Balkan Insight

Белградски кол-центар во центарот на израелска инвестициска измама

БИРН и Investigate Europe по трагата на меѓународна операција со 70.000 жртви

На прв поглед, компанијата „Oлимпус прајм“ повеќе наликува на перспективен технолошки стартап отколку на еден од многуте безлични кол-центри што се појавуваат во главниот град на Србија.

Сместен во зграда со модернистички дизајн, во новиот бизнис-кварт во Белград, компанијата изгледа како дел од престижно опкружување – се наоѓа веднаш до кинескиот културен центар и до луксузен хотел.

Но, кога српската полиција, едно врнежливо јануарско утро во 2023 година влезе внатре, откри нешто сосема поинакво: таканаречена „boiler room“ измама – шема што вклучува да се натераат луѓе преку телефон или е-пошта со агресивни продажни трикови и манипулации да вложат пари во лажни инвестиции.

Рација на српската полиција во компанијата „Асгард“ во јануари 2023 година | Фото: БИРН/Фотографија добиена од извор

„Канцелариите изгледаа сосема нормално, како и секоја друга фирма – маси, столчиња и компјутери, колку што сакаш“, изјави Борис Мајлат, шеф на Одделот за високотехнолошки криминал при Јавното обвинителство во Белград.

Десетиците работници седеле мирно, како ништо да не се случува, иако влегувале вооружени полицајци. Всушност, тие биле однапред подготвени за вакво сценарио: на една „обучувачка“ видеоснимка, запленета при рацијата, менаџерите им објаснувале на вработените што да прават ако дојде полиција.

„Кажете им дека нудите само едукативни материјали“, вели еден од нив пред камерата. „Ништо повеќе.“

Рации имало истовремено на 22 локации во Србија, Бугарија и на Кипар, координирани од Европол, со поддршка од германските служби. Во Белград биле „погодени“ четири кол-центри.

Истражителите откриле дека вработените биле поделени во јазични тимови, насочени кон конкретни земји. Добивале лажни имиња, измислени идентитети и готови скрипти за да се претставуваат како брокери, да ја стекнат довербата на жртвите и да им извлекуваат пари – понекогаш и цели животни заштеди.

Се верува дека мрежата измамила над 70.000 луѓе низ светот, преку лажни вложувања во Форекс и криптовалути, и направиле профит од околу 250 милиони евра, соопшти полицијата од германската покраина Баден-Виртемберг.

Во Србија, 21 лице се обвинети за измама за штета проценета на 3,4 милиони евра, но судот сѐ уште не го оценило обвинението. Главните организатори не се достапни.

Истражувањето на Investigate Europe и БИРН откри дека операцијата во Србија е поврзана со израелската брачна двојка од Тел Авив: осудениот перач на пари Елиран Овед и неговата сопруга Лиат Курц Овед, двајцата 42-годишни, преку мрежа на фирми-фантоми, „параван лица“ и поврзани компании, меѓу кои и поранешен спонзор на англискиот фудбалски клуб Лидс јунајтед.

Група кол-центри во Белград, според проценките на германската полиција, измамила околу 70.000 луѓе ширум светот | Илустрација: Џорџина Чолева/Спувио

Српските обвинители велат дека во самиот кол-центар „Олимпус прајм“, Израелците ја имале крајната контрола, додека секојдневното работење било во рацете на локалци. Агентите биле сурови: според интерни разговори до кои дојдоа новинарите, жртвите ги нарекувале „идиоти.“

Во една преписка, кога еден агент известил дека некој таргет има 40.000 евра за вложување, друг колега одговорил: „Одлично, зграпчи ги!“

На прашањето за директна поврзаност меѓу измамата и брачната двојка Овед, Мајлат одговорил дека не може да коментира додека трае истрагата.

Самата брачна двојка и нивните соработници идентификувани во оваа сторија не се обвинети за ништо поврзано со шемата во Белград. Ниеден од нив не одговори на деталните прашања од новинарите.

Жртви низ светот

Брачната двојка Оведови не го кријат своето богатство на социјалните мрежи. На нив има фотографии од егзотични семејни патувања и престижни забави, а во септември лани, Елиран Овед дури доби награда од израелскиот претседател Исак Херцог за општествена одговорност преку фудбалскиот клуб што го поседува од втора лига – Бнеи Јехуда Тел Авив.

Израелскaта брачна двјока Лиат Курц Овед (лево) и Елиран Овед (десно). Фотографија | Инстаграм

Но, зад оваа јавна слика се крие поинаква биографија: Елиран одамна имал судир со законот. Во 2012 година бил осуден на една година затвор, откако Врховниот суд на Израел ја потврди неговата вина за нелегални онлајн коцкарски бизнис и перење пари.

Истражувањето на Investigate Europe и БИРН, засновано на десетици документи од трговски регистри, открива мрежа на бизнис-врски меѓу брачната двојка Овед и мултимилионската „boiler room“ измама што била раководена од Белград.

На брачната двојка им помагале неколку соработници: поранешниот кипарски фудбалер Никос Андреу, бугарската адвокатка Вера Начкова-Андонова и Милош Радивојевиќ – Србин со бугарски пасош, за кого се верува дека е сопруг на Андонова. Ова трио се појавувало како директори во пет фирми на Оведови и држеле удели во уште 14 компании поврзани со измамничката мрежа.

Од тројцата, само Радивојевиќ моментално е под истрага во Србија за перење пари во врска со белградските кол-центри, според информации за случајот споделени со новинарите. Радивојевиќ и Андонова не одговорија на барањата за коментар, а Андреу не беше достапен на единствената имејл-адреса што ја пронајдовме за него.

Во целина, четирите белградски кол-центри биле насочени кон жртви во Германија, Британија, Ирска, Швајцарија, Австрија, Австралија и Канада. Според документи запленети во Олимпус прајм, дел од оштетените изгубиле само по неколку стотици евра, а други  над милион.

Во 2018 година, Џон, 64-годишен градежник од Шкотска, кој сакаше да биде идентификуван само со своето име, кликнал на реклама на Гугл за FX Trade Market – фирма што тврдела дека е поддржана од популарното британско ТВ-шоу „Dragon’s Den“, британско шоу, каде што претприемачи им нудат бизнис-идеи на богати инвеститори.

Веќе следниот ден добил телефонски повик.

„Беше многу љубезен и шармантен“, раскажува Џон. „Му реков дека би сакал да купам куќа во Шпанија, а тој ми одговори: ‘Ќе ти средам три куќи во Шпанија’.“

Следната година вложил 25.000 фунти (околу 28.600 евра) и дури ја убедил ќерка си да инвестира. На интернет, неговото портфолио изгледало како да пораснало на 130.000 фунти (околу 149.000 евра).

„Жена ми не знаеше многу за тоа – сакав да ја изненадам со голема сума пари“, вели тој. Но, еден ден, парите исчезнале. Со нив – и неговиот брокер.

„Тој момент“, признава Џон, „ми скрати години од животот.“

Елиран Овед како сопственик на ФК Бнеи Јехуда доби награда од претседателот на Израел, Исак Херцог | Фото: Инстаграм

Се покажало дека FX Trade Market го управува естонската фирма Ingoten OU, која соработувала со белградскиот кол-центар Parogan. Parogan бил во сопственост на Андреу и Андонова и, исто така, е под истрага на српските власти во посебен случај.

„Секој ден ми се јавуваше“

Според обвинението, против 21 лице во Србија, до кое дојдоа БИРН и Investigate Europe, обвинителите го посочуваат израелскиот државјанин Шаи Доран како главен менаџер во Олимпус прајм. Тој побегна од земјата, а српските власти замрзнаa недвижности во вредност од околу еден милион евра што ги поседува во Белград – меѓу нив и луксузен стан во „Белград на вода“, на десниот брег од Сава. Доран го контактиравме преку Инстаграм, но не одговори.

Формално, сопственик на „Олимпус прајм“ е Никос Андреу.

Во интерен документ на фирмата, до кој дојде БИРН, се наведуваат повеќе инвестициски брендови што обвинителите ги сметаат како „паравани“ за привлекување жртви. Меѓу нив се FXVC (поранешен спонзор на Лидс јунајтед), како и PrimeOT, Greenfields Capital, Wingroup, Coinshype и други. Сите тие нуделе онлајн-тргување со криптовалути, девизи и со разни финансиски продукти.

Белгиец, поранешен ИТ менаџер во банка, кој сакаше да остане анонимен, за БИРН и IE раскажа дека во 2020 година уплатил 250 евра во Wingroup откако видел реклама на Фејсбук. Наскоро го побарал човек што се претставил како финансиски брокер и му понудил помош со „short selling“ – начин на тргување што му бил познат.

„Секој ден ми се јавуваше и секој пат бараше да вложам повеќе,“ вели Белгиецот.

Онлајн, салдото на неговата сметка пораснало на 3.000 евра – сè додека еден ден не му бил дозволен пристап.

Фактури што тој ги сподели со новинарите покажуваат дека неговата прва уплата била обработена преку криптоберзата Coinshype. Според австралискиот трговски регистар, Coinshype е бренд на Mormarkets Pty Ltd, каде што Андреу фигурира како акционер од 2020 година, откако го презел уделот од Tyriona Limited – кипарска фирма во сопственост на Курц Овед.

Во Европа, копија од фактура од друга жртва, открива дека Coinshype го водела компанијата Polotis, регистрирана во Естонија, затворена во 2022 година. Последниот акционер бил Андреу, кој повторно ја презел од Tyriona Limited на Курц Овед. Радивојевиќ порано бил и акционер и директор таму.

Екран на брокер од кол-центарот на „Олимус Прајм“ прикажува лажни инвестиции и заработки на некои од наводните жртви | Фотографија: БИРН/Приватна архива од извор

Во финансиските извештаи поднесени во 2022 година од Lytria Holdings Limited (кипарска фирма што прво била на Курц Овед, а сега е на Елиран Овед), Polotis се спомнува како „субјект под заедничка контрола.“ Тоа уште еднаш покажува дека Андреу веројатно бил само параван за вистинските сопственици – Оведови.

Во март годинава, австралиските власти го уапсија Брендан Ган, директор на Mormarkets Pty Ltd, под сомневање дека незаконски управувал со над 100.000 австралиски долари (околу 56.000 евра), собрани од тројца инвеститори-жртви, кои уплатиле пари за конверзија во криптовалути, соопшти Комисијата за хартии од вредност и инвестиции на Австралија.

Црвен aларм

Некои од брендовите биле означени како сомнителни многу пред јануарските рации во 2023 година.

Уште во 2020 година, 38 оштетени од различни земји поднеле тужба против Оведови во Израел, тврдејќи дека нивните компании промовирале финансиски измами преку Greenfields Capital и PlusOption.

Истражувањето на IE и БИРН откри дека зад Greenfields Capital стоеле фирми од Британија и Вануату, а како акционер била заведена бугарската адвокатка, Вера Начкова-Андонова. Таа била директорка во четири компании што водат до Оведови.

Документи потврдуваат дека израелската фирма на Оведови давала услуги за кол-центар на офшор-компанијата Tradeplus Solution – вистинскиот сопственик на PlusOption. БИРН и IE дознаваат дека случајот завршил со вонсудска спогодба. Подоцна, нови корпоративни податоци покажуваат дека сопственик на Tradeplus Solution формално била Андонова, а Елиран Овед дури регистрирал интернет-домеин во име на компанијата.

Во меѓувреме, FXVC склучил спонзорски договор со Лидс јунајтед, токму кога клубот во 2020 година се врати во англиската Премиер-лига по 16 години пауза. Логото на FXVC се гледа насекаде на стадионот „Еланд роуд“ и допира до милиони гледачи секоја недела – сè до април 2021 година, кога британскиот финансиски регулатор FCA му ја одзеде лиценцата поради „измамнички финансиски промоции.“

Во одговор на барање за слободен пристап до информации, од FCA изјавија дека FXVC не бил казнет, ниту, пак, му било наложено да обесштети жртви. Истражување на Би-би-си, во 2023 година пренесе дека Лидс јунајтед по оваа одлука целосно ги прекинал врските со FXVC. За оваа приказна, клубот не даде коментар.

Формално, FXVC e во сопственост на кипарски холдинг. Но, според финансиските извештаи, вистинска сопственичка е Курц Овед, сопругата на Елиран.

И PrimeOT бил под лупа на британската агенција за супервизија на осигурување, која во 2022 година донел одлука Nationwide Building Society да ѝ врати повеќе од 100.000 фунти на клиентка измамена од телефонски агент на PrimeOT. Таа била инструирана парите да ги прати преку Coinshype.

„Панцери, Викинзи и Спартанци“

Пример за тоа како функционираа кол-центрите во Белград | Илустрација: Игор Вујчиќ/БИРН

Малколм Едвардс, 67-годишен делумно пензиониран менаџер во нафтената индустрија од североисточна Англија, почнал да вложува 500 фунти (околу 573 евра) во Greenfields Capital откако видел реклама на Гугл. Следниот ден го побарал „брокер“ и го убедил да вложи повеќе.

„Ме убедуваше да вложам 34.000 фунти (околу 38.970 евра),“ раскажа Едвардс. „Тој тврдеше дека ќе ги удвои парите за една недела и добивките ќе ми ги уплати директно во банка. Неделата помина, а добивки немаше. Сите инвестиции беа на нула.“

Малколм детално ја проверил компанијата и открил дека лондонската адреса наведена на веб-сајтот е лажна.

Во меѓувреме, дел од лажните брокери во Белград собирале огромни месечни бонуси, многу поголеми од она што просечен Србин би можел да го заработи за една година. Според обвинението, во ноември 2022 година, еден агент добил дополнителен бонус од 63.000 евра, а друг – 84.000 евра.

Во Олимпус прајм, пет тима работеле постојано, поделени по јазици и по региони. Германскиот тим добил прекар „Панцер“ и таргетирал германски жртви, тимот „Викинзи“ бил насочен кон скандинавските клиенти, а три други тима – „Спартанци“, „Минери“ и „Атлас“ – се занимавале со жртви од англиско говорно подрачје.

Вработените користеле кодни имиња според јазикот, како „Jack Weiss“ или „James Eastwood“. Клиентите првин правеле мали вложувања преку клонирани веб-сајтови, а симулираните „добивки“ и охрабрувањето од нивниот „брокер“ ги мотивирале да вложат уште повеќе.

Српскиот обвинител Мајлат вели дека судството во Србија не е подготвено да се справи со вакви операции.

„Не станува збор за аматери“, нагласува тој. „Ова е организиран криминал, и ако не реагираме како што треба, тие едноставно ќе се преселат и ќе почнат повторно.“

„Се соочуваме со организирана, транснационална измама базирана на криптовалути, а судот ја третира како обична измама“, додава тој. „Тоа не се случаи за обични обвинители. Потребни се специјализирани единици. Без нив, не можеме да победиме.“

Слични фрустрации има и германскиот обвинител Нино Голдбек, кој од 2019 година води специјална работна група во Бамберг, северна Баварија, посветена на онлајн-измами со инвестиции.

„Ако, на пример, пребаруваме кол-центар со 200 вработени, само мал дел ќе заврши пред судот“, објаснува Голдбек. „Причината е ограниченост на ресурси, приоритети и надлежности.“

Во Германија, Канцеларијата на јавниот обвинител во Карлсруе работи заедно со српските власти на истрагата за белградската мрежа на кол-центри, но не дадоа коментар.

Во 2020 година, австралискиот финансиски регулатор казнил фирма наречена Ozifin Pty Ltd со 20 милиони австралиски долари (околу 11,2 милиони евра) поради „непристојно однесување“, откако инвеститори загубиле над 11 милиони австралиски долари (6,2 милиони евра) во текот на една година.

Иако Oведови не се именувани во одлуката, австралискиот регистар покажува дека Ozifin Tech Pty е во сопственост на Corfenix Limited од Хонг Конг, која, според регистарот во Хонг Конг, е во сопственост на Курц Овед.

И покрај растечката контрола врз нивните операции, Оведови продолжиле да се шират. Офшор-компанија во нивна сопственост, поврзана со поранешниот спонзор на Лидс, FXVC, лансирала два нови трговски брендови: Klips.com и 50K.trade.

Klips бил регистриран во 2022 година, од една од израелските фирми на двојката, а апликацијата 50K.trade била објавена во март лани.

Жртвите на Оведови, пак, сè уште се обидуваат да се помират со тоа што се случило. Некои од нив не сакаа да зборуваат за истражувањето, плашeјќи се дека повторно би можеле да бидат таргетирани. За другите, сеќавањата биле едноставно премногу болни.

„Најлошо е да се зборува за тоа“, рече една жена, која изгубила 54.000 евра во Greenfields Capital. „Како жртва, се обидувате да заборавите.“

 

Ова истражување го предводеше и координираше Investigate Europe и БИРН. Серијата Scam Europe се објавува со медиумски партнери, вклучувајќи ги Altreconomia, Balkan Insight, EU Observer, The Irish Times, La Libre, Netzpolitik.org, Público и Der Standard.

Финансиска поддршка за истражувањето обезбеди IJ4EU (Истражувачко новинарство за Европа).