Точно две години по бегството на Никола Груевски, истрагата е сè уште отворена, меѓутоа извори од Обвинителството за БИРН информираат дека таа одамна не напреднала. Последното дејство во обидот да се утврди евентуалната вмешаност или одговорност за бегството датира од минатата 2019 година.
Како некој што постојано повторува одредена работа очекувајќи поинаков исход, државава повторно, и тоа по третпат ќе бара екстрадиција на поранешниот премиер, иако беше одбиена во претходните два обида.
Извори од Обвинителството за БИРН информираат дека истрагата за бегството на Груевски одамна не напреднала
Во меѓувреме, Никола Груевски втора година живее во главниот град на Унгарија, трудејќи се да остане под радарот на љубопитната јавност.
Забележан беше само неколкупати. Македонските медиуми ги пренесоа фотографиите од Груевски во трговски центар и од забава на брод, снимката на која излегува од ресторан и случајната средба со новинари во зградата каде што имал состанок со унгарски функционер.
Претпоставка е дека престојува во Будимпешта, во таканаречената Петта област, која е политички, финансиски и секако туристички центар на градот. Унгарски политичар го забележал неговото име на избирачкиот список во оваа област и оттаму се влечат заклучоците дека неговото живеалиште е регистрирано во срцето на градот.
Статусот на политички азилант што го ужива му овозможува да гласа на локалните избори, но не и на националните. Може да работи во земјата, но не во Европската Унија (ЕУ), иако нема опасност да биде депортиран доколку отпатува во некоја од државите членки.
Ветувачка истрага со „нула“ ефект
Бегството на векот веднаш предизвика гнев и жед за одговорност во јавноста и Обвинителството бргу го пресретна незадоволството. Отвори истрага само неколку дена откако експремиерот се јави од Будимпешта.
„Постојат основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти Република Македонија“, откри Обвинителството на 18 ноември 2018.
Уште следниот ден се побарани снимките од граничните премини од Црна Гора и од Албанија и од околината на унгарската амбасада во Тирана, а обезбедени биле и снимките од сите сигурносни камери во државава, кои „тежеле“ 10 терабајти.
Интересно е дека Албанија не помогнала да се одгатне мистеријата околу бегството.
Црногорците веднаш одговориле на барањето, и во декември 2018 година, нашите обвинители лично ги презеле снимките од Подгорица, меѓутоа со Албанија не одело така мазно.
Црна Гора веднаш одговорила на барањето за снимките од граничните премини, но со Албанија не одело воопшто мазно
Македонските обвинители морале двапати да ургираат, по што дури во јануари следната 2019 година добиле одговор дека видеоматеријалот е обемен и оти Албанците не поседуваат опрема за да го пренесат.
„Екипи од Обвинителството со хард-дискови се упатија во Албанија за да го преземат материјалот, но беа усно известени дека тој не е сочуван“, објасни ОЈО.
Обвинителството ги истражувало и листинзите од вкупно 60 телефонски броеви на луѓе што биле на некој начин поврзани со Груевски или комуницирале со него во деновите пред да побегне.
Истрагата дојде до податоци дека во септември 2018, два месеца пред бегството, експремиерот ги испразнил своите сметки, односно од три банки извадил 120.000 евра. ОЈО истакна дека тогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО) и Управата за финансиско разузнавање биле информирани за трансакциите зашто банките имаат обврска да реферираат кога некој прави трансакција поголема од 15.000 евра.
Се утврди и дека Груевски не излегол од државава официјално преку граница.
„Во овој момент можам да ви потврдам дека Никола Груевски, територијата на Република Македонија ја нема напуштено на кој било граничен премин“, по двомесечната истрага изјави шефот на обвинителството, Љубомир Јовевски.
Министерот за внатрешни, Оливер Спасовски, на првото интервју по бегството откри дека полицајците од обезбедувањето, ноќта на 8 ноември (четврток) го оставиле Никола Груевски пред својот дом, по што тој ги замолил следното утро да го чекаат во 9 часот. Не само што не се појавил во договореното време, туку полицајците го чекале пред зградата дури до вечерта, без притоа некој да го запали алармот.
По три месеци од истрагата, ОЈО не откри соучесништво при бегството, што би претставувало кривично дело
Спасовски, во меѓувреме, посочи и дека постоеле индиции оти повеќе луѓе, и тоа не само во МВР, туку и надвор му биле логистика на Груевски. Меѓутоа, остави тоа да го докажат обвинителите.
А, тие, во рамките на истрагата, ги сослушале шесте члена на обезбедувањето на Груевски и уште 50 души, претежно гранични полицајци.
По три месеци од истрагата, ОЈО не откри соучесништво при бегството, што би претставувало кривично дело.
„До овој момент, надлежниот обвинител нема утврдено постоење кривична одговорност на службени лица што помогнале или учествувале во организирањето и реализацијата.“
„Имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции“, соопшти Обвинителството по тримесечната истрага.
Повеќе од една година нема нова информација во врска со бегството, и како што изминува времето, сè повеќе изгледа дека истрагата ќе ја дели судбината на таа за атентатот на претседателот Киро Глигоров или на уште неколку слични што никогаш не доживеаја завршница и со време паднаа во заборав.
Добриот пријател Орбан
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, бргу откако стапи на оваа должност, во септември најави нов обид за враќање на Груевски.
Ги правиме сите можни напори, лицата што не се достапни пред правосудните органи да бидат екстрадирани, велат од министерството за БИРН.
„Наше право и обврска е да ги изнесеме сите нови околности во барањата за екстрадиција и да ги опфатиме сите дела што во моментов се познати за некој сторител. Во моментов се прибираат сите списи од институциите, а по комплетирањето на документацијата, барањето ќе биде испратено на одговор.“
Оттаму објаснуваат дека Министерството за правда може да бара екстрадиција неограничен број пати.
„За ниту едно барање нема да се откажеме – сè додека се активни меѓународните потерници ќе правиме напор да ги донесеме сите лица.“
Унгарија двапати, во јуни и во октомври минатата година ги одби барањата за екстрадиција. Образложенијата на унгарскиот суд беа едноставни – Никола Груевски има статус на политички азилант и како таков државата не може да го депортира.
Министерството за правда може да бара екстрадиција неограничен број пати, велаат оттаму за БИРН
Поранешниот премиер избега да не ја одлежи двегодишната затворска казна поради купувањето на владиниот „мерцедес“, познат како случајот „Тенк“. Последен пат бил виден во Скопје вечерта на 8 ноември 2018, а пет дена подоцна се јави со фејсбук-пост од Будимпешта за да каже дека побарал политички азил.
Експресно го доби, за нешто повеќе од една седмица.
„Децата во транзитните зони мораат да чекаат и по година и пол и честопати се одбивани“, споредуваат за БИРН унгарските експерти за бегалци.
Угледниот портал со седиште во Брисел, „Политико“, повикувајќи се на две лица „запознати со ситуацијата“, објави дека унгарските разузнавачки служби му помогнале на Груевски во патешествието. Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто призна дека двајца унгарски дипломати го придружувале поранешниот македонски премиер. Од изјавата на Сјарто се сфаќа дека тие му се придружиле на Груевски дури откако ја минал границата со Албанија.
Унгарија била дестинацијата каде што се упатиле уште двајца бегалци од правдата поврзани со власта на Груевски. Една година претходно, грчката полиција ги фати на солунскиот аеродром, Горан Грујовски и Никола Бошкоски, во обид да летаат за Будимпешта. Двајцата се поранешни вработени во тајната полиција и се обвинети за нелегалното прислушување.
Унгарската врска не е случајност.
Блискоста меѓу ВМРО-ДПМНЕ и партијата на Виктор Орбан има своја предисторија. Тие се сестрински партии од десницата и Орбан впрочем беше во Македонија да ја поддржи кампања на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2017.
Откако ВМРО-ДПМНЕ ја напушти власта, дел од медиумите што ја поддржуваа партијата завршија во рацете на анонимни Унгарци
„Многу ни е драго што и господинот Груевски по претходните парламентарни избори реши да остане, од позиција на опозиција да ѝ служи на сопствената татковина“, изјави Орбан пред последните избори на кои Груевски ја водеше ВМРО-ДПМНЕ.
Поддршката стигна и пред парламентарните избори годинава.
„Ние тука во Унгарија навиваме за нашиот пријател Мицкоски и би сакале како победник да го видиме ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во борбата против миграција заедно со нив изградивме соработка базирана на национална гордост, а со цел одбрана на нашите семејства и слободата.“
Интересно е дека актуелниот лидер на македонската партија, Христијан Мицкоски се видел со Орбан во Будимпешта неколку недели пред бегството на Груевски.
А, откако ВМРО-ДПМНЕ ја напушти власта, дел од медиумите што ја поддржуваа партијата, неколку портали и ТВ Алфа, завршија во рацете на двајца релативно анонимни Унгарци, кои според истражувањето на БИРН се дел од пропагандната машинерија на Орбан.
Што се случуваше зад и на сцената
Горе-долу познати се траекторијата по која се движел и точните времиња кога Никола Груевски ги минувал границите, освен тајмингот при преминот на македонско-албанската.
Претпоставка на српските власти е дека влегол во Албанија ноќта на 11 ноември (недела), некаде меѓу 1 и 2 часот по полноќ. Побарал азил во унгарската амбасада во Тирана и добил патен документ, пасаван со кој можел да влезе во Европската Унија, поточно во Унгарија. Во Црна Гора влегол околу 19 часот истиот ден (недела), потоа во Србија нешто по 22 часот и стигнал во Унгарија на 12 ноември (понеделник) рано изутрина околу 5 часот.
Следниот ден, 13 ноември (вторник) се јави на Фејсбук:
Наместо Груевски во затвор – се објави истрага за неговиот братучед и за поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев
„Во последните неколку дена примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега и побарав политички азил од унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам.“
Сево ова се случувало зад сцената додека пред очите на целата јавност се одвиваше друго сценарио.
Груевски требаше сам да се јави во затворот на 8 ноември 2018 (четврток), меѓутоа адвокатите со жалба му „купија“ уште еден ден. Следниот ден судот ја одби, но судскиот курир не го најде дома за да му го достави затворското решение.
Нацијата беше во исчекување.
Тој петок (9 ноември 2018), Собранието собираше, но не собра кворум за да му го одземе пратеничкиот мандат, а новинарите и снимателите се упатија да дежураат пред затворот. Мала група поддржувачи на експремиерот се собра пред неговата зграда носејќи знамиња со сонцето од Кутлеш.
Се појавија и гласини дека Груевски, сепак, го примил упатот за в затвор.
„Телевизиските екипи што се разотидоа од пред затворот, сега се враќаат назад. Се шпекулира дека тој решил да се пријави самиот за да избегне потерница, апсење и полициски спровод“, јавуваа дел од медиумите доцна вечерта во петокот (9 ноември).
Сосема неочекувано на крајот од тој работен ден, наместо Груевски во затвор – се објави дека неговиот братучед и поранешен директор на тајната полиција, Сашо Мијалков и бизнисменот Јордан Камчев се осомничени во истрагата на СЈО наречена „Империја“. Тајмингот што беше избран за отворање на офшор-истрагата очекувано многумина го сфатија како намера да се сврти вниманието од фактот дека Груевски не е в затвор.
Следеше викендот во кој никој не го побара експремиерот.
Новинарите анализираа дека полицијата нема да го бара додека не сигнализира судот и оти сè ќе се одолжи до следната среда, кога Груевски треба да се појави на друго судење и таму да му се врачи указот.
Многу подоцна, премиерот Зоран Заев слободниот викенд за Груевски го објасни со изговор дека таква била праксата.
„Во земјава, вообичаено е криминалците што се повикани во петок за отслужување затворска казна, викендот да го поминат дома. Не можевме тоа да го смениме само за Груевски“, изјави Заев во интервјуто за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Груевски во интервјуата по бегството тврдеше дека од Македонија излегол „многу лесно“
Оттука почна домино-ефектот на задоцнети мерки на македонските власти, кои дури во понеделникот (12 ноември) распишаа прво национална, а следниот ден (13 ноември) и меѓународна потерница.
На доцнењето со потерницата укажа и српскиот претседател Александар Вучиќ, одговарајќи на критиките на дел од тамошната и од македонската јавност дека Србија не го сопрела Груевски на минување.
„Ние да го запревме Никола Груевски, тоа ќе значеше дека сме го киднапирале.“
„Тоа ли го очекувавте од Србија? Да апсиме луѓе за кои нема потерница? Наместо да се прашате кого тоа сте го пуштиле и зошто сте чекале толку за да ја распишете потерницата“, изјави Вучиќ.
Заев е тој што ја кажа верзијата дека Груевски се сокрил во багажникот на автомобилот со кој бил изнесен од земјата, меѓутоа нема официјална потврда за оваа верзија на настаните. Груевски ја демантираше, меѓутоа досега не открил како избега.
„Јас многу лесно ја напуштив земјата. Очигледно е дека нашиот систем во овие две години е ослабен“, вака одговори во едно од интервјуата од Будимпешта.
Аларми колку сакаш
Еден новинарски текст, рутинско предупредување од три банки и неколку други настани и тоа како укажувале дека на Никола Груевски воопшто не му паѓало на памет да оди в затвор, иако тој филигрански трпеливо, од ден на ден се портретираше како човек што се помирил со судбината.
Сигналите биле толку алармантни што ве оставаат со широко отворени очи, неверувајќи дека, и покрај сознанијата, експремиерот лесно излегол од државава.
Црвените светла трепкале откако Груевски абдицираше, меѓутоа клучните две информации се појавиле на крајот од летото 2018 – во предвечерието на референдумот и во деновите кога се чекаше одлуката на Апелација за неговата затворска казна.
Прво, еден новинарски текст го предвиде бегството.
Два и пол месеци пред чинот на бегството, неделникот „Фокус“ на насловната страница праша:
„Дали власта ќе му дозволи на Груевски да избега во Унгарија, ако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го поддржат договорот за името?“.
Два месеца пред бегството, институциите биле предупредени дека Груевски ги испразнил своите банкарски сметки
„Упатените велат дека веќе извесно време е подготвен теренот во Унгарија, каде што тамошната влада на Виктор Орбан со раширени раце би го пречекала и би му обезбедила засолниште на експремиерот Никола Груевски“, објави „Фокус“ на 24 август 2018 година.
Второ, како што веќе напишавме – два месеца претходно, институциите биле предупредени дека Груевски ги испразнил банкарските сметки.
Имало и други сигнали.
Само два дена пред бегството, на 7 ноември, државната Комисија за заштита од дискриминација му дала на Никола Груевски потврда дека судот го дискриминирал во случајот „Тенк“. Експремиерот, пусулчето потоа го искористи во процедурата за добивање унгарски азил.
Самата претставка до комисијата ја поднел два месеца порано.
Во оваа комисија тогаш преовладуваа членови што се поставени од ВМРО-ДПМНЕ, а нејзиниот претседател во тој момент, Александар Даштевски многупати јавно ги бранел политиките на партијата и на самиот Груевски.
Додека планот се кроел зад сцената, поранешниот актер-аматер Груевски успешно ја залажуваше јавноста дека ќе „лежи“.
Како што прават бегалците во трилер-филмовите, експремиерот во меѓувреме направи сѐ да изгледа дека навистина се помирил со судбината
Само што ги испразнил сметките, чекајќи го пусулчето за дискриминација, Никола Груевски на својот фејсбук-профил убедуваше дека ќе ја одлежи казната со фразата „од затвор се влегува и од затвор се излегува“.
„Политичкиот прогон против мене, изживувањето и ‘лечењето’ лични фрустрации и суети со прогонот и со малтретирањето на мене, етикетирањето без основ до ниво на жигосување, казнувањето без вина, сето тоа е второстепено и јас тоа ќе го истрпам“, напиша тој само еден месец пред да избега.
Како што прават бегалците во трилер-филмовите, тој во меѓувреме направи сѐ да изгледа дека навистина се помирил со решетките.
Редовно се појавуваше на судските рочишта, неговите адвокати до последниот ден поднесуваа разно-разни жалби, одеше на работа во Собранието и од нога даваше изјави.
Затоа веродостојно звучат информациите дека ги замајувал и полицајците од неговото обезбедување, кои го штитеа како експремиер. Наводно ги прашувал кој затвор во државава има најдобри услови и им нарачувал тренерки, патики и пижами – основната опрема за живот во ќелија.
Во изработката на овој текст учествуваа Васко Маглешов во Скопје и Едит Инотаи од Будимпешта.