Само еден отсто од граѓаните имаат целосна доверба во судскиот систем и во обвинителството, покажува најновата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) спроведена во мај годинава на 1.204 испитаници.
Јавната перцепција за судството беше хит пред половина година, кога беа објавени резултатите од октомвриската анкета на ИРИ, каде што довербата беше падната на 4 отсто. Во меѓувреме, овој пад продолжил, па луѓето што целосно им веруваат на правосудните органи паднаа на ниво на статистичка грешка.
Вкупно 18 отсто рекле дека имаат делумна доверба во судството, а 17 отсто во обвинителството, што значи дека над 80 проценти од населението не верува или има сомнеж дека можат да си ја истераат правдата низ институциите што се задолжени за тоа. Притоа, бројот на оние што имаат целосна недоверба продолжува да расте.
Мал пад на довербата има кај речиси сите општествени фактори за кои ИРИ врши испитување – банките, образовните институции, медиумите, локалната самоуправа, власта, опозицијата, полицијата, невладините организации, парламентот итн. Целосната доверба во Антикорупциската комисија, на пример, паднала од 5 на 2 отсто. Најголема доверба сѐ уште има во банките, на кои целосно им веруваат 11 отсто испитаници, а делумно 44 отсто.
Судството е област со најмала доверба, но не и најголем проблем на општеството, покажа анкетата. Прашани за тоа кои се најсериозните проблеми со кои се соочува државата, на околу 25 отсто од испитаниците, прв или втор избор им биле сиромаштијата и растот на цените. Само пет проценти се изјасниле дека владеењето, односно невладеењето на правото е меѓу најжешките прашања во земјава.
Само 4 отсто имаат пари да го поминат месецот
Анкетите на ИРИ, во изминатите неколку години станаа познати по тоа што откриваа голема разочараност на граѓаните од функционирањето на државата и од состојбите во општеството, како и силен песимизам за иднината. Тоа е случај и сега, веќе нема големи скокови во процентите што изразуваат безнадежност, како што имаше меѓу резултатите од претходните испитувања на јавното мислење.
Сѐ уште повеќе од половина испитаници, односно 58 отсто, сметаат дека државата се движи во погрешен правец, а само 14 отсто рекле дека таа оди по вистинскиот пат. Над три четвртини рекле дека владата предводена од Димитар Ковачевски воопшто не е посветена или не е доволно посветена да ги реши најгорливите проблеми. И тука има само минимални разлики во однос на претходната анкета.
Процентот на испитаници што се изјасниле дека личната економска состојба им е многу добра не надминал два отсто веќе трета анкета по ред. Во февруари 2020, пред да почне корона-кризата, тоа го изјавиле пет проценти од прашаните граѓани, во март 2021 година, тој дел паднал на три отсто, а од ноември 2021 се фиксира на два отсто. Затоа, пак, процентот на тие што ја опишале својата состојба како многу лоша порасна од 11 на 21 отсто во овие три и пол години.
Сличен пад има и во врска со прашањето дали примањата на домаќинството се доволни за да се покријат месечните трошоци. Само четири проценти рекле дека примањата целосно им ги задоволуваат потребите, 31 процент дека до некаде им стигнуваат пари да го покријат месецот, 35 проценти дека примањата им се недоволни, а 29 отсто дека воопшто не им се доволни.
Пред три и пол години, оние што рекле дека можат да го поминат месецот без финансиски проблеми бил 9 отсто, а тие во најтешката категорија биле 17 отсто. Тоа е еден од повеќето параметри според кои граѓаните чувствуваат дека економската состојба им се влошува, и на нив лично, и општо во државата.
Речиси половина (45 проценти) рекле дека квалитетот на животот им се влошил. Таа бројка изнесуваше 53 отсто во анкетата од октомври 2022. Сепак, овој пад не се должи на тоа дека повеќе луѓе пријавиле подобрување на личниот статус (тој процент е идентичен, 6 отсто), туку на тоа што поголем број овојпат изјавиле дека животниот стандард им останал ист.
ВМРО-ДПМНЕ најпопуларна партија, Ахмети најомилен политичар
Во делот од анкетата што се занимава со политичките теми, испитаниците биле прашувани за тоа што мислат во врска со користењето на јазиците, еднаквоста пред законите за државните функционери и за другите граѓани, работата на владата ,очекувањата од опозицијата, мислењето за министрите и, секако, за која партија би гласале.
Делот од анкетата за партиските рејтинзи покажува дека ако сега има избори, 19 отсто би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, а 11 отсто за СДСМ. Овие резултати се идентични со претходното истражување. Кај ДУИ има раст од 7 на 8 отсто, кај Левица пад од 6 на 4 отсто, а процентите кај другите партии се речиси исти како претходно.
Бројот на неопределените паднал за три проценти, а за толку пораснал бројот на оние што се определиле да не гласаат на денот на изборите.
Поранешниот премиер Никола Груевски веќе не е најомилен политичар, откако неговиот рејтинг падна од 7 на 5 отсто. Сега тој му го отстапи првото место на поранешниот коалициски партнер од ДУИ, Али Ахмети, кој стана најпопуларен со 6 отсто поддршка. Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски има поддршка од 5 отсто, премиерот Димитар Ковачевски од 4 отсто, а претседателот Стево Пендаровски од 3 отсто.
Вкупно 42 проценти рекле дека не му веруваат на ниеден политичар. Пред две години, оваа бројка изнесувала само 13 проценти, покажуваат споредбените резултати.
На прашањето да ја оценат работата на членовите на владата, најмногу поени дека работат како што треба добиле министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и премиерот Димитар Ковачевски, а најмногу поени дека не работи како што треба добил вицепремиерот Артан Груби.
Општо расте впечатокот дека владата не се придржува кон законите во својата работа, но и тој дека ниту опозицијата не би работела законски кога би дошла на власт.
Зачленувањето на државата во Европската Унија го поддржуваат 79 отсто граѓани, што е раст за шест поени во однос на претходната анкета, која беше правена додека сѐ уште беа свежи сеќавањата за големите протести против т.н. француски предлог минатата година. Има и мало поместување во мислењата за тој предлог. Процентот на оние што му даваат целосна поддршка остана 12, но делот од испитаниците што делумно го поддржуваат пораснал од 26 на 29 отсто.
Од друга страна, пак, расте отпорот кон една конкретна обврска од тој предлог – внесувањето на Бугарите во Уставот. Против се изјасниле 64 отсто испитаници, од кои 44 отсто апсолутно против. Во октомври минатата година, 56 отсто се противеа на оваа одлука, од кои 38 отсто беа апсолутно против неа.
Најголемо противење за влезот на Бугарите во Уставот има кај највозрасната категорија испитаници, од 56 или повеќе години (54 отсто апсолутно против), а најмала кај категоријата од 18 до 35 години, каде што целосно против вакво решение се 37 отсто од анкетираните.