Да се раководи новинарски синдикат во денешно време е сложена работа. Од една страна стои глобалниот предизвик да се најде или да се редефинира улогата на новинарот во дигиталното време на хиперинформирање, во кое секој и сѐ може да биде медиум што пренесува информации до најшироката публика, и во постинформатичкото општество, во кое фактите се прашање на избор, а не на објективната вистина.
Од друга, потребно е справување со локалните предизвици да се спречи наметнувањето политички влијанија врз медиумите во време кога и медиумските сопственици и властите, прикриено или отворено, покажуваат интерес во некаква форма да се врати државното финансирање на медиумските куќи, кое се вршеше на многу проблематичен начин до пред четири години.
Од трета, делумно и како последица на првите две, синдикатот сѐ уште е соочен да се бори за решавање проблеми што биле актуелни пред 100 години – прекумерна работа, неплатен труд, кратење на правото на одмор, прекарна работа без никакви права.
„Најмалку 90 проценти од медиумите, печатени, телевизии, онлајн, се соочуваат со кршење на елементарните работнички права“, вели Павле Беловски, новиот в.д. претседател на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), човекот што треба да се соочи со оваа комбинација од некомпатибилни, но тесно поврзани предизвици.
Со возраста, Беловски припаѓа на дигиталната генерација, а познавањата на природата на работните односи како „единица труд во замена за одреден надомест“ и на принципите на синдикализмот му достигнуваат до почетоците на ова движење. Како нов лидер на ССНМ остава впечаток дека ги разбира задачите што стојат пред него. Но, сѐ уште е на почеток.
Беловски доаѓа на чело на оваа организација откако таа наполни 10 години и помина едни од најтешките денови за македонското новинарство, во кои беше напаѓана и етикетирана како „непријателска“, заедно со другите медиумски организации (Здружението на новинарите, Советот за етика). Неговата денешна задача не е полесна од таа на неговите претходници, но вели дека има една важна предност.
„Сега барем знаат дека не можат да нѐ екскомуницираат како порано и мора да бидеме вклучени кога се одлучува за медиумските прашања“, смета Беловски.
Нѐ обвинуваат дека ги кочиме државните пари за медиумите
Тоа воопшто не е мала предност, со оглед на очекувањата дека следува период во кој ќе се носат важни одлуки за медиумите, пред сѐ, за нивното финансирање.
Пандемијата со корона вирусот и тешките економски последици што таа ги предизвика дојдоа во еден многу неповолен момент за медиумските компании. Рекламниот колач, од кој зависи нивната егзистенција, веќе на големо се нагризуваше од онлајн-просторот и од социјалните мрежи, а со здравствено-економската криза, тој дури и се скрати, затоа што компаниите-огласувачи мораа да штедат. Некои телевизии се соочија со пад на рекламирањето од 70 проценти.
По старото правило дека очајните состојби бараат очајни решенија, владата минатата година отстапи од заложбата дадена на почетокот на мандатот под притисок на медиумските организации – дека нема да истура државни пари во приватните медиумски компании. Тогаш беше потребно да се испрати јасна порака дека во корен се пресекува праксата на претходната влада, која даде 26 милиони евра за рекламирање само во телевизиите, и со тоа го купи нивното наклонето известување.
Пандемијата не ги врати рекламите, како тие за трети деца, први чекори или национална гордост што ги емитуваше старата влада, ниту донесе нови во склад со идеолошките позиции на новата. Но, ги врати милионите. Повеќе од три милиони евра државни пари добија медиумите како помош за плати и придонеси или покривање други трошоци од државниот буџет.
Пандорината кутија се отвори, но од неа досега се истури само онолку, колку да се преброди првиот бран на кризата. Многу раце ја тресат од различни страни за да истури уште малку, а синдикатот и партнерските организации се обидуваат, ако не може да ја затворат, барем да ѝ стават славина со која ќе се регулира текот и користењето.
„Ова е можеби најважното прашање со кое ќе се соочуваме, бидејќи последиците од пандемијата допрва доаѓаат. Ние, како синдикат, зазедовме генерален став – не за бланко, про боно државни пари во медиумите. И затоа пандемијата не смее да биде алиби за закани за кратења на платите и за отпуштања, а сето тоа да биде како уцена до владата – дајте ни пари или ќе престанеме да постоиме. Мора да направиме модел за такво финансирање и сега е шансата за тоа“, нагласува Беловски.
Како прв човек на ССНМ, тој предупредува дека опасната замка што се крие во сегашната ситуација е да се донесат одлуки со кои ќе се даваат државни пари за опстанок на медиумите. Нешто што веќе две години се прави со печатените медиуми, а што, според него, не донесе екстра квалитет за граѓаните, чии пари се користат за весникарските субвенции.
„Синдикатот наметнува една нова димензија, а тоа е развој на медиумите. Значи ако веќе граѓаните треба да платат, треба да видат и продукт“, вели Беловски.
Единствената форма на државно финансирање што тој би ја поддржал како синдикален лидер е со фонд во кој медиумите ќе може да аплицираат со развојни проекти, и каде што ќе треба да се даде отчет за секој денар. Синдикатот, заедно со партнерите, треба да има целосен увид и контрола во процесот, зашто да се осмисли дури и најдобриот можен модел, сѐ уште ќе биде голем ризикот од корумпирање на медиумите.
Но, додека новинарските организации инсистираат на градење механизми, другите две страни – владата и медиумските сопственици, бараат брзи решенија, што го доведува синдикатот во една апсурдна положба да биде обвинуван дека го кочи влезот на пари во медиумите, и со тоа работи против интересите на работниците.
„Ние сме во менгеме. Сопствениците ни велат – не ни дозволувате ние да добиеме пари, ние ќе затвориме, вашите работници ќе останат без работа“, вели тој.
Важноста да се одржат големите системи и редакции
Во анализите за медиумските состојби, често се споменува заклучокот дека пазарот е презаситен, односно има многу повеќе медиуми отколку што има пари за нив. Според Беловски, каков било модел на финансирање да се најде, тој не треба да го попречува процесот на природна, односно пазарна селекција. Но, квалитетот треба да биде основен критериум за тоа кој ќе опстане, а кој нема.
Освен со меѓусебната конкурентска борба, медиумите се соочуваат и со притисокот од социјалните мрежи, кои се наметнаа како алтернатива за многу од нив. Секој со пристоен мобилен телефон и со можност за закачување големо количество гигабајти на интернет може да информира за сообраќајна несреќа или за случувања во соседството. Многу побргу отколку што тоа би го направиле традиционалните медиуми и новинари.
Овие технолошки скокови на глобално ниво го наметнаа прашањето дали новинарството може да опстои како професија, и во која форма.
„Точно дека секој може да слика со мобилен и да сподели иформација, но да не заборавиме – секој може и да набере тревки од планина и да направи лек, но тоа не го прави лекар“, вели Беловски.
Затоа тој смета дека новинарството треба да се држи до големите системи, какви што се Би-би-си и Си-ен-ен, на пример во светот, или какви што се редакциите на големите телевизии на локално ниво. Тие, како што вели, се јадрата околу кои се распостелува целата преостаната медиумска сцена. Тие подлежат на закони и на стандарди што служат како мерило за целата сцена.
„Тука доаѓа новиот кадар, се обучува од повозрасните, па потоа можеби се пренасочува и се користи за другите варијанти на медиуми, како што подкастите, интернет-просторот, а во иднина ќе има и холограми со 5Г мрежата. Така што, нашата професија е условена од големите системи. Не можеме да зборуваме за демократско општество без системи што подлежат на легислативи“, додава Беловски.
Од аспект на синдикатот, токму телевизиите се местата каде што најмногу се почитуваат работничките права, иако, од друга страна, таму се и најголемите исклучоци, односно кога кај нив има прекршување на правата, тоа е од скандалозни размери и станува вест.
Од друга страна, Беловски вели дека дигиталниот медиумски свет можеби не се соочува со такви еклатантни, видливи кршења на работничките права. Но, таму, додава тој, има состојба на анемичност кон почитувањето на правата, во која самите новинари не се заинтересирани, си дозволуваат да работат и по 20 часа на ден, во викенди, на празници итн.
„Ние не можеме да штитиме некој што не сака да биде штитен. Секој треба да биде свесен дека некаде му се кршат работничките права за да почувствува потреба да се обрати до нас, или да стане наш член и понатаму да се бори. Ние, сите, мора да бидеме на едно место. Еве, на пример, имаме аспекти и проблеми со кои се соочуваат онлајн-медиумите, а ние не ги знаеме, затоа што тие новинари, тие медиумски работници, не чувствуваат потреба да бидат проактивни за работничките права, за да дојдат кај нас, да ги соопштат, за ние да можеме да изработиме предлог и да настојуваме да се најде решение“, нагласува Беловски.
Во двете сфери, пак, најголемиот проблем е заменливоста на кадарот, наметната од спуштањето на критериумите за квалитет. Од самото споменување на терминот „слободна професија“ за новинарството, во која секој може да влезе, Беловски се вознемирува.
„Зошто има заменливост? Затоа што не се бара квалитет. Ќе бидеме тешко заменливи ако квалитетот е на цена. Тогаш и платите природно ќе растат. Но, ние сме на ‘дај ново дете’. Ново дете ќе дојде. Знае ли? Ќе го научиме. Дај ново дете ни ја уништи професијата“.
Само со зголемувањето на квалитетот може да се привлечат и нови кадри во новинарството, кое не е атрактивно за младите луѓе, во конкуренција со подобро платени занимања каде што не се трпат политички последици.
Синдикалната работа не е само односот работодавач – работник
Уште од своите почетоци, Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници се наметна како организација, која не се занимава само со работничките права, како најтесно дефинирање на синдикалната работа, туку и со сите други прашања поврзани со медиумите, медиумските стандарди и политиките во врска со нив.
Иако често и во самата организација се соочувале со внатрешни дебати дали да реагираат на одредени прашања што се наметнуваат во јавноста, а што не се директно поврзани со работничките прашања (како дезинформации и лажни вести, политички влијанија и притисоци итн), Беловски вели дека синдикатот нема дилема дека неговата улога треба да остане поширока.
„Слободата на медиумите и слободата на изразувањето ни се пропишани во статутот, како дел од универзалните човекови права. Така што, она што е генералната слика за синдикатите од 1960-тите или од 1970-тите години е целосно променето. Ние имаме синдикати во високоразвиените земји, кои воопшто не се занимаваат со работнички права, зашто немаат потреба од тоа. Тие се занимаваат со амбиентот. Контекстот во кој работат медиумските работници“, вели привиот човек на ССНМ.
Амбиентот секако го опфаќа и социјалниот праг, додава тој, бидејќи „гладниот“ новинар не може да биде слободен новинар, но во него се вклучени и законите, правилата, заканите, стравот, притисоците и стандардите на професијата.
Колку е ниско скалилото од кое ССНМ треба да тргне кон поправање на амбиентот покажува тоа што во сегашниот амбиент недостасува токму културата на синдикалното организирање. Проблем што не постои само во новинарството.
Слично како и други синдикални или работнички лидери, Беловски се соочува со наметнатото поимање на синдикатот како на „непријател на газдите“. Со промената на таа свест и со сфаќањето на синдикалното движење како партнер и медијатор меѓу работниците, работодавачите, носителите на одлуки и другите засегнати страни, прво треба да се дојде до нултата точка, па од таму да почне искачувањето.
И самиот е, вели, свесен за таа позиција.