Откога Македонија стана независна, пред триесет и една година, политичарите од сите поголеми партии кажуваат иста реченица – стратегискиот интерес на државата е да бидеме членка на Европската Унија и на НАТО. Тоа го повторуваа и единаесетте премиери што ги водеа владите во самостојната држава.
Денес Македонија е на нешто повеќе од половина пат во исполнувањето на евроатлантските заложби. Земјава е членка на НАТО и одржа прва меѓувладина конференција со Европската Унија, но за целосен почеток на преговорите за зачленување потребен е уште еден чекор, внесување на Бугарите во Уставот до втората меѓувладина конференција.
БИРН праша двајца поранешни премиери, политичари и новинари активни во тој период – каде е Македонија сега, 31 година по осамостојувањето.
Многумина од нив не го кријат разочарувањето од економската состојба и стагнацијата во европските интеграции.
Љубчо Георгиевски е еден од главните ликови што бараа македонска независност од Југославија во 1990-тите.
Тој, од денешна гледна точка, вели дека пред триесет години не ја замислувале Македонија ваква, но додава дека „треба да бидеме среќни зашто 31 година македонска држава не се малку“.
„Има генерации што не се сеќаваат колку беше тешко да ја создадеме Македонија, тие мислат дека е падната од круша, но тој процес на осамостојувањето на Македонија од Југославија беше многу тежок“.
Како моменти што предизвикаа тој период да биде тежок ги набројува политиката на Слободан Милошевиќ, ембаргото од Грција, конфликтот во Косово, кризата во Македонија…
„Но, тоа е дел од нашиот пат за да покажеме дека имаме волја да имаме држава и да бидеме цврсти. Јас и понатаму сметам дека нашиот пат е европската интеграција“.
Георгиевски, кој сега е водач на ВМРО-Народна партија, е во коалиција со СДСМ, неговите жестоки противници од периодот на осамостојувањето.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште далеку од единство
Професорката Гордана Сиљановска-Давкова, пак, во деведесеттите години на минатиот век беше на друга политичка страна од Георгиевски, но и таа е директен учесник во креирањата на политиката тогаш.
Во владата на СДСМ предводена од Бранко Црвенковски, професорката беше министерка без ресор. Сега е независна пратеничка избрана од листата на ВМРО-ДПМНЕ, првата партија на Георгиевски.
На прашањето на БИРН, каде е Македонија 31 година подоцна, Сиљановска-Давкова вели – стигнавме до Софија, наместо до Копенхаген, алудирајќи на условите што Македонија треба да ги исполни за да се придвижи на европскиот пат.
Не штеди критики за состојбата во која сега се наоѓа државата, па вели дека е партиска и олигархиска, заразена со клиентелизам и корупција, а дека владата е „поданичка кон меѓународната заедница, а арогантна кон граѓаните“.
„Стигнавме до идиократија. Споредете ги првите луѓе на државата со оние од 1990-тите и ќе видите дали чекориме напред или назад! Ние сме трагична приказна со најсреќна власт!“
Подоцна од Георгиевски и Сиљановска-Давкова, државна функција доби Владо Бучковски. Тој беше министер за одбрана во кризната 2001 година, во владата на Георгиевски, во која влезе и СДСМ, во обид да се надмине тогашниот конфликт. Подоцна од 2004 до 2006 година стана и премиер.
Неговата денешна перцепција е дека „Македонија треба да е горда на своите постигнувања во изминативе 31 година.“ Превисока е цената што ја плативме за исполнувањето на стратегиските цели, членство во НАТО и во ЕУ, вели Бучковски, додавајќи, „но вредеше“.
Поранешниот премиер смета дека не е извлечена поука од досега направените грешки, наведувајќи ги во таа категорија носењето на првиот Устав во 1991 година, изборот на моделот на приватизацијата, превенирањето на воениот конфликт од 2001 година и загрозувањето на нашиот идентитет со антиквизацијата.
„За жал, однесувањето на раководството на ВМРО-ДПМНЕ денес и односот кон неопходноста од измени на Уставот ме тера да заклучам дека и понатаму најголемиот проблем на нашата денешна Северна Македонија е неединството на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за остварувањето на стратегиските интереси“, вели Бучковски.
Недостига храброст
Теута Арифи, пак, беше активна и во раните години по осамостојувањето, како професорка, колумнистка, радиоводителка, советничка во Владата и во други институции. Политичка позиција добива една година по Бучковски, во 2002 година, кога станува пратеничка во македонскиот парламент од редовите на ДУИ. Овие 31 година, таа ги оценува како значајни за државата.
Анализирајќи низ призмата на двете најголеми етнички заедници, Македонците и Албанците, Арифи нагласува дека очекувањата во 1991 година им биле различни, односно дека за првите осамостојувањето претставувало историска шанса да се има независна држава, додека за Албанците било важно уредувањето и карактерот на државата.
Tаа смета дека „со поминати три децении, сите созреавме за појасно да разбереме дека меѓународните реално-политички состојби секогаш не ни се наклонети, како држава и како регион“.
„Затоа фактот што во овие времиња на сериозни глобални кризи, најважно за сите нас како граѓани е токму овој факт дека не сме сами во соочувањето со овие кризи, а секако имаме сѐ уште многу да работиме дома за подигнување на нашите политички и други стандарди. Тоа зависи од нас самите“.
Новинарот Љупчо Поповски, кој децении ја следи македонската политичка и општествена сцена, вели дека меѓусебните обвинувања на партиите почнале уште во раните 1990-ти, а продолжиле до денес со обвинувања и докажувања дека можело да се направи подобро и повеќе во независните години.
„Сигурно во тоа има вистина, но притоа се забораваат многу работи што за Македонија го направија нејзиниот пат исклучително трнлив“.
Впечатокот на Поповски е дека сега едноставно „храброста и визијата се во големо назадување, па станува дури и непристојно да се зборува за нив“.
„Билансите за тоа што можело да се направи во минатото треба конечно да се остават настрана, како и стравовите дека некој постојано ѝ мисли зло на државата и народот. Префрлањето кон иднината е клучно, но иднината секогаш е поврзана и со неизвесност, а и со храброст“.