Кога архитектот Даниел Серафимовски, во 2016 година ја поставувал својата скулптура „Помеѓу две страни – дивоградба“, во близина на Музејот на современа уметност на скопско Кале, дошле градежни инспектори да проверат што се случува. Музејот морал да објаснува дека тоа не е вистинска дивоградба, иако е направена во форма на куќарка од тули, туку дел од нивниот проект „Скулптурално“, со кој повеќе уметници поставиле свои инсталации на различни места на ридот.
Од друга страна, кога вработените на Музејот на современа уметност барале да се извршат инспекциски надзори за градежните активности на просторот меѓу музејската зграда и тврдината, ниту добивале некакви одговори, ниту виделе резултати во насока да се запрат градбите и да се уреди просторот како што доликува на место со две од најзначајните културно-историски градби во земјата.
„Секој граѓанин треба да добие одговор кога ќе испрати барање, а ние не добивме ни како институција“, вели кустосот во музејот, Зоран Петровски.
Ѕитче по ѕитче – населба
Нивните десетина дописи до четири различни институции, во периодот од 2016 до 2019 година, не го спречија претворањето на просторот меѓу Калето и музејот во слободна, нерегулирана зона за нови градби, која, како што вели Петровски, секој ден малку по малку се менува. Со години наназад, колегиумот на МСУ пишува дека неколку населени куќи на падината под музејскиот објект во правец на тврдината, кои повеќе децении биле бараки со исклучително супстандардни животни услови, постепено се претвораат во цврсто ѕидани градби со низок степен на архитектонски квалитети.
„Еден ден ќе видите нова ограда, друг ден едно ѕитче, трет ден уште едно, па нов покрив. Населбата тивко расте и се менува и никој не реагира на тоа. А ние ги гледаме промените секој ден“, додава кустосот.
БИРН веќе пишуваше дека отсуството на детален урбанистички план за ридот на Калето, недовршената ревалоризација со која треба да се утврдат границите на зоната заштитена како културно-историско подрачје, законските можности за легализација на дивоградби, но и слабиот интерес на институциите да му посветат повеќе внимание на овој простор, создадоа еден коктел од правни и урбанистички недоречености, кои овозможија неконтролирано градење. Чувствителниот пејзаж околу тврдината, кој е симбол на Скопје, се менува долгорочно. Највпечатлив симбол на таа промена е хотелот „Микаса“, со масивна порта во, според сопственикот, мароканско-андалузиски архитектонски стил. Но, тој не е единствен пример.
Засилената градба и зголемената фреквенција на движење што настанала поради овие објекти му создава проблеми на музејот. Со кустосот Петровски имавме една кратка невообичаена тура, во која, наместо галериите со слики, скулптури и други дела на современата уметност, ги обиколивме преполнетите контејнери со ѓубре во и околу нив и дивите патеки и паркинзи на просторот што треба да биде зеленило. Комуналната инфраструктура што била наменета само за музејот сега ја користи уште едно цело маало со мешана станбено-комерцијална намена.
Хронологија на еднонасочната комуникација
Напорите на луѓето од МСУ да спречат, како што велат, „неконтролиран, несоодветен и несакан урбанистички развој на овој извонредно значаен и вреден јавен простор“, почнале уште од 21 октомври 2016 година, кога испратиле дописи до градежната инспекција на Општина Центар, инспекторатот на Град Скопје, како и до тогашните градоначалници, Андреј Жерновски и Коце Трајановски.
Иако пишувале по три страници во кои го објаснувале значењето на овој простор и потребата конечно да се отвори прашањето за негово квалитетно уредување како динамично и атрактивно културно средиште, како одговор добиле три реченици од градскиот инспекторат, во кои тој вели дека не е надлежен и дека го препратил барањето до инспекцијата на Општина Центар.
На 8 февруари 2017 година се обратиле до Државниот градежен инспекторат, реагирајќи дека дел од празното државно земјиште до музејот било оградено и барале да се спречи градба таму. И од таму добиле одговор за ненадлежност, но на градилиштето не почнала градба, а оградата ја снемало.
Во мај 2019 година повторно се обратиле до институциите – до градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, до Националната установа Конзерваторски центар Скопје и до Управата за заштита на културното наследство. Главното барање во овие дописи им било да се испратат инспекциски екипи за да се провери легалноста на терасата од угостителски објект издадена кон Вардар, потпрена со четириметарски дрвени греди и засилена со потпорен ѕид од камен. Станува збор за просторот каде што денес се наоѓа луксузно уредениот хотел „Микаса“. Тогаш сѐ уште бил само широка дрвена платформа. Тоа може да се види и од неколку постари фотографии прикачени на Гугл мапс.
„Целиот објект има карактер на архитектонска импровизација. Сомневајќи се дека станува збор за градба без градежна дозвола, заедно со овој допис од вас, се обративме и со пријава до градежната инспекција за испитување на легалноста на градбата“, се вели во писмото до Богдановиќ.
Во него пишува и дека музејот повеќепати го вклучувал алармот поради несоодветно присвојување на јавниот простор за приватни интереси со нејасна и евентуално несоодветна намена и со непредвидливи архитектонско-естетски квалитети. Колегиумот на музејот порачува дека е во интерес и на Општина Центар и на Град Скопје и на граѓаните на Скопје да се спречи тој развој.
Резултатот – од 2020 година, дрвената тераса е претворена во објект направен од бетон, тули, метал и стакло, а слична модификација се спроведува и во околината.
Дивоградбите препратени „нагоре“
Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ вели дека тие како општина правеле сѐ што можеле за да го спречат градењето, испраќале инспекции, но проблем им правел законот за легализација на дивоградбите. Тој додаде дека се подготвува и ДУП за просторот кај Калето, но поради специфичните околности постапката оди бавно.
„Во ДУП-от не се предвидуваат градби на просторот меѓу Калето и музејот. Но, тоа што е легализирано, нема да може да се отстрани, освен со експропријација“, рече Богдановиќ.
Поради службени обврски, директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов, не беше во можност да провери дали установата го добила писмото од музејот и дали презела нешто во врска со градбите околу Калето.
„Треба да проверам во архивата“, рече Костов.
Тој додаде дека елаборатот за Калето е веќе изготвен и останува да се усвои во Министерството, за конечно да се дефинира просторот и да се создадат услови да се спречи понатамошен хаотичен развој.
Директорот на Конзерваторскиот центар Коле Чапкановски, пак, вели дека до нив не стигнал допис од МСУ на 17 мај 2019 и дека неговата институција направила увид и нашла нерегуларни градежни активности околу Калето една година подоцна.
„Сѐ си имаме документирано. Наша екипа била на терен на 12 јуни 2020 и ги документирала сите неправилности. Таму нема детален урбанистички план, а се гради. Според генералниот план, тоа треба да биде ливада, со исклучок на објектот на „Водовод“. Предвидено е за контактна зона и затоа препорачавме да не се легализираат објекти таму“, вели Чапкановски.
Тој додава дека, според нивната надлежност, ја испратиле документацијата до Управата за заштита на културното наследство како установа, на која директно ѝ одговараат, и која понатаму треба да ја проследи до други институции.
Кале – (не)културна тврдина
Уметничкото дело „дивоградба“ на Даниел Серафимовски, кое, според објаснувањето во брошурата, го нагласува „контрастот меѓу белите кубуси на музејот и дивиот, нерегулиран пејзаж околу него“ е само еден од проектите со кои Музејот на современа уметност се обидел и активно да го заживее просторот.
Од 2016 година, оваа културна установа работела на два фронта. Првиот бил алармирање на другите институции, а вториот барање решенија како да се уреди просторот пред да биде запоседнат со објекти. Практично влегла во трка против стихијното градење за тоа кој ќе запоседне повеќе простор. Засега заостанува во овој натпревар.
Дел од инсталациите од проектот „Скулптурално“ сѐ уште стојат (на пример пораката „Да инвестираме во футуризмот“ искована од железо на портата до улицата Самоилова). Но, целта на музејот не била само да организира повремени изложби, туку и долгорочно да го реши уредувањето преку проектот „Кале – културна тврдина“. Тој почнал во 2016 година како студентска задача за студентите од Архитектонскиот факултет, во соработка со професорот Јован Ивановски. Во 2019 во него се вклучил и Град Скопје со меѓународен конкурс за идејни решенија.
„Проектот Кале – културна тврдина беше резултат на ризиците од погрешниот развој што ги согледавме. Со него сакавме да дадеме идеја за тоа како да се развие овој јавен простор, со павилјони и со други монтажни објекти“, вели кустосот Петровски.
Различни идејни решенија предвидуваат јавни и отворени содржини, не само меѓу Калето и музејот, туку и меѓу него и француските воени гробишта, до каде што се протега музејскиот двор. Во идеите што ги доставиле архитектите има павилјони, амфитеатри, патеки и други содржини што треба да привлечат повеќе луѓе и да го направат просторот активен, па на тој начин да не се остави простор за неплански развој.
„Освен спречувањето на дивеењето на приватните за сметка на јавните интереси, нашата намера е да отвориме јавна дискусија и особено визија и идејни проектни насоки за интегрално урбано уредување на овој простор, со евентуално внесување различни содржини, кои би го претвориле овој значаен дел од центарот на Скопје во динамично и атрактивно културно средиште“, се вели во дописите што колегиумот на МСУ ги испраќал до градоначалниците, барајќи од нив да сторат сѐ што е во нивна моќ за да се остварат тие идеи.
Засега оваа иницијатива застана во октомври 2019 година, кога се одржа изложбата на идеите пристигнати на меѓународниот конкурс и се прогласија победници. Според најавите од Град Скопје, се чека да заврши ревалоризацијата за да може да се направи изведбен проект.
Спротивната иницијатива, приватното присвојување и менување на просторот, пак, не престана ниту еден момент.