Европа на Волтер и Европа на Макрон

Пред извесно време прочитав некоја сторија за едно 12-годишно дете-бегалец, мислам дека беше од Мали, кое го нашле удавено во Средоземно Море, во една од оние бројни бегалски катастрофи за кои светот сѐ уште е прилично ладнокрвен. Во поставата на јакната што ја носело детето на својот несреќен пат кон подобриот свет имало нешто сошиено.

Може да се претпостави дека тоа е она што му било највредно, единственото нешто што можел да го понесе од својот разорен дом, нешто што, така барем мислело детето, ќе му обезбеди побезбедна иднина. Кога ја отпарале јакната, таму нашле ученичка книшка во која се гледа дека момченцето ги имало сите петки. Било одличен ученик!

Детето мислело дека книшката ќе му биде некој вид пасош, дека со неа ќе докаже дека е добро дете и дека Европа ќе го прими и ќе му овозможи да ги развива сопствените идеали. Детето, ете, мислеше дека оди во Европа на Волтер, на Жан-Жак Русо, на Гете…, а не во Европа на Макрон, на Орбан, на Савињи.

Детето, ете, мислеше дека оди во Европа во која владеат европските идеи, во која владее толеранцијата и просветителството. И заврши во водите на непробојното Средоземно Море.

Не знам дали е умесно и не знам дали е воопшто можно да ја споредувам судбината на Македонија со судбината на несреќното дете од Мали и на илјадниците други негови сопатници што на ист или сличен начин го окончаа сопствениот живот, а ако беа нешто посреќни, завршија во бегалските логори на европската периферија.

Во секој случај, моето лично чувство буквално е сочувство со овие несреќници. Се чувствувам како граѓанин од некој долен ред. Се сеќавате ли на онаа славна парадигма на нацизмот: „Забрането за кучиња и Евреи“. Во случајов: Забрането за Република Северна Македонија и за Албанија.

Без оглед на сите теории на заговор што во рекордно време се намножија по социјалните мрежи и медиуми, без оглед на сите умни генерали по изгубената битка, конечно, без оглед и на умните геостратешки анализи, она што мене, ако не ме изненадува, секако ми предизвикува енормна лутина и бес, е фактот дека на Македонија пристапот кон елитниот европски клуб ѝ го забрани токму родната земја на „гостилничарот на Европа“, симболот на француското просветителство Волтер, човекот кој сигурно најмногу влијаеше врз она што се нарекува „француски слободарски дух“ (впрочем, самите Французи просветителската ера ја нарекуваат „Волтеровиот век“).

Европа се претвора во нешто меѓу регионална сила и музеј на европските вредности. А ваквата позиција не може да изроди ништо друго, освен морална, идентитетска и ако сакате политички криза

Волтеровата Европа, онаа брилијантно опишана во неговата скапоцена „Расправа за толеранцијата“, па, ако сакате, и во „Кандид“, значи онаа Европа со верба во човековиот разум, со верба во општествен напредок, со верба во толеранцијата меѓу општествените групи, со изострено чувство за моралните принципи… таа Европа исчезнува пред нашите очи.

И, ете, сосема иронично, нејзиното исчезнување се случува токму со „пресудата“ на политичките наследници токму на Волтер. Европа, значи, се претвора во нешто меѓу регионална сила и музеј на европските вредности. А ваквата позиција не може да изроди ништо друго, освен морална, идентитетска и ако сакате политички криза.

Со други зборови, наметнатата политичка криза на Македонија, всушност е криза на Европа или барем криза на европската идеја, која од овој ракурс, многумина ја нарекуваат – наивна. Тоа е криза на непостоење волја, на инерција, замор и сомневање во себе.

Едноставно, нема друго рационално објаснување, кога правила се менуваат среде натпревар, што би рекол хрватскиот премиер Пленковиќ. Сепак, не сум далеку од тоа да се согласам со славната изјава на британскиот поет, лордот Тенисон, кој има кажано дека е подобро 50 години да живееш во Европа, отколку цела вечност во Кина.

Наметнатата политичка криза на Македонија, всушност е криза на Европа или барем криза на европската идеја, која од овој ракурс, многумина ја нарекуваат – наивна. Тоа е криза на непостоење волја, на инерција, замор и сомневање во себе

Иронично, и големиот Европеец, лордот Тенисон, 1809 – 1892, ете, потекнува од земјата која прва и засега единствена го напушти европското семејство. Само прашање е колку Европејците се уверени во оваа изјава на Тенисон.

За волја на вистината, има некаква добра работа во целата оваа политичка рашомонијада, а тоа е промената на ракурсот кон Европа и (веројатно) прифаќањето на реалниот пристап на работите.

Имено, повеќе нема да ја гледаме Европа од долниот ракурс, од ракурсот на емигранти од некој неудобен автобус што вози кон Германија, и кои преку мимикрии се обидуваат да се интегрираат по секоја цена. Овојпат улогите се рамноправни. Не затоа што ние преку ноќ станавме Европејци, туку затоа што Европејците во сѐ поголема мера се чувствуваат токму така: како емигранти што скитаат со некој неудобен автобус барајќи ја Европа!

Добро, нам ни остануваат уште шест мачни месеци предизборна кампања, залудни дебати, национално и националистичко удирање во гради, „обнови на Македонија“ и „прави патишта“ и сето она што следи со ваквите јалови дискусии.

Нема да има попис пред изборите, нема да има изборни реформи, а и оние малкуте реформи што стартуваа, ќе застанат. И повторно ќе чекаме некаков судбоносен датум, овој пат 12 април. И ќе се надеваме дека нема да завршиме како оној несреќен одличен ученик од Мали, односно нема да се удавиме во сопствената кал.

И на крајот нешто што само навидум нема непосредна врска со европската идеја, а има врска со нас. Значи, уште еден цитат од Волтер: „Оној што простува злосторство и самиот станува грешник“.