Царевото старо руво

Разбирлива ми е фасцинацијата од сознанието на севкупниот морален пад на општеството со случајот „Рекет“. Да бидеме искрени: не дека не знаевме и не дека не чувствувавме, само требаше некој да ни каже дека царот е гол. Иако не сум сигурен дека, како што тоа обично се случува во оваа земја, некои компромитирачки делови од телото на царот нема да бидат политички покриени или прикриени. Оние за кои ќе се смета дека не е пристојно јавноста да ги знае. Сепак, од друга страна, сигурен сум дека ќе се појави некое „ново дете“ што ќе ги разоткрие и тие детали, колку и да изгледаат невкусно и грдо.

Она што мене лично искрено и исконски ме плаши е дека ние, ете, ни тогаш, всушност, нема да поверуваме дека царот навистина е гол. И нема да ни бидат виновни ни Катици, ни Вилми, ни Коки, ни Оки… затоа што самите си го урнавме системот на вредности, а тоа уривање ни поминува под радарот и воопшто не ни е сомнително. Всушност е обратното – Боки, Орце, Катица и сите политичари, судии,обвинители, новинари и јавни личности што гравитираат во и околу оваа нечесна работа не се ништо друго, туку наш одраз во огледалото. Одраз е тоа на менталниот склоп на луѓето што виреат на ова поднебје.

На крајот на краиштата, не ме изненадува ништо во средина која е подготвена да протестира против лекувањето на нарко-зависниците во нивната општина. И да тврди дека е во право кога оспорува едно од основните човекови права за одредена категорија луѓе – правото на здравствена заштита. Нешто слично како што се случуваше со најавата за овозможување оперативни зафати на трансродовите лица. И не би се изненадил повторно да се потегнат „приоритетите“, како во претходниот случај. Ту немаме болнички коли, ту нема завои по болниците, а вие сакате и наркоманите да се лекуваат. И не би се изненадил повторно власта да ретерира и да каже дека „го слуша гласот на народот“.

Боки, Орце, Катица и сите политичари, судии, обвинители, новинари и јавни личности што гравитираат во и околу оваа нечесна работа не се ништо друго, туку наш одраз во огледалото. Одраз е тоа на менталниот склоп на луѓето што виреат на ова поднебје

Значи, зборувам за одлуката на здравствените власти да го дисперзира лекувањето на нарко-зависниците по општини и, конкретно, за протестот на жителите на Општина Аеродром против одлуката да им се овозможи на оваа категорија зависници да ја примаат својата терапија во амбулантата „Јане Сандански“. Да ги видиме аргументите на протестирачите: амбулантата се наоѓа во непосредна близина на основно училиште и на градинки, тука поминуваат деца и овие зависници не можат да им дадат добар пример, а богами и безбедноста им е доведена во прашање, па ќе имало шприцови, па ќе било валкано, заразно итн.

Сосема случајно живеам во Општина Аеродром четири децении, односно уште пред да го добие општинскиот статус, поточно отприлика толку колку што има години екс-градоначалникот Ивица Коневски, кој беше активен учесник на „аеродромските протести“. Половина од мојата живеачка на Аеродром ја поминав во непосредна близина на амбулантата „Јане Сандански“ (а и сега не живеам многу подалеку), уште од времето кога на тоа место се наоѓаше фудбалското игралиште на локалниот фудбалски клуб Кончаревац и последната постојка на автобусот број 5.

И, замислете чудо, и тогаш имаше наркомани во Аеродром, како што впрочем ги имаше и во сите делови на Скопје. И тогаш постоеше Центарот во Кисела Вода и таму, како впрочем и сега, одеа сите регистрирани наркомани, вклучувајќи ги и овие од Аеродром. И не само што ги познавав и познавам, туку многумина од нив ми се пријатели. Денес се пензионери, односно длабоко завлезени во седмата деценија од животот и уште одат во Кисела Вода по својата терапија.

Ако ги покриеме очите, не значи дека болеста на зависност ќе ја снема. Напротив. Тоа само ја покажува нашата социјална патологија, општествената болест од која сериозно страдаме

Сакам да кажам дека со тоа што ќе се забрани лекување на овие лица во „нашето маало“, не значи дека зависноста и зависниците нема да постојат. И тоа тука, крај нас. Ако сакате, и крај нашите деца. Ако ги покриеме очите, не значи дека болеста на зависност ќе ја снема. Напротив. Тоа само ја покажува нашата социјална патологија, општествената болест од која сериозно страдаме.

Инаку, патем речено, во непосредна близина на тоа училиште и на тие градинки има неколку обложувалници и кафеани, меѓутоа жителите на Општина Аеродром, ете, не сметаат дека тие штетно ќе влијаат врз нивните деца. Или барем не протестираат против нив. Она што го нема, а го имаше, се паркчињата што беа во непосредна близина на тоа основно училиште и тие градинки. Сега на нивно место се набиени згради и сообраќајници. Заедно сосе обложувалниците. Бизнис ориентед, што би рекол бившиот шеф на бившиот градоначалник на Општината.

И тоа, се разбира, не ги загрижува загрижените родители. Нив ги загрижуваат нивните соседи, кои, бидејќи немаат друга работа, ќе ги напаѓаат нивните деца додека одат по своите лекови. А ако нема каде во близина да ја добиваат терапијата, тогаш ќе бидат безопасни! Ајде! Или можеби се очекува Орце Камчев да го прошири својот медицински бизнис и со отворање центри за зависници. Тогаш, можеби, сѐ ќе биде во ред.

Гетоизирањето на една група болни, па макар тие биле и зависници од дрога, има само едно име – апартхејд! Особено ако се знае дека стапката на насилство кај овие лица не е поголема од општиот просек на насилство во земјата. Дури е и помала.

Затоа, велам, дека во држава што се оградува од своите трансродови жители, која одредува казна затвор за активисти со 14 грама марихуана, во која не е можно да опстои минимум пристоен центар за лекување од зависности, не може да се очекува ништо друго, освен скандали од типот на „Рекет“.

Царот е гол, ама ние немаме сила да го видиме тоа.