Судијата и неговата погрешна перцепција

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Некаде во почетокот на 80-тите години на минатиот век, додека студирав на Интердисциплинарните студии по новинарство (така тогаш се викаше единствениот новинарски факултет во земјата), во тогашна Југославија владееше голема економска криза: немаше зејтин, немаше кафе, немаше чоколада, немаше тоалетна хартија…, па дури немаше ни автомобилски гуми, екрани за телевизори, часовници-будилници…

Целата криза започна со наглото исчезнување на зејтинот од рафтовите на самопослугите. Сојузниот извршен совет (така се викаше југословенската влада) на чело со Милка Планинц, излезе со соопштение во кое се наведуваше дека главниот „виновник“ за недостигот на зејтинот  е – новинската агенција Танјуг. Имено, Танјуг лиферуваше една вест во која беше наведено дека „зејтинот од утре ќе поскапи“, па, ете, тоа било причина народот да направи паника и буквално да ги покупува сите залихи зејтин.

Ако сите медиуми од утре почнат да пишуваат и објавуваат прилози дека македонските судии се правични, непоткупливи, принципиелни, дека нема корупција во македонското судство итн. ќе исчезне ли корупцијата во судството?

Некако во тоа исто време на Факултетот, како гостин-предавач, се појави Љубомир Рајнвајн од Белград, инаку една од легендите на југословенското новинарство и тогашен дипломатски уредник во Танјуг. Разговарајќи на оваа тема и за судирот на југословенската влада со Агенцијата, Рајнвајн рече дека ако е Танјуг проблем, тогаш нема никакви проблеми! Еве, Танјуг е подготвен уште денес да објави вест дека зејтинот ќе поевтини! Но, дали тоа ќе го врати зејтинот на рафтовите од самопослугите? Нема, се разбира, заклучи Рајнвајн. Затоа што вината не е во новинарите, туку во лошата економска политика.

Го запомнив овој пример, а деновиве на него живо ме потсети претседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев, кој на една расправа за корупција во судството, рече (парафразирано) дека всушност не судиите, туку граѓаните се тие што се корумпирани. Наводно, граѓаните сами им приоѓале на судиите и им нуделе мито. Дури тврдеше дека и самиот има такви искуства.

Дека корупцијата е длабоко вкоренета во ова општество и дека луѓето тука речиси веќе инстинктивно знаат дека само со алаш-вериш се завршуваат и најосновните работи врзани со поголемиот дел од јавната администрација е факт на кој не мора да укаже судијата Џолев. Сите, кој помалку, кој повеќе, сме се соочиле со вакви ситуации.

Но, она што барем мене ми беше најинтересно во исказот на судијата, беше неговото детектирање на причините за ваквото однесување на граѓаните. Имено, тој вели дека перцепцијата кај граѓаните дека судството е корумпирано е поради тоа што медиумите постојано пишуваат дека судиите се корумпирани. И додава: „Практично ги хранат граѓаните со такви информации и ги учат дека на тој начин треба да ја добијат правдата пред судот.“

Ако ја следиме логиката на колегата Рајнвајн, тогаш прашањето на корупцијата во македонското судство најлесно се решава. Еве, јас како претставник на еснафот, можам да потврдам дека, во име на „повисоката кауза“, сите медиуми од утре ќе почнат да пишуваат и објавуваат прилози дека македонските судии се правични, непоткупливи, принципиелни, дека нема корупција во македонското судство итн. И? Ќе исчезне ли корупцијата во судството?

Се разбира дека нема. Меѓу другото и затоа што една од основните премиси во борбата против корупцијата е токму обратното од она што го тврди Џолев, а тоа е слободата на печатот. Новинарите немаат само право, туку првенствено обврска да известуваат за сите аномалии во сите општествени сектори, вклучувајќи ја и корупцијата во судството.

Ако овој нивни ангажман не дава соодветни резултати, тогаш најмалку се виновни медиумите. Вината е токму на спротивната страна од она што го тврди Џолев, односно таа треба да се бара во лошото управување на државните институции и надлежните органи, токму вклучувајќи ги и судовите (заедно со судиите) во овој синџир. Не постапиле или не ги провериле јавните укажувања.

На крајот на краиштата, судијата Џолев вели дека и нему лично му приоѓале граѓани да му дадат бакшиш или мито, ама не вели што презел по тоа прашање. Еве, ќе претпоставиме дека претседателот на Основниот суд Скопје Иван Џолев е неподмитлив и некорумпиран и дека со индигнација ги одбил сите обиди за вакви нечесни дејствија. Но, што направил натаму? Тоа судијата не го кажува.

Дали судијата Џолев ги пријави оние што сакале да го поткупат? Дали некој судија воопшто пријавил обид за поткуп? Тврдам – не! Знаете врз основа на што – врз основа на фактот дека медиумите не објавиле за тоа.

Впрочем, не само право, туку и обврска на секој граѓанин (особено ако е во судскиот систем) да пријави кривично дело, макар тоа било и во обид. Дали судијата Џолев ги пријави оние што сакале да го поткупат? Дали некој судија воопшто пријавил обид за поткуп? Тврдам – не! Знаете врз основа на што – врз основа на фактот дека медиумите не објавиле за тоа. Сигурно ќе известеа да имаа информации за такво нешто. А, ете, според Џолев, создаваат погрешна перцепција за македонското судство.

Дали судијата презел некои дејства против некој медиум за лажно и злонамерно информирање на ова поле? Не! Медиумите ќе објавеа и за тоа. Јас не знам дали има некакви законски санкции за овој тип недејствување, дали тие што не укажуваат, не пријавуваат и не преземаат ништо се сметаат за соучесници во кривичното дело или не, ама некаква морална одговорност, барем онаква каква што имаат новинарите, би требало да имаат и носителите на јавни функции.

На самитот во Лондон 2018 година, земјите на Западен Балкан (меѓу кои и Република Северна Македонија), во рамките на таканаречениот „Берлински процес“, се обврзаа за жестока борба и „нулта толеранција“ против секој вид корупција. Се чини дека оваа „нулта толеранција“ кај нас е прилично растегливо сфатена. Или и ова е погрешна перцепција, создадена од „вечните виновници“ – медиумите. А можеби и на самитот во Лондон највисоките претставници на властите на земјите од Западен Балкан биле под влијание на перцепцијата што им ја создале медиумите.

Но, да се разбереме до крај: ако е еден од основните принципи во демократијата одвоеноста на трите власти (законодавната, извршната и судската), тогаш задачата на таканаречената четврта власт (новинарството, односно јавноста) е токму да ги контролира овие три власти и да известува за сите нивни грешки и незаконити дејствија. Вклучувајќи ја тука и коруптивноста на судиите.

Или што би рекол колегата Љубомир Рајнвајн, ако утре поскапи зејтинот, Танјуг нема ништо со тоа, освен да извести дека тоа ќе се случи.