Тивкото заминување на професорот

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Во неговиот последен кусометражен филм, насловен, сега веќе симболично, како „Последното кафе“, главниот протагонист седи во едно кафуле со филџан еспресо, празен лист хартија и – пиштол. Главниот лик ја запишува својата проштална порака, во која отприлика се вели дека сѐ е пепел и дека во животот сѐ е сеедно затоа што сѐ на крајот се претвора во пепел. Главниот јунак потоа го става пиштолот на своето чело, меѓутоа не се убива. Го одложува пиштолот и мирно и тивко излегува од кафулето и отшетува некаде.

Токму вака некако ја примив веста за смртта на Стефан Сидовски Сидо, комплетниот автор на овој филм (режија, сценарио и главна улога). Просто го видов како тивко станува од масата и за секогаш си заминува од овој недостоен свет. И, ете, не гледам друг начин да си ја замислам неодминливата минливост што не го заобиколи ниту Сидо.

И јас, како и многумина што ја оплакаа и ја оплакуваат неговата смрт, не можам да ја избегнам својата лична историја со оваа несомнена величина на македонското културно живеење. И јас, како и многумина други, го познавам од моите гимназиски денови (нешто преку четири децении). И кај мене, како и кај многумина други, Сидо изврши круцијално влијание врз мојот живот. Само што мене Сидо не ми беше професор, барем не во формална смисла.

Го запознав, велам, во тие гимназиски денови, кога, како и повеќето мои генерациски исписници, бев фасциниран од филмот како феномен и, ете, решив „кога ќе пораснам“ да бидам филмски режисер. Отидов еднаш или двапати во тогашниот киноклуб „Камера 300“, убеден во својата филмска генијалност. Влетав во моментот кога се прожектираа некои куси филмови, а потоа се расправаше за прилично здодевни и за мене небитни техникалии од типот на кадрирања, агли, светло и слични дребулии.

Човекот со брада што го бидов таму имаше доволно трпение да разговара со мене за моите гледања на филмот, за експресиите и за чувствата што треба да ги предизвика филмот, за пораките што ги праќа итн. Ми ја даде и книгата „Уметност на филмот“ од некој американски автор, чие име, за жал, го заборавив. Отидов уште еднаш во „Камера 300“ и имав уште една долга сеанса муабет со човекот со брада, по која дефинитивно сфатив дека оваа работа не е за мене.

Подоцна разбрав дека човекот со брада се вика Сидо и дека тоа е оној професор од „Корчагин“ за кого веќе извесно време слушав легендарни приказни. Но, да не бидам разбран погрешно. Сидо никогаш не ми рече да се откажам од филмот. Напротив. Само што од разговорот со него, сфатив дека никогаш нема да ги имам ниту тоа знаење, ниту таа енергија, а богами ниту тој ентузијазам за да можам да се занимавам со оваа работа. Кога веќе постои човек што сето тоа го поседува, зошто и јас би се плеткал тука.

Без оглед на моите пропаднати режисерски амбиции, одвреме навреме ќе го видев Сидо во градот и редовно ќе разменевме неколку збора. И буквално, ама токму буквално, без оглед на времетраењето на нашите разговори, јас секогаш ќе научев нешто, некаква теориска, а почесто некоја практична лекција од животот. Многу години подоцна, ѝ беше професор на ќерка ми. Може само да се замисли колку бев горд, кога при крајот на нејзиното гимназиско образование му кажав која ми е ќерка, а тој не штедеше суперлативи зборувајќи за неа.

Мојот професионален пат релативно често ме водеше кон него. И секогаш го имав тоа чувство дека тој човек направил и прави многу за нас, за нашата култура, за нашиот квалитет на животот, а ние, и како единки, а и како јавност, не умееме да му возвратиме. Секогаш мислев дека на некој начин е потценет и дека не умееме да го валоризираме неговото дело и да го поставиме на местото што го заслужува.

Денес, ете, мислам дека тоа всушност беше негов избор. Да биде тивкиот учител на животот.

Во една пригода со фоторепортерот Кире Галевски, за потребите на рубриката „Лајфстајл“ за тогашниот неделник „Глобус“, го фотографиравме Сидо на покривот на киното „Култура“, а Ѓорѓи Јаневски истовремено снимаше филм за него. По завршената фотосесија, пиејќи онакво исто еспресо во едно од кафулињата на улицата Македонија, Сидо ми вели: „Гледаш, Ѕвездан, мои ученици сега ме фотографираат и снимаат. Полна ми е душата. Што би сакал повеќе од животот“.

Денес, кога учителот замина од појавниот свет, судејќи според реакциите, не само на неговите ученици, туку на сите оние што имале некаков допир со него (а тие, богами, не се малку) може да се каже дека Сидо, не само што имал исполнет живот, туку дека оставил неизбришлива трага како ретко кој наш современик. Мислам дека таму некаде и сега е горд на она што го постигнал со нас. И тивко и мирно си го пие своето кафе. И знае дека животот, сепак, не му отишол во пепел.

Збогум, професоре. До некој следен час.