Реата на македонското културно мртвило

  • 6
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Почина Богомил Ѓузел!

Во некои нормални времиња, оваа вест ќе беше повод за специјални емисии на телевизиите со национални фреквенции, разговори со современиците, со познавачите на неговото дело, со архивски снимки, ќе се зборуваше за неговото дело, за неговото неприкосновено место во македонската култура…

Да беа некои нормални времиња, оваа вест ќе послужеше како предлошка за новински прилози, каде што ќе беа поместени делови од поезијата на Ѓузел, од неговите фундаментални препеви, ќе беа цитирани негови есеи, ќе беа презентирани факти од неговата богата творечка и општествена биографија…

Да имавме нормално новинарство, сега ќе ги знаевме неговите непроценливи контакти со светските уметнички и културни трендови, ќе знаевме или ќе се потсетевме за неговите напори модернизмот и урбана култура да добијат легитимитет во културата што се базира на руралната традиција, ќе знаевме (а зошто да не?) за неговата улога во создавањето на македонскиот политички плурализам, за неговите либерални сфаќања, не само во политиката, туку во општеството, за неговата улога во институционализирањето на македонската култура…

Ова гломазно дело што се заокружи со заминувањето на неговиот автор, едноставно немаше шанси во македонскиот медиумски простор покрај, на пример, „епскиот судир“ меѓу премиерот Зоран Заев и директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски

Но, Македонија одамна, уште пред оваа пандемија, го живее своето „ново нормално“ време, па конечното заминување на сопствените величини ги бележи тек како споредни нотички, ставени некаде на периферијата на нејзината меморија. Во ова време нема време за Ѓузел, нема простор за поезијата, нема потреба од културата… Ова гломазно дело што се заокружи со заминувањето на неговиот автор, едноставно немаше шанси во македонскиот медиумски простор покрај, на пример, „епскиот судир“ меѓу премиерот Зоран Заев и директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски. Или покрај „епохалното“ пристигнување во Собранието на двајца пратеници, облечени во скафандери.

Меѓутоа, факт е дека дури и најдобрите познавачи на македонската современа политичка историја нема да знаат да ги набројат имињата на македонските премиери во времето на творечкиот век на Ѓузел; факт е дека веќе ги заборавивме имињата на пратениците што дојдоа во Собранието заразени со ковид 19; факт е дека најголемиот дострел на Стојко Пауновски во консолидирањето на македонската реалност, покрај неговиот долгогодишен партиски ангажман во СДСМ, е токму неговото спротивставување на премиерот и на одлуките на владата.

Значи, факт е дека овдешното општество во своите преференции ги става оние ежедневни и спорадични настани и појави, кои по својата природа се оставени на забот на времето, а оние безвременски феномени во сопственото културно живеење, како што е, на пример, преведувањето на најзначајниот дел од опусот на Шекспир, речиси намерно ги турка во заборав.

Веќе со години во некои, ајде да ги наречеме, теориски кругови по светот, се води дебата за смртта на поезијата. Во Македонија, се разбира, не се води таква (ниту каква било) дебата, што е, да кажеме, донекаде нормално. Велиме дека е нормално, затоа што една од доминантните тези на споменатите расправи е дека единственото што може да ја убие поезијата, таа магија на зборот, е рамнодушноста кон – поезијата.

Богомил Ѓузел беше таков мислечки човек, човек, кој не само што одеше спроти ветерот на манипулациите, туку со своето робусно дело ја создаваше онаа неопходна атмосфера на слободно општество на слободни луѓе

Незаинтересираноста за корифеите, за тие клучари на тајните порти што сосема неочекувано го водат човековиот ум до границите на мултиуниверзумот, не е само смрт на поезијата, туку е смрт на човечноста, на основите на хуманоста, затоа што таа му помага на човекот да се присети на нешто сосема заборавено, на својот скитачки карактер што го тера да се качува по ридиштата и планините, само за да фрли поглед на дотогаш неоткриена стапка земја, што го тера да пронајде раззеленета тревка во морето бетон и во неа да ја препознае убавината на светот.

Затирањето на трагата на поезијата од цело едно општество, како чин со предумисла (демек вакви прилози не се гледаат и не се читаат) ја означува токму еутаназијата на тоа општество. Едноставно е, поезијата е кохезионен фактор во идните надежи на општеството.

Поезијата е мотивирачка. Под нејзините стихови луѓето се бореле за својата слобода и за своите права. Поезијата ги развива најдоблесните чувства кај човекот. Поезијата го развива неговиот мисловен апарат. Нејзиното маргинализирање не значи само маргинализирање на овие особини, туку создавање атмосфера за непотребноста на мислечките луѓе во општеството што се базира врз манипулација и каде што граѓаните се само статистички броеви од избирачката машина.

Богомил Ѓузел беше таков мислечки човек, човек, кој не само што одеше спроти ветерот на манипулациите, туку со своето робусно дело ја создаваше онаа неопходна атмосфера на слободно општество на слободни луѓе.

Го запознав, ако не се лажам, уште во далечната 1982 година, пишувајќи го својот прв професионален текст за тогашната ревија „Екран“ – најава на телевизиската премиера на неговата драма „Јагне на ражен“. Оттогаш се гледавме, некогаш спорадично, некогаш почесто. Некогаш тоа беа куси средби, некогаш повеќечасовни разговори. Последните неколку години, ова дружење малку (но недоволно) зачести. И долго разговаравме, токму за поезијата и за нејзината улога, за влијанието на политиката во културата, за ангажманот во уметноста…

Едуциран, елоквентен, убедлив во своите ставови… Ѓузел секогаш беше драгоцен и благороден соговорник. Неговиот творечки опус гласно ја пополнуваше празнината во македонскиот културен простор.

Таа празнина сега остана уште погласно – празна. Почина Богомил Ѓузел и реата на македонското културно мртвило го пополни просторот.