обвинувања од сопругот и скорешен развод.

Вели дека траумата трајно го сменила начинот на нејзиниот однос кон спротивниот пол.

„Не сум заинтересирана за мажи. Не, воопшто. Не ги мразам, но не им верувам. Да седнам со некој во автомобил, маж да ме вози, нема шанси. Ќе одам пеш, но со маж не седнувам. Секој не ми нанел зло, но не можам тоа од себе да го истиснам“, ни објаснува таа.

Според Абдулах Кучукалиќ, невропсихијатар, ваква психичка траума може да има силно ментално влијание, дури и на можноста за забременување.

„Таква психичка траума, која може да доведе до нерамнотежа на ендокриниот систем и до невропсихолошка нерамнотежа, може да влијае и на тоа, во одреден период, жената да не може да забремени“, вели Кучукалиќ за БИРН.

„Јас сум имал искуство со такви жени. Ним не им е потребно само гинеколошко, туку и психијатриско лекување, кое би ги редуцирало менталните проблеми со анксиозноста, депресијата и психосоматските проблеми“, објаснува Кучукалиќ.

Без поддршка од државата

И покрај тоа што поминаа повеќе од две децении од војната во БиХ, државата досега не понудила никакви системски решенија за жените кои биле силувани и на кои сѐ уште им треба поддршка. Ова им е оставено на локалните здруженија на жени, кои се соочуваат со истите проблеми, на лекарите кои волонтираат во невладините организации или на здруженијата за правна помош кои им пружаат помош на организациите на жени.

До денес не е утврдена ниту законска рамка која ќе им овозможи вонтелесно оплодување или посвојување на дете на жените, кои како последица на военото силување не можат да забременат.

Нашата соговорничка од Брчко вели дека се помирила со фактот дека не може да има деца, дека се преселила од градот во село, за да избега од минатото, и дека со работа си олеснува на себеси.

„Јас и мојот сопруг се занимаваме со овоштарство и многу убаво се чувствуваме во тој овоштарник. Тоа е она што јас го работам. Засадувам, гледам како раѓа и тоа на некој начин ме враќа во живот. Ете, тоа е тоа“, ни вели таа.

Но, и покрај ова, страшните сеќавања на она што го доживеала за време на војната, и она што го изгубила како резултат на тоа, сѐ уште ја следат: „Се обидувам да не мислам на она што се случи“, вели таа. „Раните остануваат, тоа никогаш не можам ниту да го заборавам, ниту да го избришам од сеќавањето“.