Три со три

Аљиљи: Потребна е катедра за ромски јазик

Разговор со Селика Аљиљи, проектна менаџерка во „Ромалитико“

Синоќа во Скопје, неколку ромски организации го одбележаа 5 ноември, Светскиот ден на ромскиот јазик. На настанот насловен „Слушни ромски“ (Sun Romane), повеќето од говорниците зборуваа на ромски, што ретко се случува.

На панел-дискусија се разговараше за важноста на употребата на литературниот ромски јазик, со цел да се развие културата и книжевноста на заедницата, а настанот вклучуваше и перформанс на ромски јазик.

Во 2008 година се промовира првиот речник од хрватски на ромски, а веќе од следната година, секоја година почнува да се одржува Меѓународниот симпозиум на ромскиот јазик во Загреб за да се одбележи 5 ноември.

Во 2015 година, УНЕСКО го прогласи овој датум за Светски ден на ромскиот јазик.

На настанот во Скопје се говореше дека треба да се работи на користење на ромскиот јазик во образованието, државните институции и во медиумите.

За оваа проблематика, БИРН разговараше со Селика Аљиљи, проектна менаџерка во Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“.

БИРН: Ромите немаат настава на ромски јазик, освен факултативна, па наставата претежно ја следат на македонски и на албански јазик. Како тоа влијае врз младите Роми, го забораваат ли јазикот?

Аљиљи: Ромскиот јазик опстојува и продолжува да се користи, и покрај тоа што ромскиот народ нема своја држава. Не мислам дека целосно може да се изгуби како јазик, сè додека се користи како мајчин јазик. Постојат асимилации на јазикот, во зависност од државата во која престојува ромскиот народ, но суштината на јазикот останува непроменета. На пример, доколку би комуницирала со некој Ром од Романија, дефинитивно би можеле да се разбераме на ромски јазик, и покрај тоа што сме од различни држави.

Сè додека постојат места како Топаана и Шуто Оризари, каде што се користи ромскиот јазик, не се согласувам со ставот дека ромскиот јазик се заборава. Сепак, постои закана од обезличување на ромскиот јазик со користење македонизми. Ромскиот јазик е дел од наставната програма како факултативен предмет во Шуто Оризари и во едно училиште во Општина Карпош, а порано го имаше и во основно училиште во Чаир.

Не ја знаеме причината за немањето настава по ромски јазик во Топаана, иако Чаир е втора општина по бројност на Роми во државава. Но, проблем е и тоа што другите градови, каде што има значителен број Роми, не се изучува ромскиот јазик.

Истовремено, нема доволно наставници што би можеле да го предаваат ромскиот јазик бидејќи нема катедра за ромски јазик на Филолошкиот факултет, кој би ги продуцирал овие кадри. Најчесто, наставниците што предаваат ромски јазик се лица што завршиле Филолошки факултет и Педагошки факултет, но не и со специјализација за ромски јазик. Со постоењето ваква катедра би се решил и проблемот со недостигот од наставни материјали и учебници во училиштата каде што се изучува јазикот.

Проблем е и недостигот од наставни материјали на ромски јазик, па затоа често наставниците работат со материјали што самите ги креираат. Иако постојат книги на ромски јазик, според мене, Министерството за образование и наука и Министерството за култура треба повеќе да вложуваат во издавањето вакви книги.

БИРН: Балканскиот ромски јазик, според УНЕСКО, спаѓа во групата потенцијално загрозени јазици. Кои се вашите препораки, што може да се направи тука и во регионот за да се подобри оваа состојба?

Аљиљи: Покрај создавањето катедра на факултетите за јазици, препорачувам да се направи кодификација на ромскиот јазик, барем на регионално ниво, со цел да се изучува јазикот според истите правила. Сметам дека различните дијалекти се богатство, но потребно е да се направи кодификација и унификација на јазикот. На локално ниво, покрај катедра за ромски јазик, сериозно треба да се вложи во креирање кадар преку неа, но и финансирање литература и медиуми на ромски јазик.

Исто така, сметам дека треба да постои можност ромскиот јазик да се изучува факултативно во средните училишта. На пример, дури и во средното училиште „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари нема факултативен предмет ромски јазик, каде што 95 проценти од учениците се од ромска националност.

БИРН: Ромскиот јазик е службен во Шуто Оризари. Дали се применува ова право и во кој обем граѓаните го користат?

Аљиљи: Во Општина Шуто Оризари, ромскиот јазик секако дека се користи и како службен и мајчин јазик на заедницата. Дури можам да кажам дека и граѓаните што долго време живеат во оваа општина, а се од друга националност, го имаат научено овој јазик и го користат секојдневно.

Има и некои староседелци што се од ромската заедница што го користат ромскиот литературен јазик, кој е многу потежок и многу тешко разбирлив за оние што користат ромски јазик со македонизми, односно со македонски зборови.

За општината немаме дополнителни информации, освен тоа дека повеќето од вработените на општината се Роми и го користат овој јазик внатре во општината како службена комуникација.