Менаџери на кабареа и инспектори поминувале со условни затворски и мали парични казни, иако се соочувале со обвинувања дека фалсификувале или ги немале потребните лиценци или како службеници не презеле ништо за да се казнат ноќните клубови и неодговорните сопственици.
Ова е заклучокот до кој дојде БИРН, анализирајќи ги десетината пресуди, кои се јавно објавени, а кои се поврзани со нерегуларности во работата на македонските кабареа. Дел од овие пресуди се донесени од основните судови и за тие случаи не се достапни евентуалните одлуки на повисоките судски инстанци, кои може да бидат поблаги или построги.
По трагедијата во кочанскиот клуб „Пулс“, која однесе 59 млади животи, инспекторите сега излегоа со помасовна акција. Досега детектираа дека повеќето од половина што имале лиценци, не ги исполнуваат условите.
Инспектори „замижувале“ и не виделе голема мака

„Благи“ судски одлуки за несовесните инспектори | Фото: БИРН/Васко Маглешов
Сликовити се случаите во соседните градови Штип и Кочани затоа што доловуваат две крајности во однесувањето на државните службеници. Во кочанскиот случај, инспекторите „замижале“, иако клубот немал лиценца, додека штипските инспектори постапиле според законот откако утврдиле дека кабарето, иако има лиценца, не ги исполнува условите.
Ноќниот клуб од Кочани двапати го има во јавно објавените пресуди. И во двата случаи се работи за осудени пазарни инспектори, кои не го казнувале, иако при контрола утврдиле дека угостителскиот објект нема лиценца.
Се работи за клубот „Тропикана“, кој се спомнуваше во случајот „Детонатор“, во кој, во април 2012 година, низ повеќе градови низ источна Македонија беа уапсени повеќе лица, а резултираше со разрешени полициски функционери, заплена на покер- апарати и со затвор за 15 лица.
„Пулс“ не бил единственото кабаре што работело со фалсификувана лиценца и менаџерите на овие угостителски објекти поминувале со условни затворски казни или со глоба
Две години претходно, во 2010 година, пазарен инспектор влегол во неговиот клуб, утврдил дека нема лиценца, но не му изрекол забрана за работа, како што предвидува законот.
Судот подоцна го казнил инспекторот со условна казна затвор од шест месеци.
Во врска со истиот клуб, друг пазарен инспектор, во јануари 2012 година, одлучил да не го казни. Тој констатирал дека нема лиценца, но не донел решение за забрана за вршење дејност. Кочанското обвинителство повело постапка, а судот одлучил дека инспекторот ја злоупотребил службената положба и го казнил со три месеци условен затвор.
Позитивниот пример е од соседниот град Штип.
Министерството за економија, во јули 2022 година ѝ дала лиценца за кабаре на штипска градежна фирма. Во пресудата се вели дека компанијата ги приложила сите потребни документи и докази, дека ги исполнува законските услови и дека има „соодветни преградни надворешни ѕидови, кровна конструкција и дека влегувањето и излегувањето на гостите се реализира преку два влеза и се обезбедени сите просторно-технички услови за вршење на предметната угостителска дејност.“
Но, само 22 дена по издавањето на лиценцата, во клубот влегле пазарни инспектори. Забележале дека не е сè како што е наведено во документацијата, во која, меѓу другото, пишувало и дека клубот е од затворен карактер.
Виделе дека дејноста се врши на вториот кат, каде што „не постои кровна конструкција од цврста градба, не постојат странични ѕидови, дека објектот е отворен, дека има еден влез – надворешни скали и два лифта, кои во моментот не работеле“, не бил воочен друг влез, а немало и подиум“.
Инспекторите што го побарале имотниот лист, увиделе дека просторот е 439,48 квадратни метри , иако „ согласно Правилникот, кабарето требало да биде со површина од најмалку 100 квадратни метри до најмногу 300 квадратни метри.“
Лиценцата веднаш била одземена.
И во Куманово, во 2012 година, пазарен инспектор одлучил да одземе веќе издадена лиценца од Министерството за економија, бидејќи утврдил дека кабарето се наоѓа во станбена зграда, што е спротивно од законот.
БИРН не успеа да пронајде пресуди во кои се обвинети лица од локалните самоуправи, Министерството за економија или МВР поврзани со издавање на лиценците.
Менаџери-фалсификатори со условни казни

Трагедијата во Кочани го освести системот | Фото: БИРН/Васко Маглешов
Анализата на јавните судски пресуди покажува дека кочанскиот ноќен клуб „Пулс“ не бил единственото кабаре што работело со фалсификувана лиценца и менаџерите на овие угостителски објекти во минатото поминувале со условни затворски казни или, пак, заработувале само глоба.
Имено, летото 2019 година, гевгелискиот суд, условно на три месеци затвор, осудил управителка на фирма, која водела кабаре, зашто претходната година се обидела да го измами Министерството за економија при процесот додека вадела лиценца за ноќниот клуб во Гевгелија.
Проблематична била согласноста што ја издава локалната полиција со која се гарантира дека објектот на ноќниот клуб исполнува минимални услови за заштита на јавниот ред и мир и безбедност во сообраќајот.
Фаличното функционирање на ноќните клубови, државата не го гледала како системски проблем што може да доведе до катастрофални последици
Од она што може да се прочита во јавнодостапната пресуда, осудената директорка се обидела да подметне исправа, која се однесувала на друго кабаре, во друг град од државава и која потекнувала од 2013 година.
Обвинителството побарало, а гевгелискиот суд прифатил таа да биде осудена на условна казна затвор во траење од три месеци.
Во друг случај, шест години претходно, пролетта 2013 година, судот во Штип, условно на три месеци затвор, осудил директор на фирма, бидејќи претходната година на пазарната инспекција, при увид ѝ презентирал фалсификувана лиценца за кабаре.
Инспекторот правел увид на 24 мај, 2012 година и првите луѓе на кабарето му кажале дека лиценцата не била во просториите на клубот и оти ќе му ја донесат отпосле.
Неколку дена подоцна, тие приложиле лиценца со датум на истекување од 18 јуни 2012 година, а инспекторот, по проверката, увидел дека вистинската лиценца била до 18 мај 2012 година, а не еден месец подоцна. Пазарниот инспекторат го пријавил директорот на кабарето дека се обидел со фалсификат да го затскрие фактот дека за време на увидот, лиценцата му била истечена цела една седмица.
Затоа обвинителството побарало, а штипскиот суд прифатил, тој да биде осуден на условна казна затвор во траење од три месеци.
Фирмата добила 100.000 денари казна и обврска да ги плати судските трошоци.
Истото лето, во 2012 година, пак, пазарен инспектор отишол во контрола, во кабаре во Куманово. Забележал дека на ѕидот имало истакнато лиценца, но утврдил дека таа е лажна и дека не ја издало Министерството за економија.
Инспекторот му ставил пломба на објектот, која сопственикот ја отстранил. Истото го сторил и вториот пат кога повторно кабарето било затворено. Затоа сопственикот бил и казнет со глоба од 700 евра.
Нема лиценца – нема проблем

Мали глоби за работа без лиценци| Фото: Pexels
Кабареата, пак, кои биле затекнати без лиценца, поминувале само со парични казни во бавни судски процеси, покажува анализата на БИРН, на јавно објавените судски одлуки.
Илустративен е примерот со скопско кабаре, кое во 2012 година било затекнато од пазарната инспекција дека работи без лиценца, а три години подоцна добило минимална парична казна, која фирмата и директорот не ја платиле зашто во меѓувреме случајот застарел.
Имено, пазарната инспекција, во јули 2012 година утврдила дека угостителскиот објект работи без да поседува лиценца по што побарала судот да им изрече парични казни на фирмата и на директорот. Судот дури во 2015 година ги казнил со по 1.000 и 2.000 денари, фирмата и управителот, по што пазарната инспекција одлучила да се жали кај повисокиот, Апелациски суд и да побара максимални парични казни.
Случајот дополнително се пролонгирал до следната 2016 година. И тогаш, наместо поголеми казни, како што очекувала инспекцијата, Апелацискиот суд ги ослободил од одговорност и фирмата, и сопственикот зашто делото во меѓувреме застарело.
Контролите во Куманово 2013 година, пак, утврдиле дека едно кабаре воопшто нема лиценца. Судот го осудил правното лице со 3.000 евра казна, а управителот со 700 евра.
Изречените казни за неправилностите на македонските кабареа го покажува и она што сега, по кочанската трагедија, на сите им е јасно – фаличното функционирање на ноќните клубови, државата не го гледала како системски проблем што може да доведе до катастрофални последици.