Полската компанија за трговија со оружје „Металекспорт-С“ стои зад пратката од 11,5 тони муниција што беше пренесувана од Србија до Бангладеш, со транспортен авион „Антонов Ан-12“, кој се урна месецов во близина на грчкиот град Кавала, открива БИРН Србија.
Посредник во оваа зделка, во која краен корисник на оружјето е Министерството за одбрана на Бангладеш, била босанската компанија БА-МЕТАЛЕКСПОРТ од Сараево, сопственост на полската компанија Металекспорт-С.
„Така е. Ние сме 100 отсто во сопственост на полска компанија. Тие го водат бизнисот, а ние сме одговорни за територијата на БиХ“, изјави за БИРН, Ален Ѓузел, директор на компанијата во БиХ.
Ѓузел ги негира шпекулациите дека оружјето што го носел авионот „антонов Ан-12“, со кој управува украинската карго авиокомпанија Меридијан, било наменето за Украина.
„Договорот со Бангладеш е потпишан во 2021 година, пред да почне војната во Украина“, рече Ѓузел.
Синџирот компании вклучени во овој бизнис е уште подолг. Државната српска фабрика за оружје „Крушик“ е производител на муниција, додека српската приватна компанија „Валир“, како прв посредник, добила српска извозна дозвола за Бангладеш во име на босанска компанија.
На прашањето зошто БА-МЕТАЛЕКСПОРТ отишол преку компанијата „Валир“ и не соработувал директно со Крушик, Ѓузел одговори дека тоа не е можно и дека тоа мора да се направи преку брокер.
„Министерството за одбрана на Бангладеш е наш клиент. Не можевме да купуваме директно од фабриката, бидејќи тие имаат свои посредници. „Валир“ беше брокер, ни го понудија тоа што ни требаше“, рече тој.
„Антонов“ носел минофрлачки гранати од 60 мм М62, минофрлачки гранати од 82 мм М62 и минофрлачки ракети М67 82 мм произведени од Крушик. Грчките власти сè уште ја истражуваат несреќата од 17 јули, во која загинаа осум членови на екипажот.
Првите шпекулации дека Србија извезува оружје во Украина, веднаш по падот на авионот ги демантираше српскиот министер за одбрана, Небојша Стефановиќ, кој рече дека единствената врска со Украина е фактот што украинската компанија Меридијан е сопственик на авионот што ја превезувал пратката.
„Клиентот беше Министерството за одбрана на Бангладеш, како целосно овластен краен корисник. Летот ги имаше сите соодветни дозволи и сѐ беше во согласност со меѓународните прописи“, изјави Стефановиќ за медиумите на 17 јули.
Министерството за трговија, телекомуникации и туризам на Србија ја објави извозната дозвола, иако во документот пишува „доверливо“, за да покаже дека нема незаконски дејствија.
БИРН дојде до сертификатот за краен корисник потпишан на 23 септември 2021 година, во кој е наведено дека вооружените сили на Бангладеш се купувач на стоката. Документот во име на Бангладеш го потпишал Вакер Уз Заман, генерал-полковник на дивизијата на вооружените сили. Оригиналниот договор бил потпишан на 29 јуни 2021 година.
Српската компанија „Валир“ платила вкупно 602.790 американски долари за муниција од фабриката „Крушик“, дознава БИРН.
На прашањето на БИРН кака било исплатливо да се транспортира ова релативно мало количество оружје со авион, директорот на компанијата БА-МЕТАЛЕКСПОРТ одговара дека било неопходно да се испочитува рокот договорен со Бангладеш.
„Проблемите со транспортот во светот се огромни. Испраќањето на еден контејнер со брод чини 150.000 евра, па не можевме да го направиме тоа. „Бангладеш одобри две пратки да се пратат со авион“, истакнува Ѓузел.
Транспортниот авион „антонов“ што се урна бил произведен пред 50 години. Производството на овие авиони од советската ера престана во 1973 година, но тие сè уште се користат од карго оператори во различни земји.
Според грчката управа за цивилно воздухопловство, по влегувањето во грчкиот воздушен простор, пилотот ги известил контролорите на летање дека има пожар во еден од моторите на авионот.
Пилотот побарал итно слетување во Кавала, што било одобрено, но авионот набргу исчезнал од радарот.