Регион

Бегалка од Сирија, инспирација за филм на Нетфликс, се суди во Грција

Сара Мардини се соочува со долгогодишен затвор затоа што спасувала мигранти

Сара Мардини, чие бегство од сириската војна со нејзината сестра Јусра стана мотив за филмот „Пливачите“ на Нетфликс од 2022 година, во вторникот беше на судење на еден од грчките острови, под обвиненија што произлегуваат од нејзината вмешаност во операциите за спасување мигранти во Егејско Море.

Мардини и нејзините 23 сообвинети се соочуваат со можност да бидат осудени на по осум години затвор доколку судот на островот Лезбос ги прогласи за виновни. Дополнително, тие се под истрага и за голем број други обвиненија, кои предвидуваат потенцијална казна од 20 години.

Меѓународните организации за човекови права, судењето го квалификуваа како вистинска фарса. Тој процес претставува драматичен пресврт за Мардини, која со својата сестра помогна да се спасат 18 други бегалци во 2015 година, кога се расипал моторот на гумениот чамец што го користеле за да преминат од Турција во Грција.

Меѓународните организации за човекови права, судењето го квалификуваа како вистинска фарса. Тој процес претставува драматичен пресврт за Мардини, која со својата сестра помогна да се спасат 18 други бегалци во 2015 година

Сестрите, на крајот од сагата стигнаа до Германија и Јусра продолжи да се натпреварува за посебен пливачки тим на бегалците на Олимписките игри во 2016 и во 2021 година.

Сара Мардини, сепак, ги напуштила универзитетските студии за да се врати во Грција и да им се придружи на хуманитарните активисти што им помагаат на бегалците и на мигрантите што се изложени на ризик да се удават.

Мардини не беше присутна на суд во вторникот, а грчките медиуми објавија дека таа боледува од посттрауматско стресно растројство.

Амнести интернешнел коментираше дека таа и волонтерот Шон Бајндер „никогаш не требало да бидат изведени пред суд“.

„Тие се криминализирани поради нивната солидарност и сочувство“, изјави за БИРН, Гликерија Арапи, директорка на Амнести интернешнел Грција.

„Криминализацијата на солидарноста во Грција и во другите европски земји има застрашувачки ефект врз почитувањето на човековите права, хуманитарната работа и животите на луѓето“.

Нетфликс сними филм за приказната на сестрите Мардини

Сцена од играниот филм | Фото: Скриншот

Филмот „The Swimmers“ го следи животот на сестрите Мардини од 2015 година, кога тие решаваат да избегаат од војната во Сирија, до појавувањето на Јусра на Олимписките игри во Рио, во 2016 година, попатно расветлувајќи ја застрашувачката мака со која се соочуваат бегалците и мигрантите што се обидуваат да стигнат до Западна Европа.

Сестрите прво одлетале во Истанбул, каде што пронашле шверцер, кој ги качил на гумен чамец со уште 18 луѓе на кратката, но опасна пловидба од турскиот брег до грчкиот остров Лезбос.

Кога се расипал моторот на чамецот, сестрите, двете одлични пливачки, скокнале во водата со уште двајца други мигранти и почнале да го влечат чамецот до неговата дестинацијa

Кога се расипал моторот на чамецот, сестрите, двете одлични пливачки, скокнале во водата со уште двајца други мигранти и почнале да го влечат чамецот до неговата дестинација. Моторот, во меѓувреме, профункционирал и сите безбедно стигнале до брегот.

Сестрите потоа отишле во Германија, каде што го запознале пливачкиот тренер Свен Шпаннекребс. Тој ѝ помогнал на Јусра да стигне до Олимпијадата во Рио, во 2016 година, додека нејзината сестра одлучила да се врати во Грција.

Меѓутоа, додека Јусра учествувала на уште една Олимпијада, онаа во Токио, се сретнала со поранешниот американски претседател Барак Обама и станала најмладиот амбасадор на добра волја на Агенцијата за бегалци на Обединетите нации, нејзината сестра во Грција ја уапсиле и била затворена до средината на 2018 година.

Во притвор била повеќе од 100 дена пред да ја пуштат со кауција.

Одложено судење

Сара Мардини (лево) и сестр ѝ Јусра | Фото: Инстаграм-акаунт на Јусра Мардини

Мардини и 23 други, вклучително и членови на грчката невладина организација ЕРЦИ, се соочуваат со обвиненија за шпионажа и фалсификување и со затворска казна до осум години.

Тие, исто така, се под истрага за шверц на луѓе, измама, членство во криминални организации и перење пари, кои предвидуваат максимална казна од 20 години. Случајот првично отиде на судење во ноември 2021 година, но тогашниот судија рече дека судот нема надлежност и го испрати до Апелацискиот суд.

Клио Папапантолеон, еден од адвокатите на Мардини, за БИРН, изјави дека судењето било постојано неоправдано одложувано и адвокатите на одбраната побарале обвинението да биде отфрлено, со образложение дека е повредено правото на обвинетите да им се суди во „разумен рок“.

За време на нејзиниот престој во притвор, во 2018 година, Мардини ѝ пиша на грчката новинарка Маријана Какаунаки, која внимателно го следеше нејзиниот случај за дневниот весник „Катимерини“.

„Не сакам никој да ме сожалува“, напиша таа.

„Посветена сум на хуманитарна работа. Се трудам да бидам гласот (на бегалците) за да може мојата напорна работа да ги инспирира другите да сонуваат, да се информираат и да помагаат“.

Надеж на Мардини и на нејзините поддржувачи им даде понеделничката пресуда на судот во Лезбос, со која се поништи 142-годишната затворска казна изречена на Мохамад Ханад Абди, сомалиски мигрант осуден во 2021 година за шверц на луѓе

Какаунаки рече дека на почетокот мислела дека властите „ќе нашле нешто сериозно“ за да го поткрепат обвинението.

„Меѓутоа, читајќи ги списите, моето чувство беше и сè уште е дека Сара неправедно се гони“, изјави таа за БИРН.

„Ја запознав кога излезе од затвор и оттогаш одржуваме контакти.“

Надеж на Мардини и на нејзините поддржувачи им даде понеделничката пресуда на судот во Лезбос, со која се поништи 142-годишната затворска казна изречена на Мохамад Ханад Абди, сомалиски мигрант осуден во 2021 година за шверц на луѓе.

„Ова е голема победа за движењето за солидарност што трае долго време“, рече грчкиот европратеник Стелиос Кулоглу, кој собра поддршка за бегалците и мигрантите.

„Ќе продолжиме со ова движење додека сите неправедно осудени што спасиле животи на луѓе… не бидат ослободени од затвор“, изјави тој за локалниот медиум, Сто Ниси.

Автор: Eleni Stamatoukou