Три со три

Аврамов: Понижувачки избор на составот на комисијата за антидискриминација

Разговор со Атанас Аврамов од Мрежата за заштита од дискриминација

Жестока реакција на активистите предизвика вчерашната јавна расправа во Собранието при изборот на нови тројца, од вкупно седумте членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).

Мрежата за заштита од дискриминација, вчера попладне обвини за партизација со фаворизирање на некомпетентни кандидати, откако Собраниската комисија за избори и именувања го утврди предлогот за членови, меѓу кои и Џихан Ахмет, дипломирана правничка и наставничка по правни предмети во скопско средно училиште.

Тројцата предложени, кои треба да ги гласаат пратениците, се одбрани од 14-те кандидати што ги исполниле условите за учество во јавна расправа откако се јавиле на огласот објавен минатиот месец.

Од одговорите на прашањата што активистите вчера ѝ ги поставуваа во Собранието, лесно може да се изведе заклучок дека кандидатката Ахмет не ги владее основните меѓународни конвенции за човекови права, надлежностите на комисијата и не ги следи законските промени во областа.

Комисијата е првата адреса каде што жртвите на дискриминација можат да се обратат. Таа има и превентивна и корективна улога со јавни мислења и препораки да спречува дискриминаторски практики и да укажува на системски пропусти кај институциите и во приватниот сектор.

За контроверзиите околу изборот на нови членови на комисијата и за значењето да се зачува интегритетот на оваа институција разговаравме со Атанас Аврамов, кој вчера учествуваше во собраниската расправа како претставник на Мрежата за заштита од дискриминација.

БИРН: Мрежата вчера остро реагираше на јавното излагање во Собранието на една од кандидатките за член на Комисијата за заштита од дискриминација, Џихан Ахмет, при што, според вас, таа демонстрираше големо непознавање на материјата. Дополнително, медиумите ја поврзуваа со владејачката коалиција ВЛЕН поради нејзините постови на социјалните мрежи.
Што ова, за вас како активист, кој со години се занимава со антидискриминација, говори за процесот на избор на нови членови на Комисијата, институција што има клучна улога во заштитата од дискриминација?

Аврамов: Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е клучна алка во државата, која придонесува кон заштитата од дискриминација. Настрана од тоа што комисијата беше препознаена од страна на Европската комисија како ефикасно тело за заштита од дискриминација, граѓаните ја препознаваат комисијата како заштитник на човековите права.

Тоа се покажува и со зголемување на бројот на пријави од година во година.

Имајќи го тоа предвид, именување кандидати што не ги исполнуваат законските услови е несериозно и понижувачки за сите граѓани на оваа држава. Таквото именување може сериозно да влијае врз репутацијата на комисијата и довербата на граѓаните во институциите – проблем што се провлекува со години и за сите институции.

Она што особено загрижува е дека, и покрај јавната расправа, која служи да го истакне искуството на кандидатите, пратениците одлучуваат да именуваат кандидати што не одговориле на прашањата или одговориле несоодветно. Таквиот однос е несериозен и оди против препораките на Европската комисија, која посочи Собранието да избира членови што се компетентни за членови на КСЗД.

БИРН: Бевте присутни во Собранието и од прва рака ја следевте јавната расправа за избор на тројца нови членови на Комисијата. Каков е вашиот впечаток за интегритетот на целиот процес, особено имајќи ги предвид медиумските написи за поврзаност и на други кандидати со владејачките партии?

Аврамов: Сево ова само кажува дека Собранието не ја сфатило сериозно улогата на Комисијата и сопствената улога во Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права.

И покрај сите критики од сите заинтересирани страни и меѓународни партнери за партизација, ние одлучуваме да продолжиме со именување партиски кадри, кои ќе влијаат врз тоа каква заштита ќе добијат граѓаните при следните пријави на дискриминација во комисијата.

БИРН: Доколку кандидатката Џихан Ахмет навистина биде избрана, како тоа би се одразило врз работата на комисијата и, пошироко, врз системот на заштита од дискриминација во државата? Зошто е важно да има функционална комисија?

Аврамов: Не може да прејудицираме како би се одразило врз работата, меѓутоа она што е важно да се нагласи дека квалитетот на секоја институција е правопропорционален со квалитетот на луѓето што работат во неа.

Комисијата е важна бидејќи луѓето имаат доверба во комисијата и затоа се охрабрени да пријавуваат дискриминација и да ја водат битката со системот.

Нефункционална комисија ќе значи уште еден удар кон процентот на доверба во институциите и граѓаните ќе изгубат уште еден механизам каде што може да побараат заштита од дискриминација.