За само една недела, цената на бензините во Македонија се зголеми за 12 денари, а на дизелот за над 20 денари. Причините се познати – нападите на САД и на Израел врз Иран предизвикаа затворање на Ормускиот теснец, преку кој се пренесува околу 20 отсто од светската нафта, што веднаш влијаеше врз глобалните цени на овој енергенс, а со тоа и на малопродажните цени.
Иако македонските граѓани плаќале и поскапи горива во минатото – на пример цените беа трицифрени со месеци во 2022 година поради нарушувањето на глобалните пазари што го предизвика руската воена агресија врз Украина, сепак олку големи скокови за кратко време се невообичаени и се сериозен удар за населението, бидејќи може да предизвикаат и спирала на поскапувања на основните производи.
Кризата во Ормускиот теснец носи големи неизвесности, бидејќи Иран го користи нарушувањето на светскиот енергетски пазар како свое оружје за одбрана од нападите и се заканува дека ќе предизвика скок на светските цени на нафтата на над 200 долари за барел (сега се нешто под сто долари). Од друга страна, САД немаат поддршка од европските и од други партнери за да се обезбеди непречено движење на нафтата низ овој регион.
Македонската држава сè уште не најавила мерки за ублажување на ударот од актуелната нафтена криза. Во минатото, таа интервенирала во вакви ситуации со привремено намалување на акцизата или на ДДВ-то за нафтените деривати, или со ставање на резервите на нафта во употреба. За тоа какви мерки ѝ стојат на располагање на владата, колку може тие да траат и колкава заштита реално би можеле да обезбедат, разговаравме со професорот од Економскиот факултет во Скопје, Сашо Арсов.
БИРН: Кои мерки ѝ стојат на располагање на државата за да го ублажи ударот од скокот на цените на енергенсите поради воените интервенции против Иран и затворањето на Ормускиот теснец?
Арсов: Се соочуваме со силен екстерен шок, предизвикан од воена интервенција, чии последици многу бргу се шират низ целиот свет. Забележливо е дека цените на енергенсите се зголемуваат речиси насекаде, па и нашата земја не е исклучок.
Различни земји на различни начини бараат решенија за овој проблем. На пример, Австрија воведе забрана за покачување на цените на горивата на бензинските пумпи повеќе од еднаш дневно, во некои земји се воведе забрана за точење гориво на странски возила, а земји, како Словенија и Хрватска, воведоа повторно регулирање на цените на горивата, кои инаку се формираа слободно.
Кај нас ситуацијата е поинаква, затоа што и досега максималните цени на горивата се формираа од страна на Регулаторната комисија за енергетика, според конкретна методологија. Токму нејзината примена, со сегашните цени на нафтата водат до формирање на тековните цени, кои претставуваат значаен удар за буџетите на домаќинствата, но и повисок инпут во цените на производите.
Со оглед на тоа што државата има контрола врз цените, таа може и да преземе одредени мерки. Да интервенира со гориво од државните стокови резерви, секако во одреден обем, но може и да намали некои од давачките што влегуваат во цената на горивата, како акцизи или ДДВ. Евентуално, може и да ја максимизира цената на горивата, со одредена интервенција или привремено суспендирање на методологијата.
БИРН: Колку може да се очекува дека наскоро ќе се применат некои мерки?
Арсов: Ова прашање е повеќе за самата влада, отколку за мене. Јас би рекол дека верувам оти во соодветните министерства веќе се прават одредени анализи и се разгледуваат различни опции, но нивната конкретна примена би зависела од можностите, но и од процената за траењето на оваа ситуација.
Државата треба да дозволи да се почувствува одредено влијание од нафтениот шок, за економските субјекти, посебно населението, да го прилагодат своето однесување кон него
Примената на која било од овие мерки, прво, носи и дополнителни проблеми, како т.н. дисторзии на пазарите, бидејќи различни субјекти различно се погодени, односно заштитени. Може да доведе и до т.н. бензински туризам, односно наплив на странски возила на нашите пумпи, а сето тоа значи и загуба на државни ресурси. Така што државата мора и на тоа да внимава и ваквите мерки не може да имаат бескрајно долга примена, ниту неограничен опфат.
Една можност е да се интервенира со одредена субвенција кај цените на горивата за бизнис-секторот, со што би се намалил притисокот врз оперативните трошоци на бизнисите, а со тоа и опасноста од нова инфлаторна спирала. Сепак, тоа не е едноставно за примена. Конечно, државата и треба да дозволи да се почувствува одредено влијание од нафтениот шок, за економските субјекти, посебно населението, да го прилагодат своето однесување кон него.
БИРН: Дури и да се применат мерките, колкав период би можеле да премостат тие, ако ситуацијата продолжи да ескалира во следните месеци? Дали би биле неизбежни нови поскапувања за граѓаните и економска криза?
Арсов: Секоја земја може да одговори на ситуацијата во зависност од конкретните услови и од сопствените можности. Треба да се има предвид дека капацитетот за справување со кризи секогаш се гради пред да настане кризата. Како што веќе реков, државата може да обезбеди одредена амортизација на негативните последици од нафтениот шок, но тоа ќе зависи од нејзините можности, пред сè финансиски, но и од процената во колкава мера навистина треба да се интервенира.
Споменав дека државните интервенции носат и одредени негативности во поглед на искривувањето на односите меѓу економските субјекти, така што и на тоа треба да се внимава.
Сè ќе зависи од времетраењето на оваа ситуација. Да се надеваме дека наскоро ќе се воспостават нормалните текови на горивата на светскиот пазар и цената ќе се стабилизира. Доколку тоа не се случи, неминовно ќе дојде до поскапувања, меѓу другото, и затоа што врз цените на нашите производи и стоки во продавниците влијаат и увозните цени на инпутите и стоките.
Дури и да интервенира нашата држава, може да дојде до прелевање на повисоките трошоци и цени од други земји. Конечно, нашата економија е дел од светската економија. Економијата е глобализирана, така што евентуална глобална рецесија, за која веќе се прават проценки во одредени меѓународни кругови, не би ја одминала нашата земја. Во колкав обем, тоа е тешко да се предвиди.

