Три со три

Аврамовска-Нушкова: За жртвите на насилство нема доволно поддршка

Интервју со Ана Аврамовска-Нушкова, од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство

Од 25 ноември до 10 декември се одбележуваат 16 денови активизам за борба против родово базираното насилство.

Во тој период, политичарите и други јавни личности интензивно зборуваат за овој општествен проблем, кој секогаш не е во фокус во другиот дел од годината.

Само годинава, во земјава имаше четири случаи на фемицид, меѓу кои беа брутално убиените Росица Коцева од Велес и Рамајана Асан од Скопје.

Иако Македонија ја ратификуваше Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство во 2018 година, извештајот од Државниот завод за ревизија (ДЗР) покажа дека сериозно се  потфрлува во имплементацијата на заложбите од конвенцијата.

Меѓу наодите е дека во земјава има речиси трипати помалку легла во шелтрите за жените жртви од насилство, а заостанува и во имплементацијата на соодветни закони и активности за превенција.

За овие теми, разговаравме со Ана Аврамовска-Нушкова, проектна координаторка во Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

БИРН: Каде го лоцирате проблемот во системот и зошто, според вас, имаме алармантен број на случаи на родово базирано и семејно насилство, кои завршуваат фатално?

Аврамовска-Нушкова: Кога се разгледува еден фемицид, најтешкиот облик на родово базирано насилство, мора да се земе предвид како дошло до тој исход. Секогаш претходат знаци и ризици, а кога ќе случи вакво убиство, системските слабости се највидливи.

Еден од факторите што доведува до вакви случаи е дали ние го препознаваме насилството во сите различни форми. На пример, ретко се препознава сексуалното насилство од интимен партнер или од брачниот другар, која е и една од најмалку пријавуваните форми. Стигмата, обичаите, традицијата и патријархалните норми често се причините за една жена да се повлече од пријавување или да не сака да признае дека нешто ѝ се случува во домот или во врската.

Потоа, кога веќе ќе го препознае насилството и жртвата, се одлучува да пријави, па настанува првиот контакт со институциите. Важно е да се направи правилна проценка на ризик: ако таму ги изоставиме чекорите, многу често жртвата ќе се повлече, а пријавата може да биде регистрирана само како поплака. Има многу обуки што се инвестираат во овие институции, се работи на нивното усовршување и на поголема сензибилизација, но тоа очигледно не е доволно.

Трет чест проблем е некоординацијата меѓу институциите што се на првата линија – центри за социјална работа, полицијата и јавното обвинителство – не го препознаваат или не знаат како треба да се процесира насилството, или едноставно сметаат дека тоа не е во нивна надлежност.

Но, да не ги заборавиме матичните лекари, здравствените работници, наставниците и професорите, кои, исто така, често се првиот контакт кога една жртва ќе се соочи со некоја форма на насилство. Секое училиште има стручни служби и нивна обврска е да се грижат за безбедноста на децата. Класните раководители може да забележат промени и да ги алармираат социјалните центри.

Освен тоа, важно е да се инвестира во превенцијата, а тука нашата држава најмалку инвестира. Мал број од предвидените активности за превенција се спроведени, а требаше да се направат општи стандардни модули за обуки за наставниците, за здравствените работници, работодавачите, синдикатите и други професионалци за да се едуцираат, не само за родово базирано насилство, туку и за потребата од родова еднаквост.

БИРН: Каков е процесот за пријавување насилство и каква поддршка добива жртвата од државата?

Аврамовска-Нушкова: Државата едноставно не инвестира доволно за да им помогне на жртвите. Тие може да добијат еднократна парична помош до 15.000 денари, но тоа не значи дека секогаш ќе биде доделен максималниот износ, и до 12.000 денари за трошоци за медицинска интервенција доколку имало потреба. Тоа воопшто не е доволно, особено ако жртвата нема свој имот и/или е невработена.

Домувањето и економската зависност се најголемите проблеми за жртвите. Според извештајот на ДЗР, државата мора да работи на подолгорочно домување затоа што жртвите на семејно насилство се потенцијални бездомнички.

Потребна е поконтинуирана или подолга финансиска помош, не само еднократна. Нормално, потребна е психолошка помош, како и обуки за професионално доусовршување и усовршување за жртвите да бидат  поконкурентни на пазарот на трудот за да може да се осамостојат и да почнат сами да живеат.

Кога се работи за акутно насилство, жртвите најчесто пријавуваат прво во полиција, а кога е во прашање психолошкото насилство, првата точка се обично центрите за социјална работа. Пријавувањето е и психолошки комплицирано бидејќи се работи за многу интимни моменти, жртвата веројатно го сакала насилникот.

Најдобро е жртвата на едно место да ја објасни целата ситуација, а не да ја повторува повеќепати во полиција, на лекари итн., со цел да се заштити таа од ретрауматизација и ревиктимизација.

Во еден идеален случај, кога независно каде ќе пријави жртвата, сите институции би се координирале и заедно би го правеле планот за безбедност. Секоја жена нема потреба веднаш од шелтер или од бесплатна правна помош. На пример, имавме жена, трговец-поединец, која имаше цвеќарница, која по три месеци во шелтер го изгуби својот бизнис. Затоа, многу е важно да се има холистички пристап.

БИРН: Во овој период од годината се спроведуваат различни кампањи по повод 16 денови активизам против родово базираното насилство. Зошто е важно да се обележат овие денови на годишно ниво?  

Аврамовска-Нушкова: Како организација, имаме едно мото каде што викаме, не 16 дена, туку 365 дена треба да се говори за насилството врз жените. Од кога се водат вакви кампањи кај нас, гледам дека многу повеќе луѓе од јавната и од политичката сфера почнуваат да ги детектираат проблемите.

На пример, во Комисијата за еднакви можности меѓу правата на мажите и жените во Собранието имаше извештај што го подготвија државните ревизори, каде што точно ги детектираа институционалните проблеми кај специјализираните сервиси за помош и поддршка, кои се клучни за жените-жртви.

Ваквите кампањи се добар потсетник дека семејното насилство и родово базираното насилство не се индивидуален, туку општествен проблем. Тоа е можност да се запознае пошироката јавност каде може да се пријави, што може да се очекува и да се информира за своите права.