Амнезијата на Силјановска

Она што драматично ги разликува кандидатите во претседателската трка е нивниот однос кон партиите што ги поддржуваат. Гордана Силјановска-Давкова постојано зборува за правда и правна држава, но никако не сака да ја коментира „правната држава“ во владејачката деценија на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините политики на кој било друг план.

Како што рече, ниту сака минатиот труд на партијата да се става на нејзино конто, ниту нејзиниот на партиското. Но, ваквиот принцип на кој таа инсистира во третманот кон неа, ни самата не го применува во односот кон противкандидатот. Додека таа избегнува одговори за политиките на ВМРО-ДПМНЕ, бара противкандидатот да одговора за политиката на владејачките партии што го поддржуваат.

Разликата е во тоа што Пендаровски ѝ одговара на сите прашања. Тој ниту вработил некого, но зборува и го критикува непотизмот. Силјановска, пак, се однесува како за непотизмот првпат денес да слушнала. Зборува за случаите со кои сега се занимава ДКСК, но нема ни збор за стотици и стотици такви случаи во изминатите десет години.

Заборава колку жестоко го оспоруваше Преспанскиот договор кој беше клучен услов земјава да добие покана за членство во НАТО, а сега на Фејсбук, без ни малку да ѝ е непријатно, им порачува на граѓаните: „Драги мои, во мојот мандат Македонија ќе стане членка на НАТО“

Можеби и не слушнала, бидејќи партијата што нејзе ја поддржува, беше скарана со транспарентноста. За вработените роднини на фамилијата и нејзините функционери никој не смееше да зуцне. За разлика од денешнава ДКСК, тогаш имаше Комисија, која, не само што не постапуваше, туку и ретките претставки ги затвораше со пораката „крај, за век и веков, амин“.

За таа правна држава Силјановска има гоооолема амнезија. И кога денес вели дека нејзиниот концепт е „ветувам, не заборавам, остварувам“, таа едноставно не ја зборува вистината. Заборава колку жестоко го оспоруваше Преспанскиот договор кој беше клучен услов земјава да добие покана за членство во НАТО, а сега на Фејсбук, без ни малку да ѝ е непријатно, им порачува на граѓаните: „Драги мои, во мојот мандат Македонија ќе стане членка на НАТО“.

Професорката што искина железни опинци шетајќи од медиум до медиум за да го критикува Договорот од Преспа, сака да се кити со првата клучна придобивка од него. Не само што тоа не е нејзин резултат, ниту на партијата што ја поддржува, туку членството во НАТО можеше да биде и целосно загрозено токму поради нивното затсценско пропагирање на бојкот на референдумот.

И за да биде апсурдот поголем, откако масовно ги труеја граѓаните со пропаганда дека по „Преспа“ Македонија ќе ја снема, ќе исчезне, ќе го изгуби идентитетот, сега Силјановска констатира дека „во историјата на европските избори не се случило за 18 месеци некој да загуби 40 отсто од гласовите или околу 200.000“, мислејќи на владејачката коалиција.

Заклучокот би требало да биде обратен: во историјата не се случило „1 милион и 200 илјади гласачи да му свртат грб на референдумот за Преспанскиот договор, а на изборите само 319.000 од нив да ѝ дадат поддршка на кандидатката која била од редот на најголемите опоненти на тој Договор“. Нели таква математика пропагираа?

Ако ни за изборот на спотовите не успеала да го наметне нејзиниот став, па сега за емитувањето на спорните спотови му се правда и извинува на Пендаровски, тогаш како за државничките работи ќе работи 100 проценти по свое?

Во согласност со ветувањето на Силјановска „не заборавам“, сега таа треба да објасни зошто ги нема тие 1 милион и 200 илјади гласови на нејзиното конто. Ама не слушаме такво објаснување. Зошто ѝ се случил таков „земјотрес“? Затоа што истите тие бојкотирачи на референдумот кои Силјановска ги мобилизираше со нејзините правни анализи „за штетноста на Договорот“, денес се бојкотирачи и на нејзината претседателска кандидатура. Тоа се нарекува „со свој камен по своја глава“ или „каменот од блиску доаѓа“.

Затоа што гласачите знаат да направат разлика меѓу искреност и пропаганда: тие не заборавија дека таа до вчера фрлаше дрва и камења по Договорот. Истите тие денес ја слушаат како пее друга песна – дека „Договорот од Преспа и промената на Уставот се правен факт“ и уште се фали дека во нејзин мандат земјата ќе стане членка на НАТО! Ако ова не шизофрена позиција, објаснете ми што е!

Тоа не е сѐ по прашањето на нејзината амнезија. Силјановска по првиот изборен круг изјави дека мора да се стави крај на транзицијата и транзициските политичари, во кои повторно „заборави“ да се вброи и себеси, бидејќи таа беше министер во годините на македонската транзиција.

Сега ѝ е лесно да ветува дека ќе се откаже од претседателските привилегии во име на сиромашните. Лесно е да се биде хуман со државни пари. Зошто не била толку хумана во времето на матната транзициска приватизација, кога секој не можеше да добие фришоп, како што тоа му успеало на член на нејзиното семејство? Додека некои дома носеа вреќи со пари, голем број граѓани остануваа беа работа. И ова ли го „заборавила“, или преку излогот на фришопот, сиромаштијата тогаш не била толку видлива како сега?

За демагогијата да нема крај, таа најавува дека ако стане претседател „100 проценти ќе работи по свое“. Демек, никој нема да ѝ се меша. Храбра изјава, ако се има предвид дека повторно „заборави“ една дребулија: од ВМРО-ДПМНЕ ни изборните спотови не ѝ ги дале да ги види пред објавување. Ако ни за изборот на спотовите не успеала да го наметне нејзиниот став, па сега за емитувањето на спорните спотови му се правда и извинува на Пендаровски, тогаш како за државничките работи ќе работи 100 проценти по свое? Можеби сакала да каже дека 100 проценти по свое мислење ќе оди во партијата? Или дека ќе вежба јога 100 проценти по свое. Тоа веќе има „логика“.