Новинарите Александар Димитриевски и Михаил Милошевски од редакцијата на „360 Степени“, вчера ја добија првата награда на престижните ЕУ-награди за истражувачко новинарство, за серијалот стории „По трагите на Јулија“ за случајот со спорниот сертификат за англиски јазик на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски.
Скандалот произлезе од сомнежите дека директорот на АНБ користел ТОЕФЕЛ-сертификат за кој постојат индиции дека воопшто не го полагал или дека е спорно издавањето на документот.
И покрај скандалот, Христовски остана на директорското место откако Државната комисија за заштита од корупција го затвори случајот со образолжение дека „нема основа за понатамошно постапување.“
„Владеењето на правото е израз, кој кај нас лесно се заборава. Се надевам дека сите стории, независно од нивниот епилог, оставаат порака кај сите што допрела, дека владеењето на правото не е само израз“, порача еден од авторите на серијалот стории, Димитриевски.
По објавувањето на приказните на „360 Степени“, дополнително се открија нови детали и недоследности во ТОЕФЕЛ на Христовски.
Втора награда доби редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за документарецот „Украдени животи“, кој ја разоткри шемата за крадење идентитети со цел подигање брзи кредити на туѓо име.
За овој случај се обвинети 43 лица, но судските постапки сè уште течат.
„За жал, сите граѓани што беа измамени, сè уште се должници во кредитно биро, не можат ниту да земат кредит поради проблемите што им ги создал некој трет. Се надевам дека судството и обвинителството ќе бидат поажурни за да ги заштитат своите граѓани во иднина“, порача наградената новинарка Александра Денковска од ИРЛ.
Трета награда за сторијата „Досие Крмзов – епски криминал или обид да му се одземе бизнисот“ добија новинарите Срѓан Стојанчов и Снежана Лупевска-Созен од емисијата „Код.“
„Истражувањата за финансиски криминал немаат многу простор во дневното новинарство и затоа драго ми е што имав време да го сработам тоа“, рече Стојанчов од „Код.“
Овие ЕУ награди се доделуваат во сите земји на Западен Балкан и Турција, а кај нас признанијата ги доделуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Томсон медија и Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

