Истражувањa

АРМ ги приземји хеликоптерите – им истекоа дозволите за летање

Хеликоптерите на АРМ ќе останат на земја во наредните 9 до 12 месеци, додека не се најде овластен сервисер во странство што ќе го направи неопходниот ремонт. Летачкиот персонал ризикува да ги изгуби дозволите, доколку нема доволен број часови летање месечно

Армијата на Република Македонија (АРМ) ги приземји речиси сите хеликоптери, бидејќи им истекол гарантниот рок за кој се сервисирани и сега не смеат да се употребуваат додека не се направи ремонт.

Хеликоптерите од типот МИ-17, МИ-8 и МИ-24 сега се на земја, а се користат само мал број летала чија важност на дозволите за летање или рокот за употреба на инструментите истекува за одредено време.

„Од крајот на март, хеликоптерите на АРМ останаа на земја, бидејќи изминаа гаранциите што ги дале производителот и сервисерот. Изминативе 2 месеца се правеа обиди да им се ‘продолжи животот’ на хеликоптерите со писма од производителот или сервисерот, но никој не сака да лета со нив“, посочува извор од воздухопловната единица на АРМ за БИРН.

Според времето кое е потребно за наоѓање сервисер, леталата на АРМ ќе останат на земја најмалку 9 до 12 месеци.Имено, поради кризата во Украина, уништен е Луганскиот авиоремонтен завод, во кој, изминативе неколку години биле носени македонски хеликоптери на ремонт, па сега ќе се бараат нови сервисери во земји од Источна Европа или поранешниот Советски Сојуз.

БИРН од свои извори дознава дека хеликоптерите се во базата на АРМ во Петровец, во касарната „Страшо Пинџур“, а пилотите и другиот технички персонал кои управуваат со леталата, доаѓаат на работа, но нема што да работат.

АРМ и Министерството за одбрана потврдија дека хеликоптерите се на земја, но не откриваат колку летала се приземјени, наведувајќи дека станува збор за „класифицирани информации“.

„Во моментов дел од хеликоптерите се приземјени поради потребата од извршување редовни сервиси, за кои Министерството за одбрана веќе има започнато процедура за избор на вршител на сервис. Овие сервиси е потребно да се извршат во воздухопловни сертифицирани ремонтни заводи во странство и се очекува до крајот на оваа година (2015) да се потпишат соодветни договори “, се вели во писмениот одговорот на Министерството за одбрана, доставен до БИРН.

Министерството соопштува дека по нивното сервисирање, екплоатацијата на воените летала ќе продолжи согласно задачите, па сите летала со кои располага АРМ, а кои имаат можност за натамошна употреба, односно за кои 2015 година не е крајниот рок за нивна употреба, ќе продолжат да се користат од страна на АРМ.

Загрозени се дозволите на пилотите

Сегашните пилоти кои нема што да управуваат, поминуваат одредени часови летање на симулатор. Но, тоа ни оддалеку не е исто како летањето со хеликоптер. Ако нема пилотот потребен број часови летање во воздух ќе ја изгуби дозволата / Фото: Министерство за одбрана

Сегашните пилоти кои нема што да управуваат, поминуваат одредени часови летање на симулатор. Но, тоа ни оддалеку не е исто како летањето со хеликоптер. Ако нема пилотот потребен број часови летање во воздух ќе ја изгуби дозволата / Фото: Министерство за одбрана

Ваквиот одговор на МО, според извори од воздухопловните единици, покажува дека постапката би траела најмалку уште една година до завршување на потребните ремонти, а тоа, како што велат, ја доведува во опасност работата на пилотите, бидејќи тие задолжително мора да имаат одреден број часови летање во текот на секој месец, за да ја задржат дозволата за управување на соодветниот тип хеликоптер.

„Сегашните пилоти кои нема што да управуваат, поминуваат одредени часови летање на симулатор. Но, тоа ни оддалеку не е исто како летањето со хеликоптер. Одреден пилот кој добил дозвола да управува хеликоптер МИ -8, МИ -17, МИ- 24 и слично, ако нема потребен број часови летање во воздух ќе ја изгуби дозволата и треба дополнително да полага“, наведуваат извори од АРМ.

„Тврдењата дека пилотот на МИ-24 може да лета одреден број часови на МИ-8 се смешни. Тоа е исто како да тврдат дека ако немате ‘мерцедес’ може да возите ‘фиќо’ и тоа е доволно да бидете во возачка кондиција за управување со мерцедесот“, додаваат нашите соговорници под услови на анонимност.

Министерството за одбрана на овие прашања не одговара децидно како ќе ги задржат пилотите своите дозволи ако немаат летала за летање во воздух.

„Пилотите во воздухопловната бригада извршуваат часови на летање согласно ресурсите и нема опасност да ги изгубат дозволите на летање“, се вели во писмениот одговор на МО на прашањето на БИРН.

Сепак, вработени во воздухопловната единица на АРМ, посочуваат дека ова не е прв пат леталата да се на земја, а пилотите и техничарите да седат без работа.

„Ваквата слика се повторува повеќе пати, бидејќи ниту едно летало не се носи на ремонт пред истекот на дозволата за летање туку откако таа ќе престане да важи. Додека завршат процедурите за избор на сервисер и праќање на хеликоптерите поминуваат месеци, а често повеќе и од една година додека да ги вратат хеликоптерите“, потенцира истиот извор од АРМ за БИРН.

Ремонтот поскап од самиот хеликоптер

helikopter_ARM1

Извори од Министерството за одбрана тврдат дека за хеликоптерите кои биле носени на ремонт по 2008 година биле плаќани по 2,8 милиони долари за еден хеликоптер / Фото: Министерство за одбрана

 

Армиските хеликоптерите кои сега се приземјени, биле купени на старо, од земји на поранешниот Советски Сојуз (најмногу од Украина) во конфликтната 2001 година и барем по еднаш досега биле на ремонт и сервис. Според цените на пазарот, ремонтот чини повеќе од тоа за колку бил купен еден хеликоптер на старо.

Министерството за одбрана на Република Македонија не одговори на прашањата за цената на сервисирање на хеликоптерите, бидејќи станувало збор за „класифицирани информации“.

odgovor

Сепак, преку користење на различни документи од независни извори, БИРН дојде до податоци кои укажуваат на сериозни проблеми во функционирање на Военото воздухопловство, како дел од Армијата на Република Македонија.

Извори од Министерството за одбрана тврдат дека за хеликоптерите кои биле носени на ремонт по 2008 година биле плаќани по 2,8 милиони долари за еден хеликоптер.

Во 2001 година, според извори на АРМ, за еден хелихоптер (стар од 7 до 10 години) биле платени по околу милион долари, а подоцна повеќе чинеле сервисирањето и ремонтот.

Во рамки на истражувањето, БИРН дојде до податоци дека АРМ во 2004, 2005 и 2006 година испратила на ремонт вкупно 6 хеликоптери, а првичната цена на чинење била околу милион долари, која подоцна е зголемувана со анекси, па крајните цени за ремонт или сервисирање на 2 хеликоптера, на пример, изнесувала околу 2 милиони и 800 илјади долари. Сервисите се вршеле во ремонтни заводи во Украина и Азербејџан.

„Секогаш главен проблем беа провизиите. За провизија се зборуваше и кога се купуваа хеликоптерите и пред секој сервис. Затоа и се чека кој повеќе ќе понуди. Да не беше така, ќе се склучеше договор со производителот за ремонт, а не вака, еден ги произведува, друг ги сервисира и вградува дополнителна опрема, без да побара согласност од производителот за тоа“, објаснува за БИРН, воздухопловен експерт, кој бил дел од воздухопловната единица на АРМ од нејзиното формирање па сѐ до неговото неодамнешно пензионирање

Сериозни пропусти кои се толерираат

На враќање од мисијата во БиХ, во јануари 2008 година, хеликоптерот се урна непосредно пред слетувањето во Скопје, при што загинаа 11 мировници, припадници на АРМ

На враќање од мисијата во БиХ, во јануари 2008 година, хеликоптерот се урна непосредно пред слетувањето во Скопје, при што загинаа 11 мировници, припадници на АРМ

Согласно Долгорочниот план за развој на одбраната (ДПРО 2014-2023), усвоен од Владата на Република Македонија во 2014 година, предвидени се ремонт и модернизација на 10 хеликоптери, транспортни и борбени, како дел од потребата за натамошен развој и одржување на ефикасен одбранбен систем до 2023 година.

Военото воздухопловство е формирано на 10 април 1992 година, а во 2005 година со програмата за реконструкција на АРМ, воздухопловната бригада е трансформирана во воздухопловен ВИНГ (воздухопловна извидувачка напаѓачка група). Од 2012 година повторно е формирана како воздухопловна бригада во составот на Здружената оперативна команда на АРМ.

Од 2006 до 2008 година, еден хеликоптер учествуваше во мисијата ,,АЛТЕА“ во рамките на силите на ЕУФОР во Босна и Херцеговина. На враќање од мисијата во БиХ, во јануари 2008 година, хеликоптерот се урна непосредно пред слетувањето во Скопје, при што загинаа 11 мировници, припадници на АРМ.

Комисијата за испитување на воздухопловни несреќи истражувајќи ја несреќата наоѓа сериозни пропусти во функционирањето на воздухопловната единица на АРМ.

„Воздухопловно-техничкиот персонал во оваа секција има воздухопловни звања за воздухопловни инженери и техничари кои се добивани од претпоставените авторитети според важечки правилник, но тоа се ‘решенија за звање’, а не‘сертификати за обученост и стручност’ кои се добиваат од меѓународни специјализирани и овластени институции во воздухопловството“, констатира Државната комисија за испитување несреќи.

Дополнително БИРН од свои извори дознава дека во воздухопловната единица има сериозни пропусти кои се толерираат, како, на пример: да се префрлаат делови од еден во друг хеликоптер од страна на техничарите во воздухопловството.

„На пример, ако не функционира висинометарот, тој се заменува со друг, но ако работи на земја тоа не е гаранција дека ќе ги дава точните параметри и во воздух или пак, дека е синхронизиран со инструментите и радарите на земја. Ако некој одбие да ги спроведе ваквите наредби, веднаш е санкциониран “, наведува истиот извор.

Една од сериозните забелешки на сметка на Армијата што ја дава владината Комисија за утврдување инциденти е и податокот дека АРМ нема постојан овластен сервисер за одржување на хеликоптерите туку тоа го прави ад-хок и преку фирми посредници кои немаат искуство во оваа област, што ја загрозува безбедноста на леталата.

„АРМ нема генерален договор за овластен сервисер за одржување на хеликоптерот, туку има договор за извршување на генерален ремонт на хеликоптерот со „Сувенир“ – Самоков, фирма која не е специјализирана, ниту сертифицирана за одржување и сервисирање хеликоптери“,се вели во извештајот на Државната комисија за ситуацијата со армиските хеликоптери.

Сервисирањето се вршело со потпис на повеќе министри

Луганскиот авијационен ремонтен завод - Украина во кој беа сервисирани македонските хеликоптери сега е целосно уништен

Луганскиот авијационен ремонтен завод – Украина во кој беа сервисирани македонските хеликоптери сега е целосно уништен

Договорите за ремонт на 6 хеликоптери во различни периоди од 2004 до 2006 година ги потпишале тројца министри за одбрана: Владо Бучковски, Јован Манасиевски и Лазар Еленовски. Договорите сега се предмет на кривична постапка поради сомневање за перење пари и тие му се достапни на БИРН.

Државниот обвинител тврди дека ремонтот на еден хеликоптер реално чинел 500 илјади долари, а биле плаќани по 1,5 милиони долари, тројно повеќе од реалната цената на чинење на ремонтот.

За ремонтот на 6 хеликоптери, извршен во периодот 2004-2006 кои во моментов се приземјени, Јавното обвинителство тврди дека е сторен криминал, и во приватни џебови завршиле половина од парите исплатени од буџетот на РМ, за ремонт на хеликоптерите, бидејќи во ремонтните заводи во странство биле исплатени само околу 500 илјади долари по хелихоптер, а сумата до милион и 400 илјади долари завршила во приватни џебови на македонски државјани кои основале фирми во странство или по системот перење пари биле префрлани на сметки на компании во Македонија, Велика Британија, САД и Дубаи.

Обвинителството тврди дека фирми од Бугарија, Велика Британија и Македонија примиле 2.657.252 долари од буџетот на РМ, пари кои биле добиени со прикажување нереални цени за ремонт на хеликоптери. Овие пари подоцна биле префрлани на физички и на правни лица на повеќе континенти и на тој начин бил оштетен буџетот на Македонија.

Министерството за одбрана склучувало договори за ремонт на хеликоптерите со „Сувенир“ – Самоков, а подоцна со анекс во договорите била вметната фирмата „Дрвомак-ЛТД“ од Бугарија , која требало да биде посредник – финансиски агент за изнаоѓање фирма за ремонт на хеликоптерите.

Првичниот договор за ремонт на 2 хеликоптера МИ-24 бил склучен на сума од 1.930.000 американски долари, а подоцна зголемен за 838.000 долари, или вкупно 2.768.000 долари, кои требало да се ремонтираат во воздухопловно ремонтниот завод „Авиакон“ во Конотоп – Украина, во Луганскиот авијациски завод во Украина и во воздухопловно ремонтниот завод Гјанджа во Азербејџан.

Но, „Дрвомак ЛТД“ за ремонт на 2 хеликоптера платило само 995.000 долари. Обвинителството во обвинението тврди дека парите од фирмата „Дрвомак“ Бугарија кои се македонски државјани, преку фирмите „Специјална опрема“ од Скопје, „КЛ-Текносервис ЛТД “ од Ливерпул, Велика Британија, завршиле на приватни сметки или на фирми во Македонија, САД и Дубаи.

За ремонт на два други хеликоптера, преку „Специјална опрема“ и „КЛ-Текносервис ЛТД“ Ливерпул бил потпишан договор за ремонт на МИ-24 на износ од 2.745.000 долари, а реалниот ремонт чинел 1.615.046 долари, што е за 1.010.951 долар повеќе од вредноста на ремонтот.

Претставник на „Сувенир – Самоков“ на судењето кое е во тек тврдеше дека тие ги потпишувале договорите со Министерството за одбрана, бидејќи се фабрика за трговија со оружје, но тие биле само агент-посредник кој добивал 10 проценти од сумата во договорот. Вметнувањето на „странските“ фирми од Бугарија и Велика Британија основани од Македонци, според сведокот, било направено по сугестија на МО. Судската постапка за овој случај е во тек, судот изведува докази, а во септември се очекува обвинетите да ги дадат нивните одбрани, по што судиите ќе донесат одлука.