Вести

Акцијата за кравите од Паланечко чека поубаво време

Градоначалникот на Крива Паланка бил уверуван дека за дваесетина дена проблемот ќе се реши

Државата никако да ги згрижи стотиците крави што лутаат и прават штети низ Кривопаланечко. Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која ги одзема од неодговорните сопственици, велат дека во јануари и овој месец не спровеле акции за заловување.

Од таму, за БИРН, објаснуваат дека биле спречени од лошите временски услови.  Во меѓувреме го набљудувале и го обиколувале теренот за „идно преземање активности за подигање на говедата.“

„Поради лошите теренски услови и континуираното попречување на работата на официјалните ветеринари на АХВ од страна на поранешните сопственици на говедата, активностите за подигање на животните досега се спроведуваа отежнато, најчесто со асистенција на полицијата“, коментираат вчера за БИРН од АХВ.

Во ноември минатата година, на социјалните мрежи се споделуваа снимки од судирот меѓу полицијата, која асистираше при заловување, и поранешните сопственици, семејството Ѓорѓиевски.

БИРН, во истражување детектираше дека се работи за околу шестотини говеда, кои десетина години лутаат низ Кривопаланечко и на локалните жители им предизвикуваат сериозни штети. Во 2023 година, поради овој проблем се смени Законот за благосостојба на животните и се овозможи државата да ги одземе животните што не се згрижени.

И иако Агенцијата за храна и ветеринарство е сопственик на кравите од 2024 година, досега успеала да собере вкупно 53, кои здравствено ги испитала и „се чуваат во штала, која ги исполнува сите законски услови за здравствена заштита и благосостојба на животните.“

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, во разговор со БИРН, информираше дека во меѓувреме телефонски се чул со директорот на АХВ, Оливер Миланов, и од него добил „начелно уверување дека во следните дваесет дена проблемот ќе биде целосно решен.“

„Во континуитет до мене пристигнуваат реакции од граѓани за предизвикани штети, проследени со фотографии и видеоматеријали, на кои се гледа како кравите се движат низ градските улици.“

„За жал, иако можеби звучи апсурдно, создаден е впечаток во јавноста дека полека се навикнуваме на оваа состојба како да е нормална, што не смее да биде случај“, вели Митовски за БИРН.

Обвинителството, во декември поднесе обвинение против поранешните сопственици на стадото, таткото Гоце Ѓорѓиевски и две од трите негови ќерки, за делото спречување службено лице во вршење службено дејствие за време на декемврискиот инцидент при заловувањето.  За Гоце и едната ќерка имаше изречено и мерка притвор.

Сега тие се веќе на слобода. Судот во Крива Паланка, каде што се води случајот, им изрекол мерки да се јавуваат секој понеделник кај нив и им ги одзеле патните исправи. Досега, како што велат од судот, се одржани две рочишта за нападите врз полицајците и службениците од АХВ, а следното судење е закажано за втори април годинава.