Боки Тредичи, а Никола Кватордичи

Нема изјава во која опозициската ВМРО-ДПМНЕ не бара предвремени парламентарни избори. И нема ништо поприродно за секоја опозиција да бара шанса да ја освои довербата што некогаш ја изгубила, за повторно да се врати на власт. Но, аргументацијата врз која инсистира на избори е прилично селективна и дементна. 

Нема да потсетувам на учинокот на владите на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е познато – и за добрите, и за лошите страни на тоа владеење. Но, сега други се на власт и под опсервација е нивното поведение, се разбира, со критики што треба да почиваат на аргументација, а не на подметнувања и лажни вести.

ВМРО-ДПМНЕ денес има друг партиски претседател и други лица во партиските органи, но не и аргументи дека тоа е доволно за изборна офанзива. Таму не се смени ништо драматично во создавањето дисконтинуитет со претходното длабоко искомпромитирано раководство, за да може со таква леснотија да продава некаква обновена „чест“. 

Се случија само неколку козметички измени што требаше да остават поубедлив впечаток, како на пример, изнајмувањето канцеларија од страна на почесниот претседател Никола Груевски во „Палома бјанка“, на педесетина метри од Белата палата. 

Дури и најнаивните брзо сфатија дека тоа е евтина претстава за членството и јавноста и дека ни азилот во Будимпешта не промени ништо во насока на раскинувањето со груевистичката матрица. Напротив, инсталиран е уште помоќен оптички кабел меѓу „Плоштад ВМРО“ број 1 до унгарската престолнина. 

Зошто беа потребни приказните за исклучувањето на братучедот и на лажниот дисконтинуитет со Груевски? И едното и другото беа добро осмислени сценарија за купување време, за прегрупирање на силите во спрега со правосудните пријатели за опструкции на процесите, за спас на исклучиво на овие двајца, но под параванот дека се ламентира за „политички прогони“ на сите

Втората лага е дека партијата расчистила со Сашо Мијалков, од денот кога, божем, го исклучија од партијата. Таа целосно фингирана кавга, која за целите на претставата беше закитена и со отворени писма од исклучениот, е големата измама на јавноста по прашањето за наводен дисконтинуитет со оние што партијата и државата ја донесоа пред бездна. 

Нефингирано беше единствено исклучувањето на Никола Тодоров од партијата, како и разрешувањето на Митко Јанчев и неколку реформисти од партиските функции. 

Верувам дека нема партија во земјава која не би сакала да си го „посвои“ Јанчев, човекот кој стана синоним како треба да се однесува и да работи вистински градоначалник. Но, на старо-новиот вмровски кантар повеќе натежнаа некои празни биографии и послушни кадровски профили, отколку еден градоначалник подготвен да каже став спротивен на партискиот. 

А тоа е првиот чекор за излез од стакленото ѕвоно под кое и натаму се негува груевизмот во политиките на партијата. ВМРО-ДПМНЕ покажа дека не сака луѓе со различен став од партиски баждарениот. 

Зошто беа потребни приказните за исклучувањето на братучедот и на лажниот дисконтинуитет со Груевски? И едното и другото беа добро осмислени сценарија за купување време, за прегрупирање на силите во спрега со правосудните пријатели за опструкции на процесите, за спас на исклучиво на овие двајца, но под параванот дека се ламентира за „политички прогони“ на сите. Дали е така? Не. За другите баш и не се потресоа. 

А еден ден, на пример, некој може ќе ги праша – а, каде беше Нинџа додека неколку месеци беше во „бегство“ и кој го подучувал кого да заштити во сведочењето за 27 април, а кого да насанка. Или, зошто додека едниот се шета низ Будимпешта, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски дремат во притвор, врз основа на тоа сомнително сведочење? 

Тука и Обвинителството треба да истражи, дали и кои други (денес амнестирани лица), покрај Нинџа, дале искази што треба да ги стават во заштита братучедите, на штета на други. Можеби треба да се провери што прават тие сведоци денес и од каде обезбедуваат егзистенција. За да не бидеме изненадени отпосле. 

Опозицијата нека си критикува секој ден за случајот со Боки Тредичи, ама нека не се прави недоветна за учинокот на нивниот „Луј 14“, Никола Кватордичи

И кога ВМРО-ДПМНЕ прашува што направила власта досега (точно се знае што реализирала, што не) ризикува некој да ја праша – а што направија тие за две години? Дури ни најавениот нов статут не го донесоа. Дали го исклучија почесниот претседател Груевски, како израз на наводниот, нов курс на партијата? Не. Чекањето до Конгрес не е оправдување. Зар не може тоа да се реши преку измена во Статутот?  Може. Дали јавно се оградија и ги осудија криминалите во минатото? Не. Дали побараа да одговараат сите нивни членови кои се огрешиле? Не. 

Таквите позиции не им обезбедуваат ни морален, ни политички легитимитет објективно и искрено да зборуваат за битката против криминалот и корупцијата. И сега, кога секоја критика им почнува со Боки Тредичи, едно треба да се знае: има истрага, и под будното око на јавноста од неа се очекува да утврди дали има и други одговорни што со чинење или нечинење овозможиле Јовановски да го изврши делото за кое е осомничен, заедно со Милески и Јанева. Тој процес тече и се залажува секој што мисли дека темата ќе ја релативизира со прашањето дали било рекет или поткуп. 

Но, што правиме со тие што избегаа од правдата? Опозицијата нека си критикува секој ден за случајот со Боки Тредичи, ама нека не се прави недоветна за учинокот на нивниот „Луј 14“, Никола Кватордичи. Не е духовитост, ни досетливост кога музиката од филмот „Кум“ се пушта од најскапото партиско седиште во Европа. Тоа е фројдовска грешка или момент на вистината. 

Кога самите ќе си го повикаат Кватордичи да се соочи со правдата, наместо да му одат на бакни рака, кога нема судските процеси за нивни членови да ги дефинираат како „политичка хајка“, а само за опонентите како „заслужена казна“, тогаш ќе ја убедат јавноста дека на сцената гледаме длабоко реформирана партија, со објективни аршини во битката за правна држава. 

Во спротивно, само ќе си ги бројат деновите во опозиција – тредичи, Кватордичи, куиндичи, седичи… Тоа не е добитна позиција ни за лото, а камоли за избори.